Службените возила ќе добијат таблички во боја
20 ноември 2024Сите службени возила ќе бидат обележани со специјални регистарски таблици во боја за да се избегне нивната злоупотреба. Ќе се воведат и телефонски линии на кои граѓаните ќе може да пријават злоупотреба на автомобилите, по кои потоа ќе се постапува. Ова го најави директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски.
„Одлучивме да воведеме специјални таблици во боја, а регистарот паралелно да го работиме во текот на годината. Правилникот го имаме донесено и сега се чека на потпис на министерот за внатрешни работи. Тие специјални таблици бројат околу 6.500 за сите возила на територија на цела Македонија“, изјави Томовски во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа.
Ослободување од старите возила
Според директорот на СОЗР, од вкупно 120 возила во сопственост на СОЗР само десет се функционални.
„Ние како СОЗР ги опслужуваме сите вип личности со 45 шкоди, кои секои три години се обновуваат на оперативен лизинг и имаме плус уште 120 возила кои се во сопственост на СОЗР. Кога го преземавме кормилото на службата, функционираа 10, а останатите 110 возила не се сервисирале воопшто. Од тие 110 ги ставивме барем 50% проценти во функција, а за останатите е отпочната постапка за продажба според закон“, посочи Томовски.
Подновување со електрични и хибридни
Владата на 17 септември годинава донесе одлука за воведување посебни регистарски таблици во боја за автомобилите на државните институции. За таа цел формирана е комисија за отпочнување на измените и дополнувањата на Законот за користење и располагање со стварите во државна и стварите во општинска сопственост и на Законот за возила со кои треба да се воспостави регистар на сите државни возила кои ќе бидат обележани со регистарски таблици во посебна боја.
Премиерот Христијан Мицкоски во септември најави дека Владата ќе набавува нови возила, меѓу кои електрични и хибридни. Но, набавката ќе се планира во следниот буџет. Сите институции се задолжени да направат попис на потребите на возила.
Ова не е прв обид за ставање крај на злоупотребите со користење на службени возила. Во минатото имаше повеќе вакви иницијатива, откако и МВР и Антикорупциската комисија постапуваа во случаи каде што имаше наводи за злоупотреба на службените возила во приватни и партиски цели. Поранешниот состав на Антикорупциската комисија бараше поригорозни мерки за ваквите злоупотреби. Токму тие предложија регистрациите на сите службени возила да бидат обоени во една боја и да бидат достапни на граѓаните да видат и да следат како се движат функционерите со службени возила. Но, од 2021 година досега овој предлог не се спроведуваше.