Ниски плати во високото образование - УКИМ пред штрајк
23 септември 2022Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје очекува средба во Владата за исполнување на нивните барања, а доколку таа не се реализира до крајот на идната недела, најавува медијација пред штрајк. Тие тврдат дека уште минатиот месец им била најавена средба во Владата, но дека се уште не се повикани на разговори.
На премиерот Димитар Ковачевски планираат да му изнесат барања за потпишување Колективен договор и постепено покачување на платите, по 25 отсто на годишно ниво. „На тој начин по четири години ќе стигнеме на ниво од 100 отсто покачување, некоја достојна плата за вработените на најстариот и најголемиот универзитет“,вели претседателот на Синдикатот, проф. д-р Ангел Ристов.
Синдикатот реагира за ниските плати во високото образование, кое речиси се приближиле со приходите во основно и високо образование. „И една просечна плата е повисока од платата на еден доцент доктор на науки. Никаде во светот нема вакви плати во високото образование, и во регионот имаме најниски плати“, реагира Ристов.
Синдикатот на УКИМ во јуни веќе организираше предупредувачки протест пред Ректоратот, а најави и мирен протест пред Владата, кој беше откажан по ветувањата дека нивните барања ќе бидат ставени на маса од страна на надлежните институции.
Доколку и овој пат не бидат повикани на разговори, тие најавуваат медијација пред започнување штрајк. Тоа е правен лек кој ги интензивира преговорите на договорните страни. Тогаш има законска обврска договорната страна, конкретно Собранието, со посредник медијатор да ги отпочне или продолжи преговорите кои застанаа токму кај процентот на покачувањето на платите.