Шолц и Мерц - предизборна кампања во Бундестагот
14 ноември 2024Даночни олеснувања, поттик на економијата, зголемување на детскиот додаток, опстојувањето на субвенциониран железнички билет - ова се само четири од околу 100-те планови на сојузната влада кои беа стопирани по распадот на семафор-коалицијата во Бундестагот. На СПД и Зелените им недостига парламентарно мнозинство откако беше разрешен министерот за финансии Кристијан Линднер, а Либералите ја напуштија владината коалиција.
Во владината изјава канцеларот Олаф Шолц потврди дека ќе го отвори патот за предвремени избори и рече дека „затоа ќе побарам гласање на доверба на 11 декември, за да може Бундестагот да одлучува за тоа на 16 декември.“ Сојузниот претседател потоа ќе го распушти парламентот и 23-ти февруари ќе биде резервиран за нови избори.
Унијата од ЦДУ/ЦСУ не сака да биде „заменски играч“
Сѐ додека новоизбраниот Бундестаг не се состане за прв пат, сегашниот Бундестаг останува принципиелно способен да работи и да донесува одлуки. Канцеларот тука гледа шанса. „Треба да го искористиме времето што го имаме сега и заедно да одлучуваме за многу важни закони за граѓаните кои не трпат одложување и кои се неопходни“, апелираше Шолц до најголемата опозициска пратеничка група од ЦДУ и ЦСУ. „Да работиме заедно за доброто на земјата сѐ до предвремените избори“, рече Шолц.
Но, Унијата не сака паушално да прифати такво нешто, па претседателот на пратеничката група и лидер на ЦДУ, Фридрих Мерц, со остри зборови до Шолц рече дека „ако сакате да завршите проекти на вашата пропадната влада со наша помош, ви велиме дека не сте во позиција да наметнувате никакви услови овде. Ние не сме замена за вашата разбиена влада“, рече тој.
Без буџетот за 2025 година недостигаат пари
За поединечни проекти би можело да се разговара и да се носат одлуки, но дури кога ќе заврши постапката за предвремени избори, вели Мерц, кој ќе влезе во трката како кандидат на Унијата за канцелар. „Откако ќе одлучиме за прашањето за доверба, не претходно, затоа што не им веруваме на ветувањата што ни ги давате сега“, рече Мерц.
Унијата не нуди поддршка во многу сфери. „Ќе поддржиме промена на Уставот што ќе ја зајакне позицијата на Уставниот суд во нашата уставна структура“, рече Мерц, а постои и простор за избор на друг или нов судија во Сојузниот уставен суд. Но, тука завршува списокот. „Некои одлуки, господине канцеларе, кои веројатно би сакале да ги носите, објективно нема да бидат можни затоа што ќе влеземе во следната година без одобрен буџет".
На каде се движи Германија?
Во дебатата стана јасно дека во наредните недели може да се очекува јасна кампања на профилирање од ЦДУ/ЦСУ и СПД. Шолц уште еднаш потврди дека семафор - коалицијта пропадна поради пари. СПД и Зелените постојано бараа да се реформира должничката кочница и неуспешно бараа од ФДП да земе дополнителни кредити.
ФДП „надворешната, внатрешната, економската и социјалната сигурност“ ги играше една против друга, рече Шолц и додаде дека не можел да го дозволи тоа. „Никогаш нема да ги ставам граѓаните пред избор - или ќе инвестираме во нашата безбедност, или во добри работни места и економија и инфраструктура. Или даваме пари на Бундесверот, или имаме сигурни пензии. Или ја поддржуваме Украина, или инвестираме во Германија“.
Унијата бара темелни промени во политиката
Фридрих Мерц во Бундестагот не изнесе детали околу тоа како ЦДУ и ЦСУ би се однесувале со буџетските средства, доколку победат на изборите. Јасно е дека влада предводена од него би сакала помалку пари да троши за социјални потреби. Социјалната помош сака тотално да ја смени и со тоа еден од преферираните проекти на СПД.
Идеите на Унијата за енергетската политика одат контра волјата на Зелените. „Сакаме да се оддалечиме од едностраната посветеност на ветерот и сончевата енергија, е-мобилноста и топлинските пумпи", рече Мерц.
И во други области Мерц гледа значителна потреба од промени. „На Германија ѝ е потребна суштински различна политика, особено во однос на миграцијата, во надворешната, безбедносната и европската политика и во економската политика“, рече тој во Бундестагот. Последното е особено важно, особено по изборната победа на Доналд Трамп во САД.
„Точниот одговор од нас не може сега да гласи уште поголем протекционизам и можеби уште повисоки царини од наша страна. Мора да ја вратиме меѓународната конкурентност на германската економија, да ги засукаме ракавите, да го вратиме во ред пазарот на трудот и да го намалиме даночното оптоварување на домаќинствата и компаниите во Германија“, потенцираше Мерц.
СПД и Зелените повикуваат на разумност
Ако се земат предвид актуелните анкети, ЦДУ и ЦСУ јасно предничат. Но партиите од Унијата при победа би зависеле од коалициски партнер, истакнаа социјалдемократот Шолц и министерката за надворешни работи на Зелените, Аналена Бербок. Тие повикаа на разумност во претстојните политички конфликти. „Дефинитивно нема да стасаме никаде со несмасни обвинувања, со изборна кампања на поделеност, ниту со навреди“, рече Бербок.
„По изборите, демократските конкуренти ќе седнат на иста маса и ќе мора да се гледаат во очи“, нагласи Шолц. „Конкурентите мора заедно да изнаоѓаат решенија. Тогаш не е важна поларизацијата, туку надпартиската соработка и компромис“, додаде канцеларот.
Остро разграничување од АфД
Тоа му е јасно и на Мерц, кој нагласи дека може да си замисли да соработува со Либералите. За Унијата во никој случај не доаѓа предвид коалиција со Левица, Алијансата Сара Вангенкнехт и делумно десно-екстремната АфД.
„Ниту пред, ниту потоа, ниту во кое било друго време нема да има соработка меѓу мојата група и вашите претставници, без разлика со колку луѓе ќе седите во следниот германски Бундестаг“, рече Мерц, обраќајќи се на АфД.