„IQAir“: Скопје во трка за најзагаден град во светот
23 декември 2022Главниот град Скопје деновиве повторно руши рекорди по загаденост,со што влезе во сериозна трка да стане најзагаден град во светот. Жителите на главниот град изутринава се разбудија обвиткани во густ смог, а ситуацијата не е ништо подобра ниту во градовите во внатрешноста каде изминативе денови се чувствува чад во воздухот и се потешко се дише. Граѓаните се советуваат да ги затвораат прозорците и што помалку време да поминуваат на отворено. Спасот од загадувањето многумина повторно го побараа во носењето заштитни маски на отворено.
Скопје утрината во еден момент се искачи на третото место по загаденост на листата на поголеми градови во светот - со индекс на загаденост од 182, според интернет платформата „IQAir, која објавува сопствени податоци за загаденоста во градовите ширум светот во реално. Први на листата утрината беа Делхи во Индија со индекс од 215 и Лахор во Пакистан со 255. Главниот град на Северна Македонија води „мртва трка“ со Сараево во Босна и Херцеговина, каде индексот на загаденост утрината беше 177. Подолу на листата се градови во Кина, Ирак и Монголија, но и Белград во Србија и Софија, Бугарија. Во меѓувреме денеска попладне Скопје падна на шестото место на истата листа.
Аларм во повеќе градови
Загадениот воздух во Гази Баба, Гостивар, Струмица, Битола, Прилеп и Кавадарци изутринава го вклучи алармот на мерните станици, кои забележаа висок индекс на опасен воздух. Мобилните апликации за мерење на квалитетот на воздухот, кои денеска засветеа виолетово, укажуваат на екстремно загаден воздух и во Охрид, Доминантен загадувач се ПМ 2.5 честичките.
Надлежните стравуваа дека не очекува тешка зима во која ќе се користат нечисти горива за производство на електрична енергија и за затоплување на домовите, што ќе го зголеми загадувањето на воздухот. Невладините организации изминатиот период посочуваа дека зимава ќе има големо загадување поради ПМ честичките, како и емисиите од стакленички гасови кои ги испуштаат сите термоелектрани, кои ќе користат јаглен и мазут. Граѓаните кои не можат да врзат крај со крај често посегнуваат по се што ќе најдат за да ги стоплат своите домови, не водејќи смета за густиот чад кој се издига од нивните оџаци.
Студиите за загадување во главниот град покажаа дека воздухот во Скопје нема да се прочисти се додека масовно се користи дрвото за огрев . Но, покрај согорувањето на биомасата коешто претставува најголем извор на загадување на амбиенталниот воздух, како „трујачи“ на воздухот се посочуваат и индустријата и градежништвото. Загадуваат и автомобилите, поради што надлежните предлагаат алтернативи - пешачење, возење на велосипед и користење на јавен превоз.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, во неколку наврати укажа дека и граѓаните, како и институциите треба да се грижат за животната средина и да ги почитуваат стандардите, во однос на затоплувањето на нивните домови во зимскиот период.
Инспекторатот нема надлежност да влегува во домовите
За загадување на амбиенталниот воздух во Скопје досега се стигнати повеќе претставки од граѓани, но Државниот инспекторат за животна средина нема надлежност да влегува во домовите на граѓаните кои користат недозволени средства за затоплување, без судска дозвола.
„Во неколку наврати им укажавме на граѓаните, а и студиите покажаа, дека загадувањето доаѓа претежно од затоплувањето на домаќинствата. Имавме повеќе претставки коишто укажуваат дека одредени граѓани користат недозволени средства за затоплување. Но, ние како Државен инспекторат немаме надлежност да влеземе во нивните куќи, без судска наредба или одлука“, вели директорот на Инспекторатот, Сретен Стојковски.
Тој апелира граѓаните да користат извори за греење што не ја загадуваат животната средина. Тоа значи да се избегнува, пластика, гума, дрво од индустријата за производство на мебел и слично.
Инспекторите за животна средина може да интервенираат и излегуваат на терен само во случаи каде има натрупување на отпад во дворовите и да пишуваат казни. Во последните три-четири месеци санкционирани се четири-пет физички лица со казни од 250 евра, сума која е преполовена на 125 евра, бидејќи е платена во рок од осум дена, а лицата се задолжени да ги исчистат површините каде што складирале отпад.